Ден пред почетокот на десеттото издание, Моден викенд-Скопје во соработка со Општина Карпош, на 22 октомври, во 11 часот ќе ја отвори модната изложба „Арт Ограда“. Станува збор за постановка со фотографии од најновите креации на дизајнерите – учесници на претстојниот Моден викенд. Во сесијата се вклучени креации од Росица Мршиќ, Лидија Георгиева, Александра Митковска, Олгица Ѓоргиева, Ирина Тошева, Стефанија Насеска, Le Brand, Никола Петровски, Мила Кадриу, Андријана Динева (Куфер), Инес Шабан, Јована Филиповиќ, Оливера Штакоска, Златко Јовановски, модната куќа HERA и „Софиленд“. Изложбата на отворено ќе може да се види од 22 октомври до 22 ноември 2014 година, на надворешната ограда на објектот „Државен архив на Република Македонија“ во општината Карпош.
-За нашето десетто јубилејно издание, со Општина Карпош одлучивме, пред сѐ, на жителите на општината како и на сите скопјани, да им овозможиме на „ѕирнат“ во дел од колекциите на нашите дизајнери-учесници. Покрај уживањето во модните трендови, граѓаните ќе имаат можност да ја запознаат подобро својата општина и да ја видат во едно поинакво светло. „Теа модерна“ и овој пат го поддржа „модерното“ и ја „спакува“ ексклузивната фотосесија во едиторијал – подарок за сите читатели ширум земјата кој ќе излезе во бројот на самиот ден на отворањето- изјавија од Моден викенд – Скопје на денешната средба со новинарите во арт-кафето „Концепт 37“.
Фотографиите се направени на осум локации во општината Карпош: новоизградени, реновирани, но и објекти што со децении се заштитен знак на општината. Во улога на модели се познатите македонски актерки Дарја Ризова и Ивана Павлаковиќ, победничката на првото издание на „Танц со ѕвездите“ во Македонија – Јована Василева, како и манекенките од модната агенција „Подиум“: Моника Илиевска, Рене Вајт, Јорданка Михајловиќ и Фаниа Гиачо. За изгледот на девојките се погрижи АVON во соработка со тимот на „Академија Леонтиќ “ и „Бубе Студио Ин“ во соработка со „Lakme“.
На прес-конференцијата беа претставени новите производи на познатиот француски бренд за парфеми, Guerlain. Имено мирисот на Guerlain е официјален парфем на ова издание на Моден викенд.
Нема коментари