По ревиите на Модниот викенд-Скопје и на Модната недела во Љубљана, дизајнерката Ирина Тошева ја промовира својата колекција за пролет-лето 2015 „Енхалон“ и со фотосесија. Едиторијалот го сними во струга во соработка со модниот фотограф Миладин Паповиќ и манекенката Ивана Гелева од модна агенција „Подиум“. Креативен директор е Кристина Манчева, шминката на Виктор Мирчевски, а за фризурата се погрижи Сашка Кузмановска. Едиторијалот е надополнет со накит и часовници на My Time, очила на оптика Panda Optic и чевли на Chantel.
Дизајнерката секогаш ги подготвува едиторијалите на специфични локации, а овојпат имаше ексклузивно право да снима во луксузниот хотел „Изгрев“ и на неколку локации во Струга.
-Секогаш кога сум во потрага по инспирација се изолирам и долго време поминувам токму на локациите каде е снимана фотосесијата. Затоа, овој пат, тргнав токму од локациите. Сакав да се оддолжам на околината која ми дава мир и креативност – вели Тошева.
Слободна, аморфна, мирна и ладна, дива и моќна. Вода. Нуркаме во длабочините на Енхалон- колекција што е именувана по старото име на Струга, со која дизајнерката потсетува дека водата е извор на сиот живот, и дека таа како и модата никогаш не исчезнува туку само ја менува својата форма. Разиграни принтови и интересни кроеви , мек сензуален памук и сјаен штоф сатен ќе ја разбрануваат нашата фантазија.
„Енхалон“ ќе биде достапна за продажба во нејзиното ателје во Скопје, во Lotus Design Store во Сити мол и низ целиот свет на irinatosheva.com
Таа деновиве ја преставува и својата нова интернет страница www.irinatosheva.com, која нуди информации и новости на едно место, а во рамки на истиот функционира и виртуелен бутик преку кој моделите на Тошева ќе се достапни со само неколку клика. Дизајнот на интернет страницата коренспондира со естетиката на брендот.
Нема коментари