Фокусот на машката мода деновиве е на Лондонската недела на машка мода и на Фиренца, градот во кој се одржува познатиот интернационален саем Pitti Uomo. Вторава дестинација стана актуелна и поради тоа што италијанскиот премиер Матео Ренци лично го отвори саемот на машка мода и додели 2 милиони евра за поддршка на настанот. Тој нагласи дека е важно да се издигне италијанското модно наследство и да се цели на модерниизирање на модата. Исто така, премиерот упати повик до банките да даваат пристап до кредити на италијански мали и средни претпријатија и вети дека Владата ќе помогне преку поедноставување на бирократијата „да се промовира реновирање на оние инфраструктури кои во моментов се блокирани“. Звучи како солидна поддршка без збирање политички поени, нешто што би сакале да се случи и на домашната дизајнерска сцена и текстилна индустрија, нели?
-Италија е единствената земја во Европа која ги има зачувано своите производствени бизнис и на целиот производствен процес. Она што ја прави нашата земја уникатна е тоа што тука креативноста, занаетчиството и производството совршено се совпаѓаат – истакна Карло Календа, заменик- министер за економски развој, кој е горд што италијанските дизајнери своите креации ги произведуваат токму во Италија. Италијанската влада, освен поддршка за овој саем, најави финансиска помош за уште 15 дополнителни саеми за мода и дизајн во земјата.
Премиерот Ренци исто така присуствуваше на настан во палатата Векио на кој заедно со Имран Ахмед, основач на една од најрелевантните интернет странива за модниот бизнис, Business of Fashion, доделија почесни награди за 30 водечки производители на машка мода од светот, а притоа го лансираа BoF Menswear Hub, дел од интернет страницата на BoF посветен на машката мода, на вести и анализи поврзани со производителите на машка облека.
Нема коментари