Дадилките во елитните семејства на Блискиот Исток наскоро ќе носат униформи креаирани од нашата дизајнерка Ивана Кнез. Таа пред неколку месеци престојуваше во Абу Даби како учесник на саем за луксузна еколошка мода, а сега најавува соработка со компанијата од Дубаи, Savoir Vivre. Како што ни објасни дизајнерката, Savoir Vivre е ексклузивна куќа со седиште во Дубаи, пионер во производство и понуда на униформи за куќни помошнички во елитни семејства од Блискиот исток. Соработка е понудена на тројца дизајнери, покрај Ивана за Savoir Viver ќе дизајнираат Ромеро Брајан и Амал Мурад.
-Секој дизајнер е задолжен за посебен дел од самиот бренд, добивме задача да го разработиме концептот на елитна дадилки инспирирани од класичен рококо, за понатаму да го доведеме до практична примена на истиот – вели Ивана.
Доколку ја посетите интернет страницата на Savoir Vivre уште на почетната страница ќе видите креација на Кнез. Ја прашавме што всушност подразбира соработката со брендот.
-Јас сум задолжена за делот Moda Maison кој во моментов има реализирано еден прототип, а се работи за неколку опции. Темата е опширна и несекојдневна, а на овие простори не постои предизвик од овој размер. Униформите кои ќе се работат за потребите на елитните семејства се на ниво на „македонска висока мода“. Проектот е на самиот почеток, следува развој на самата база, а за понатаму ќе видиме – ни кажа дизајнерката.
Компанијата е од Дубаи, Обединети Арапски Емирати, но интересно е што почетниот чекор за новата соработка се случи пред Ивана Кнез да престојува во Емиратите. Првите контакти биле online, но со нејзиното патување во Абу Даби пред неколку месеци, само биле потврдени и детализирани делови од проектот кој според дизајнерката ќе бара доста време и внимание од двете страни.
-На „коверот“ на самата веб-страница е дизајнот на Moda Maison Ivana Knez за Savoir Vivre. Преостанатите дизајни се на Ромеро Брајан, познат креатор во блискоисточните кругови кој работи исклучиво колекции на висока мода и веќе има етаблиран бизнис. А за поконзервативна варијанта ќе биде задолжена Амал Мурад, позната дизајнерка на абаи (традиционална арапска носија за жени), која што живее во Дубаи. Јас доаѓам како гостин во целиот проект, во кој најмногу сум насочена кон конфекциско-дизајнерски решенија на луксузни униформи – вели Ивана.
Дизајнерката покрај овој проект најавува уште нешто ново под името Submissive Dramawear. Не интересираше што се крие за насловот…
-Ммммм… Првиот peek-a-boo се случува деновиве кога ќе го пуштам изненадувањето за 14 февруари. Што ќе следува понатаму ќе откривам дел по дел, можам само да ви ветам дека нема да биде здодевно. Овојпат „Драма“ е во полна форма!
Нема коментари