Ејми Дан е исчезната. Се претпоставува дека е убиена. Главниот осомничен за убиството е нејзниниот сопруг Ник Дан. Вака режисерот Дејвид Финчер нè воведува во сложената приказна на филмот „Исчезната“, кој ќе може да се погледне во скопските кината од 2 октомври. Главните улоги ги толкуваат Бен Афлек и Розамунг Пајк, потоа Нил Патрик Харис познат од серијата „Како ја запознав мајкави“, како и Емили Ратајковски, Миси Пајл и други.
Станува адаптација на светскиот истоимен бестселер кој стана глобален литературен феномен. Романот Исчезната (Gone Girl)веќе се наоѓа на топ листите на најпродавани книги во светот. Книгата, која ги прикажува бракот и медиумите низ призмата на проблематичната економија ја напиша Џилијен Флин, поранешна авторка во списанието Entertainment Weekly, која го напиша и сценариото за филмот.
Згодниот брачен пар њујоршки писатели, Ејми (Розамунд Пајк) и Ник (Бен Афлек) се приморани да се преселат во мало градче во Мисури поради финансиската криза и болеста на мајката на Ник. Од хармоничен и среќен пар кој некогаш биле, стануваат несреќни, отуѓени и осудени да живеат во едно од најздодевните места на светот. На денот на нивната петгодишнина, Ник се враќа дома и затекнува превртена маса и неред во дневната соба што укажува на знаци на борба. Сфаќа дека жена му е исчезната и ја известува полицијата. Меѓутоа, набрзо станува главен осомничен за нејзиното исчезнување, а неговите лаги, измами и чудно однесување ги наведуваат сите да си го постават истото мрачно прашање – дали тој ја убил? Случувањата што претстојат се преполни со шокантни моменти и компликации, но прашањата што остануваат се нешто што погодува и наведува на размислување: Кој е Ник? Која е Ејми? Кои сме и какви сме кога сме во брак.
Дејвид Финчер е американски режисер кој направи некои од најценетите филмови последните две децении како што се остварувањата Седум, Игра, Боречки клуб, Зодијак, Општествена мрежа и други. Филмот Исчезната е негов десетти режисерски потфат. Финчер објаснува што му претставувало најголем предизвик:
-Давав интервју во кое ме прашаа со какви технолошки предизвици сум се соочувал, но факт е дека такви немаше. Најголем предизвик беше да се воспостави тонот кој владее во филмот: дали можеме да со соживееме со приказната? Дали ги разбираме луѓето и нивниот живот?
Нема коментари