Дизајнерката Ивана Цветковска која работи под брендот Evee на престојниот Моден викенд-Скопје ќе прикаже колекција инспирирана од уличната мода и заедно со колегата Алмир Мили ќе направи перформанс како дел од кампањата „Да ставиме крај на насилството врз жените и девојчињата – Сега!“. На три дена пред нејзиното претставување на FWSK Ивана открива детали за новите креации.
-Колекцијата е инспирирана од уличната мода, односно од улицата како место кое нуди можност за пронаоѓање и изградба на индивидуален стил преку постојано експериментирање. Токму поради тоа колекцијата носи наслов Street Style – вели Ивана.
Новите модели дизајнерката ќе ги претстави преку перформанс, а во исто време дава поддршка на кампањата на UNDP за борба против насилството врз жените и девојчињата, за што заедно со Мили дизајнираа мотив за маички.
-Да, колекцијата Street Style ќе биде презентирана преку перформанс на претстојниот Моден викенд-Скопје, благодарение на споменатата кампања на UNDP. Огромна благодарност до UNDP за можноста што ми ја даде да бидам дел и да учествувам во оваа кампања која има за цел да ја рашири свесноста за насилството кое се случува околу нас, врз жените и девојчињата. Како дел од кампањата дизајниравме маички кои ја испраќаат пораката да се стави крај на насилството врз жените и девојчињата – сега! и истите ќе бидат на продажба, а собраните средства ќе бидат наменети за хуманитарни цели.
Цветковска за оваа сезона се одлучи да претстави casual, односно секојдневни и едноставни парчиња кои може да се комбинираат на безброј начини. Колекцијата е изработена од природни, меки материјали, а во однос на боите доминираат црна, сива и беж.
-Колекцијата е инспирирана од уличната мода, ги следи светските модни трендови и е на некој начин наменска за споменатата кампања, затоа што се работи за парчиња со едноставни кроеви во кои би можела да се пронајде секоја жена и девојка. Во однос на перформансот немам подготвено посебна кореографија, но за музиката планирам песна со феминистички текст. На 4 април, од презентацијата очекувам добро дружење, голема посетеност и сите заедно да дадеме поголема поддршка на кампањата „Да ставиме крај на насилството врз жените и девојчињата – Сега!” – вели Ивана.
Дизајнерката која веќе се има претставено на Моден викенд-Скопје, а во изминатиов период оваа дипломка на Европскиот универзитет во минатиов период работеше како моден асистент во текстилна индустрија, поради што вели дека го одложила планот за отворање на сопствено модно ателје. Новата колекција секако е мотив оваа година да се посвети на остварувањето на тој план.
Нема коментари