Инспирирана од тоа како глобалните промени влијаат на нас и како реагираме на нив, младата модна креаторка Искра Џокиќ ја создаде капсулната колекција „Емоции“ за сезоната есен-зима 2016/17 . Станува збор за неколку уникатни парчиња, со несекојдневен дизајн, кои се модна интерпретација на емоциите.
-Колекцијата е слика за тоа како во ова динамично доба реагираме емотивно на глобалните промени. Понекогаш се обидуваме да се заштитиме себеси од тоа емотивно да се врземе за новостите и случувањата кои нè опкружуваат секој ден. Но без разлика колку да ги поттиснуваме емоциите, тие секогаш го наоѓаат својот начин да се манифестираат. Колекцијата е несекојдневна и експериментална во делот каде што си играв со структури од различни материјали за да го постигнам она кое го сакам, кои имаат можност да се носат и независно од останатите елементи-вели Џокиќ.
Таа искомбинирала транспарентни материјали со рељефни за да отслика одредени емоции
-Од емоциите произлезе и концептот за материјалите. На пример, поттиснатиот гнев е изразен преку црвената јамболија, што пак излегува низ геометриските отсечени форми на транспарентен материјал, како да не може веќе да биде контролиран. Следна е ранливоста, каде што направив сопсвена шара/текстура на желатин за да прикажам скршено стакло како симбол за ова чувство. Идејата беше да се игра со два слоја за да се прикаже што е под површината. Понатаму, употребив комбинација на рамни и остри површини за да доловам збунетост и несигурност. Експериментирав и со жица за да направам огромна школка која го обвиткува фустанот за да создаде чувство на заштита. Секогаш сум ја замислувала љубовта како цвеќе кое се развива, цвета, па тоа ме мотивираше да употребам транспарентен материјал за да ја доловам кревкоста и истото го употребив на ракавите ,но, за да го прикажам такво како што е, без ништо сокриено под тоа, затоа што е најчистото и најмоќното чувство. Дел од материјалите беа боени рачно со природни бои, затоа што моја голема желба е да допринесам за одржливоста на нашата планета со употреба и иновација на еколошки производи-открива таа и вели дека креациите се наменети за авангардни девојки и жени.
Џокиќ е дел од новиот бран на македонски дизајнери, школувани во Македонија. Зад себе има неколку мини колекции, презентации и ангажмани поврзани со модата и дизајнот. Препознатлива е по својот авангарден и урбан стил на работа. Ни открива дека планира во скоро време да отвори свој простор за продажба, каде што ќе има можност да се купи оваа колекција, како и сите следни.
-Во план е соработка со еден start-up моден бренд, производите од нашата соработка е предвидено да се продаваат за почеток онлајн, па брендот да се развива понатаму-вели таа.
Неодамна Џокиќ сними промотивна фотосесија за колекцијата со фотографката Емилија Маневска, моделот Симона Ничева, а за шминката и фризурата беше задолжен Бојан Стојановски.
Нема коментари