Ајрис Апфел доаѓа во градот на светлината! Откако кинескиот уметник Аи Веивеи подготви инсталација во познатата стоковна куќа Bon Marché сега ред е изложба да подготви њујоршката доајенка на ексцентричниот стил. Наречена „Ајрис во Париз“, изложбата ќе се случи од 27 февруари до 26 март и ќе се состои од излози и поп-ап продавница со витрини кои ќе отријат десет модни комбинации што Апфел ќе ги склопи за различни активности во францускиот главен град. -Верувам во прикладно облекување за разни пригоди, се чини дека тоа е излезено од мода. Но, дозволете ми да нагласам дека не живеам за да се облекувам и дотерувам. Јас не сум празноглава fashionista – изјави 94-годишната Ајрис за WWD. Таа ќе присуствува на инсталацијата во Bon Marché во Париз, и многу се радува на тоа, бидејќи десет години не го посетила градот. Позната по својот ексцентричен изглед кој се состои од шаренолика облека, многу накит и огромни рамки за очила, таа ќе понуди своја визија за неколку стилски комбинации. -Поголемиот дел од времето јас не сум дотерана и накитена со накит. Во текот на денот носам фармерки или хеланки, или нешто слично. Не можам да работам кога сум дотерана, а работам скоро цело време, што значи дека не сум постојано во „целосна церемонијална облека“. Но, ако треба да одам на вечера во Париз, и ако знам дека ќе одам на опера или на некоја посебна модна ревија, тогаш верувам дека не треба да изгледам како клошар – смета таа. Апфел исто така ќе понуди неколку парчиња на продажба кои се нејзин дизајн, како чанта од монголска волна, огромни очила за сонце во нејзин стил, накит, нотеси, чаши, чадори и марама со мотив на Ајфелова кула нацртана од Ерик Жириат, кој исто така направи илустрации со Ајрис кои ќе може да се погледнат на изложбата. -Не знам зошто луѓето сакаат да се облекуваат толку исто и предвидливо. Јас не знам дали е тоа притисок меѓу врсниците, или фактот дека не сакаат да направат грешка, а облеката е толку скапа што сакаат да играат на сигурно – вели Ајрис и се надева дека со комбинациите на изложбата ќе ги охрабри луѓето да излезат од својата комфорна зона и да ги преминат границите на сопствениот стил. (К.Т.)
Нема коментари