Филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески е селектиран да се прикажува на најголемиот интернационален филмски фестивал во Норвешка – Тромсо. Премиерното прикажување ќе биде на 16-ти јануари, а филмот ќе има уште две проекции во текот на фестивалот. „Исцелител“ ќе биде прикажан во престижната програма „Хоризонти“ во која се избрани филмови од различни жанрови и стилови од целиот свет и во која единствен критериум е квалитетот. Во оваа програма се прикажуваат најзначајните кинематографски остварувања од минатата година како: добитникот на 42 награди, американскиот, „Call Me by Your Name“, добитникот на сребрена мечка „Bright Nights“ на германскиот режисер Томас Арслан, добитникот на „Un Certain Regard Award“ на канскиот филмски фестивал „A Man of Integrity“ и други.
Ова е 27-мо издане на фестивалот во Тромсо, кој со бројка од 60 000 постители е најголемиот и најпосетуван филмски фестивал во Норвешка. Малиот град Тромсо е лоциран на островот Тромсоја на најгорниот дел на норвешкиот арктички брег а фестивалот е несомнено еден од најсветлите настани во темнитe јануарски денови без сончева светлина, период одлично одбран за значаен филмски фестивал.
Со ова прикажување продолжува успешната промоција на филмот. Претходно, на новогодишната ноќ „Исцелител“ беше премиерно емитуван на Синемакс 2, канал на HBO, во 14 земји од Централна Европа.
Во изминатите два месеци „Исцелител“ ја освои наградата на публиката на Солунскиот филмски фестивал (прва во македонската историја), специјалната награда за сценарио на Фестивалот на медитерански филм во Брисел, беше прикажан на фестивалите од А категорија во Талин во Естонија и Гоа во Индија, а доби и фантастични рецензии во најзначајните филмски списанија „Варајети“, „Скрин Дејли“ и „Холивуд Репортер“ кој дури предложи идеја да се направи американски римејк на филмот.
„Исцелител“ предизвика огромен интерес и кај домашната публика, тој веќе осма седмица се прикажува во кината Синеплекс и Милениум во Скопје, а ја имаше и својата премиера во Битола и Штип.
Нема коментари