„Лира е храбра девојка, која не се плаши да експериментира со својот стил, па облеката што ја носи го рефлектира нејзиниот карактер. Спојува навидум неспоиви парчиња облека, кое често кулминира во есплозија на бои или своите минималистички комбинации секогаш ги надополнува со впечатливи детали. Ние сме различни личности , ама тоа го прави уште повозбудлив моментот на креирање…особено ако се работи за шик-девојка како Лира“. Со овие зборови младата креаторка Искра Џокиќ ја опишува својата сестра Лира, со која ја дели пасијата за модата и соработува многу често.
ПР менаџерката Лира е муза на својата сестра Искра, која е дипломиран моден креатор. Искра креира, а Лира знае како да ги носи креациите и како да ги претстави во јавноста. Важи за една од најинтересно облечените девојки кај нас, а многу од тие стајлинзи можеа да се погледнат на претходните изданија на Модниот викенд-Скопје и други модни настани…
- Јас креирам соништа, ги чувствувам другите и околината и го градам нивниот стил врз основа на тоа чувство. Тоа за некои не се совпаѓа со фактот дека најудобно се чувствувам во обични тесни панталони и некоја широка маица или џемпер , додека слушам гласна хипи-музика по дома или најчесто излегувам во моите тотално не-тренди локали со години. Така, не ретко јас сум таа која завршува под „лупата“ на Лира, која ми вели да „откачам“ сo фризурата или да вметнам некоја боја повеќе во мојот плакар. И двете сме тврдоглави во своите ставови, но кога гледам дека ги носи работите кои и ги имам искреирано, знам дека сум ја погодила својата цел -мојата визија за неа се вклопила во незјиниот автентичен стил… Секогаш кога ќе побарам совет за некоја колекција или ги споделувам моите планови за во иднина, наидувам на објективен и зрел одговор од неа. Дури нејзиниот дипломски труд беше поврзан со мојата работа и кој го прочитал знае колку добро ме познава таа, и благодарам што преку нејзиниот труд ги согледав нештата од друг агол и можам да го применам за да бидам подобра во она кое го правам-вели Искра.
Со фотографите Горан Атанасовски и Димо Попчев деновиве изработија фотосесија. На фотографиите Лира се јавува како модел, каде што покрај фустаните во дизајн на Искра, носи и модни додатоци креирани од Ива Димановска.
-Овие фотографии сакав да ги снимам за моето портфолио, како и за Лира-облечена во овие три креации дизајнирани од нејзината сестра. Баш заради тоа не сакав никој друг да ги носи, туку таа. Сè беше спонтано, без премногу шминка и претерани пози, а Лира изгледа релаксирано додека ги носи и ужива во улогата на фотомодел. Идеите за фустаните не се меѓусебно поврзани, едноставно сакав да овековечам дел од парчињата облека кои ги имам направено за неа, а овие три изгледаше како да се поврзани во колоритот. Овие креациисе родија додека Лира работеше на Моден викенд – Скопје, како нивен PR, и за време на други посвечени прилики. Парчињата облека кои ги креирам за неа се различни и ги обединува само мојата визија за изгледот на Лира за соодветниот настан или во секојдневието. Таа веќе има изградено свој специфичен стил и јас го надополнувам со моите креации во момент на иснспирација-раскажува креаторката.
Нема коментари