Дизајнерот на накит од дрво Глигор Кузмановски утре (21 октомври) во 20 часот ќе ја отвори својата изложба „Дрвени приказни” во скопското арт-кафе „Концепт37“. „Дрвени приказни” претставува омнибус од повеќе приказни работени во последниве година-две. Дизајнерот на модни додатоци инспириран од многуте патувања, различните култури, времето, спомените и чувствата, во својата постановка опфаќа повеќе теми, кои се разликуваат стилски една од друга. Креациите се изработени од орев во комбинација со алуминиум, а има и игра со боја, метал и стакло. Кузмановски направи и промотивна фотосесија за колекцијата со Ана Лазаревска (АНЕМОНЕ) и Марија Николовска.
Ова е прва самостојна изложба на креативецот, кој има дипломирано Историја на уметност со археологија. По скопската промоција постановката „Дрвени приказни” ќе биде претставена во мултимедијалниот простор Le petit Canibaal во Валенсија, Шпанија.
За добрата атмофера на отворањето во „Концепт37“ ќе се погрижи диџеј Rodrigo Miravalles (Suvo Oko).
Љубовта кон давање нов живот на парчето дрво кај Глигор се развила уште во раното детство, кога сам си ги изработувал играчките. Во тинејџерските денови почнал да креира накит со првите монисти. Дизајнира прстени, алки, ѓердани, обетки и брошеви од дрво со уникатен дизајн. Најчесто како материјал го користи оревот, но некогаш употребува и дрво од смоква, цреша. Покрај самостојната работа како дизајнер на накит има остварено и соработки со модните креаторки Росица Мршиќ (на две нејзини колекции: есен-зима 2011/12 и пролет-лето 2012) и со Силвија Михајловска од „Алшар“ (колекција есен-зима 2014).
Кузмановски често учествува на базарите, групните изложби, поп-ап продавниците и хуманитарните настани кај нас. Има претставено свои скулптури во Музејот на Свети Николе (2007) и Мала Станица (2008). Имаше заедничка изложба на накит со својата колешка Елена Ристовска во рамките на „Поетски ноќи- Велестово“ (2011). Беше дел од групната постановка „Накит на метро” во МКЦ (2012), а колекцијата „Вулкан” ја претстави на Неделата на дизајн во Скопје, истата година. Во 2013 година учествуваше на „Мода за понети” во „КЦ Град“ во Белград, колекцијата The sea inside ја претстави на групна изложба во Музеј на македонската борба. а . Оваа година беше дел од поп-ап продавницата во кафе-бар „Цреша“. Годинава се претстави на продажната изложба на манифестацијата „Прво па женско“. Глигор ја изработи и статуетката за најдобра манекенка на наградите на Stylist.mk доделени по пролетното издание на Моден викенд-Скопје.
Нема коментари