Утре, 25 март, со почеток во 20 часови во концептуалното кафуле „Концепт 37“ илустрации ќе изложува Вања Штркова. Оваа млада графичка дизајнерка и илустраторка на својата прва самостојна изложба наречена Life ќе претстави дела на тема секојдневието на една индивидуа која пробува да најде баланс.
-Ликовите кои се илустрирани, како тема на изложбата, ја претставуваат ја претставуваат секојдневната коегзистенција на анимата и анимусот во една личност. Нивната константна игра на преовладување… Додека едниот ја има улогата на создавач на хаос, другиот пробува да ја стиши. Улогите на анимусот и анимата, како што ќе можете да приметите, во завистост од тоа кој ја има доминантноста на личноста, може да се појави во улога на 4 женски ликови, 4 женски карактеристики, или па две деца кои се кријат во хаосот на анимата – стои во објаснивањето на поставката.
Во поголемиот дел од илустрациите на Штркова, машкиот елемент, односно Анимусот, е тој кој е хармоничен, оној кој смирува, додека пак, Анимата е таа која е детинеста , хаотична, емотивна. Иако во поголемиот дел анимусот е смирен, во некои илустрации се појавува како таканаречен „бог на хаосот“ со насмевка на усните. Хаосот е шарен, изобилува со боја, која буди рефлексни емоции, додека смиреноста е црно бела, јин и јанг, баланс на умот. Делата во целост, имаат големо марго од страните, со што авторот посочува на чистотата на самиот живот и како тие две движечки сили (Анимата и Анимусот) левитираат во заеднички баланс. Илустрациите се работени првично на рака, потоа се дигитално обработувани. Изложбата е од продажен карактер и ќе трае до 31 март 2016 година, а на отворањето музика ќе пушта Бојан Чакра.
Нема коментари