Постои нешто што се нарекува ангажирана мода, начин на кој одредени модни дизајнери преку своето изразно средство – дизајнот, се обидуваат да поттикнат одредени прашања за светот околу себе. Тоа се чини сега дека е манир по кој ја препознаваме младата дизајнерка Стефанија Насеска. Откако го заврте вниманието на модната јавност со колекцијата за есен-зима 2013/14 на која го постави прашањето „Шчо напраифме“ на Крсте Петков Мисирков, алудирајќи на состојбата на македонската мода, младата креаторка продолжи да ја анализира сцената и во следната колекција. Taa потреба да го искажува своето мислење во однос на модата кај нас ja покажа и во пролетната колекцијата „Револуција“. За своето престојно преставување на Моден викенд–Скопје повторно заинтригирува со дискутабилна тема.
- Оваа сезона како и за предходните пробав да го изнегувам она што е блиско до сите нас, нешто што не прави поразични од другите и го обележува нашиот идентитет. За најновата колекција инспирацијата ја пронајдов во нашата азбука, поточно во кирилицата. Колкцијата е насловена „Азбука“ и има малку критички карактер. Пораката која ја носи е многу силна и можеби нема да му се допадне на секој, но сепак тоа е мојот поглед и став кој го изразувам преку самата колекција. Не би можела да кажам дека ја посветувам на сите квази-дизајнери и останати квази-уметници, туку едноставно ќе кажам дека им порачувам прво да ги научат основите на дејностите кои си замислуваат дека ги творат, и да се стекнат со соодветно образование, а потоа да се истакнат како професионалци. Нека се огледаат на примерот на едно прваче кое прво ја учи и научува азбуката, а потоа се описменува, бидејќи модата е една комплексна целина во која аматерите лесно би се изгубиле – смета Стефанија.
И оваа колекција е обид да си го задржи карактеристичниот стил во кој твори односно секојдневието да го претворa во модно случување.
-Сметам дека сегментот на прикажување и конципирање на модните ревии кај нас е се уште на ниско ниво. Бидејќи настапувам во групна ревија, немам многу можност за експериментирање, па тој дел го препуштам на тимот од Модниот викенд во кој имам целосна доверба. Во принцип малку очекувам, многу добивам.
Креациите на Насеска се необични, луцидни и храбри, па само таков карактер на девојки и жени може да биде подготвен да се издвои од мнозинството.
-Како таргет група целам кон храбри девојки и жени спремни за необични комбинации и желни за експериментирање, личности со изграден цврст став и карактер кои сакаат гардеробата да зборува наместо нив. Црната боја е носечка во колeкцијата, но постојано околу неа се надоврзуваат јаки и впечатливи бои – објаснува креаторката.
На Моден викенд-Скопје таа настапува шеста сезона по ред, па континуитетот на настапите на истиот докажува дека e тоа место за прикажување на нејзините колекции.
-Jaс сум задоволна од организацијата и дека секоја сезона е подобра со новитетите кои ги внесуваат, но и со отстранувањето на недостатоците за кои им било сугерирано.
По Моден викенд-Скопје за Стефанија следат нови предизвици.
-Најавувам само фотосесија во соработка со Бранко Михајлоски, млад талентиран и супер надежен фотограф од Прилеп. Додека парчињата ќе може да се најдат во Lotus design store во „Скопје сити мол“.
Taa e се уште млад дизајнер и досега како еден од најзначајните моменти во кариерата ќе ја сметa понудата за учество на модната недела во Ванкувер.
-Во септември добив покана за учество на модната недела во Ванкувер, Канада, но поради краткиот период оваа година за подготовка на парчињата и веќе предходно договорените работни обврски, понудата ја оставив отворена за една од следните сезони. Втората половина од 2014 година ја исполнив едукативно со обуки и тренинзи за програма Lectra која ќе ми го олесни техничкиот дел при спремањето на колекциите во иднина, и како таква мислам да ја заокружам. Kако што се изјаснија ме забележале и им се допаднал мојот стил на творење. За мене тоа претставува огромно признание и посебно ми е драго што доаѓа од луѓе кои воопшто не ме познаваат, туку само ја ценат мојата работа. Тоа ме прави поамбициозна и потрудољубива – ни откри Стефанија.
Доказ дека се движи во вистинска насока е зголемениот број на клиенти со секоја нова сезона , што ја услови потребата за отворање на сопствено атеље во својот град Прилеп.
.-Секоја честитка и секое признание кое доаѓа од личности кои не ги познавам и прв пат ги гледам прават да ги доживувам колекциите како најголеми дотогашни успеси. Меѓутоа, никогаш немаше да бидам ова што сум денес доколку позади мене не застанеа моите родители, моите блиски на кои сум им премногу благодарана и доколку модното образование не го стекнев на Академија Италијана од моите ценети професори и репери за успех Никола Ефтимов и Росица Мршиќ. Се надевам дека денес и тие се горди на мене. Денес можам слободно да кажам дека позади мене се редат ревии во Италија, БиХ и Македонија. Професионално сум ангажирана и во една од конфекциските куќи во Прилеп каде работам на техничкиот дел од колекциите и меѓувреме собирам искуство за индустиското производство. Моја одлука беше ателјето да го основам во родниот град Прилеп, сакајќи да го подигнам нивото на модната култура и да допринесам за развивање на свесноста кај моите сограѓани и мислам дека мисијата ќе биде успешна, бидејќи полека но сигурно мојот труд вродува со плод.
Нема коментари