Ретроспективна изложба со креации од македонската дизајнерка Росица Мршиќ ќе биде отворена утре (петок) во 19 часот во шоурумот „Иван Асен 22“ во Софија. Пред бугарските љубители на модата ќе биде претставена селекција од 17 најпрепознатливи фустани од досегашните колекции на Мршиќ. Настанот е по иницијатива на тимот на концептуалната продавница, каде што неколку години наназад се презентираат колекциите на Мршиќ.
-Голема чест ми е што се одржува изложба на мои креации, особено што тоа е во една странска земја. Благодарна сум на поддршката и иницијативата на Нели Митева од „Иван Асен 22“ да се претстават парчиња од македонски дизајнер. Тоа е показател дека имаме добар производ за интернационалниот пазар. Направивме потесен избор со носечките фустани од моите изминати 19 сезонски и пет капсулни колекции. Гледавме тоа да бидат модели кои се’ уште се барани и актуелни. Постановката во шоурумот ќе може да се погледне до 30 април -ни изјави Мршиќ, која ќе отпатува во Софија за отворањето на изложбата.

Росица Мршиќ на промоцијата на ланската пролетна колекција „Ирис“ во своето студио во Скопје
Деновиве Мршиќ ја најави и својата 19та сезонска колекција, која ќе биде прикажана на 24 април, во 20 часот во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“, во организација на Моден викенд Скопје. Линијата наречена „Celia“ е инспирирана од портретите на Силија Биртвел насликани од познатиот англиски уметник Дејвид Хокни. Станува збор за урбана и некоформистичка шик колекција која претставува нов израз на дизајнерката Мршиќ која како што вели „се предизвика себеси да работи нетипични за нејзината работа, помеки и лелеави силуети“. Стајлинзите ќе бидат заокружени со накит од стакло дизајниран од Марта Поп Антоска. (А.Н.С.)
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари