Младите архитектки: Елена Мартиновска, Ема Николова, Андријана Тилиќ и Марија Павловска од 20 до 27 ноември ќе ги изложат своите уникатни украси за домот и мебел во скопското арт-кафе „Концепт37“. Идејата за постановката наречена Design is FUN произлегла од долгогодишното пријателство на четирите архитектки. Другарството на овие млади креативки, кое трае уште од студентски денови, е исполнето со размена на креативни идеи кои произлегуваат од работата во различни области на архитектурата.
Design is FUN! е настан на којшто ќе се промовираат нови дизајни на мебел, уреди за осветлување, колажи и фотографии од веќе изведени ентериери на архитектките. Моделите промовирани на Design is FUN! им нудат на љубителите на дизајнот неограничени можности за игра со геометриски форми и бои. Главната цел на овој настан е да се промовира македонскиот дизајн на локално и на интернационално ниво преку интернет, а очекуваниот ефект е од колекциите да излезе сериско производство со етаблирани етикети и имиња препознатливи за авторките. Изложбата, која почнува на 20 ноември во 20 часот е продажна, а производите ќе може да се нарачуваат и по каталог. Исто така, дел од колекциите ќе може да се најдат и во македонските продавници за мебел и за осветлување, со цел освен увезените дизајнерски парчиња од странски производители да се понуди и дизајн креиран и реализиран во Македонија.
Елена Мартиновска е основач на студиото за дизајн и за архитектура „Метатет“, коешто постои од 2012 година. При секојдневната работа од областа на архитектурата и на внатрешното уредување придава особено значење на осветлувањето. Првата колекција дрвени амбиентални ламби Dancing lights ја има изложено во 2012 година на Неделата на дизајнот и на Бела ноќ. Новата колекција амбиентални ламби Single Couples беше најавена на овогодишната Недела на дизајнот со два модела, а колекцијата во целост првпат ќе биде изложена на Design is FUN!
Концептот е секој од десетте модели да биде делив на два дела. Сите модели се изработени од плексиглас во две контрасни бои, со нестандардни кабли, исто така, во боја, за да се симболизира спротивноста на машкиот и на женскиот пол.
Ема Николова е основач на студиото за архитектура и за дизајн „Синo студио“. Првата самостојна изложба ја имаше на овогодишната Недела на дизајнот во Скопје со колекцијата мебел {trikoN}. Втората колекција {trikon} white беше претставена во склоп на Скопската модна недела. На Design is FUN! се претстaвува со селектирани парчиња од колекцијата {trikoN}. Мебелот е изработен од боен метал, полно дрво и фурнир. Освен дизајнирање уникатни парчиња мебел, учествуваше и во создавањето на дел од Single Couples.
Андријана Тилиќ на Design is FUN! изложува три селектирани дизајни на клуб-маси со плочи од фурнир, стакло или медијапан, со специфичен дизајн на ногарки од инокс. Овие модели нудат неограничени можности на игра со бои, материјали и со модели. Освен со архитектура, професионално се занимава и со фотографирање архитектонски простори. Како професионалец во двете области, има изразен осет за контраст, сенка, форма, димензија, боја, композиција, што ѝ придава особен акцент како фотограф на ентериери.
Марија Павловска од 2008 година го гради препознатливиот бренд „Garden MP“, кој е еден од најуникатните креатори на украси, подароци и на честитки. Најчесто ја работи техниката квилинг, меѓутоа сака да комбинира и да истражува различни техники на изразување на дизајнот. Често декорира и простории за разни свечености. Дизајнира и изработува и разновидни елементи за сценографии за реклмни кампањи и други потреби. На Design is FUN! се претставува со две слики изработени во колаж, конкавна и конвексна.
Нема коментари