Дали мажите со брада се посекси и помаженствени?! Во последно време ако не се посекси, барем се потренди. Дали на мажите со брада им треба посебна нега?! Апсолутно, ДА! Машката брада треба да биде мека, да мириса привлечно и секако да биде уредна и секогаш средена. Тука настапува Владо Сејменовски, како што самиот вели „брадоња“ со малку подолга брада, кој десетина месеци упешно го развива својот бренд sVbeardcare, под чие име лансира линија на органски и рачно изработени производи за нега на брада, во која ќе најдеме масло, балсам, восок, па потоа сапун, дрвено чешле, балсам за усни, и новиот производ – масло за брада со мирис на ванила. Препаратите на Владо влегуваат во категоријата handcfarted, направени се од природни состојки, одлично се спакувани во внимателно креирана амбалажа и за многу кратко време станаа омилени меѓу македонските мажи. Во линијата sVbeardcare има и балсам за усни, кој е баш погоден и за жените. Всушност, како што вели Владо, тоа е унисекс производ, него сугурно скришно многу мажи го имаат по џебовите . Владо со sVbeardcare често соработува со дизајнерката Ивана Кнез, прават заеднички промотивни акции со врскстување на нивните брендови. Со Владо зборувавме за неговите производи, за тоа како ја почнал приказната за sVbeardcare, за машката нега, а ни откри дека покрај неколкуте хуманитарни акции во кои учествувал во 2016-та, годината ја завршува со уште една акција, чии средства се наменети за одделот за онкологија и хематологија на Клиниката за детски болести.
>>Како дојде на идеја за производ за нега на брада, дали таа идеја беше поттикната од сопствените потреби за негување на својата брада?
-Токму така, првенствено сета приказна започна заради моите потреби. Имав многу шишенца од разни масла за кои сум читал дека се добри за нега на влакното на брадата и кои ги употребував секојдневно, како што се кокосовото масло, маслото од јојоба, арганово масло и многу други. Но имав и масла наменети токму за негата на влакното на брадата кои ги набавував од странство, бидејќи кај нас за жал ги немаше и така дојде идејата за формирање на производ кој ќе биде микс од неколку природни и органски масла кои ќе допринесат за здрав раст на влакното на брадата, а со тоа исто така би се спречило и иритација на кожата, перутење и чешање кое е доста непријатно кога се расте брада.
Истражував доста, можеби 2 години пред да бидне првото масло… Во глава имав замислено сè, од амбалажата до пакувањето, иако тогаш од реализацијата бев далеку. И конечно го измиксавме првото масло. Неколку шишенца кои ги поделив по пријатели. Реакциите беа одлични и веќе се знаеше дека треба да се продолжи оваа приказна на sVbeardcare и да се направат сите производи кои ги имав замислено.
>>Кој беше првиот производ што го создаде и како се развиваше целата линија? Колку производи во моментов го носат името на твојот бренд?
-Првиот производ и базичниот беше маслото за брада со мирис на портокал, па потоа се развиваше целата колекција која денес содржи 7 производи. Маслото за брада се користи за секоја должина на брада. Од онаа тродневна, па се до долги бради. По маслото следуваше сапунот кој се изработува по топла постапка на правење сапуни и исто така е направен од 100% органски и ладноцедени масла и путери. Сите производи се органски, и ниту еден не содржи никаков хемиски додаток. Како „брадоња“ кој негува малку подолга брада потребни беа и балсами, па и восок за бркови, па така настанаа и тие. Балсамот како стилизатор за влакното на брадата, а восокот за форма на брковите. Во целата колекција го има и чешелот кој е рачно направен од буково дрво и доста практичен, мал, може да се носи секаде и најбитно не прави електрицитет на влакното при чешлањето. Го имаме и балсамот за брада и коса. 2 во 1 производ кој може да се користи за форма на брадата и е нешто налик на „восок за коса“ и исто така го имаме и балсамот за усни. Целата колекција засега е со мирис на портокал.
>>Во моментов промовирате нов производ, за што станува збор?
-Гледаме да извадиме сезонски барем по уште еден мирис од маслото. Летото ја имавме green варијантата на маслото која што беше со мирис на рузмарин, нане, еукалиптус и лимон кој даваше освежување во топлите денови, додека пак сега го имаме покрај класичното масло со портокал и новото масло кое е со мирис на ванила и портокал. Топол мирис за студените денови кој покрај негата која ќе го пружи на влакното делува и смирувачки и искрено барем мене ме враќа со тој мирис во детството. Некако мирисот на ванила секогаш буди такви сеќавања…
>>Кој е составот на производите, дали се работи за препарати од природни состојки? И каде наоѓате рецепти, како ги формулирате производите?
-Сите производи се направени исклучиво од 100% природни органски и ладноцедени масла и путери. Не содржат никакви хемикалии и парабен. Сакав сè да биде и да изгледа многу блиско до природата, од составот, па сè до пакувањето. Истражував доста пред да започнам за сите масла кои се во составот на нашите производи. Како реагираат на влакното, кое е најдобро масло и во која количина кое треба да го има… На интернет има премногу рецепти за тоа како може да се направи масло за нега на брадата и секој може да направи. Нашите рецепти за производите се направени според тоа кое масло или пак путер е најквалитетно за нега на влакното на брадата, а потоа во консултација со хемичари ги склопивме тие да ја добијат најдобрата форма што може да ја имаат.
>>Во твојата линија има и нешто за жените, нели?
-Мораше да има Иако не би го ограничил дека е само за жените. Се работи за балсамот за усни кој е потребен колку на жените, толку и на мажите. Усните во зимскиот период пукаат кај сите нас исто, нема разлика дали е тоа маж или жена, додека пак во летниот период исто така им е потребна хидратација. Но, и тука се јавуваат предрасуди дека тоа е женски производ, а скришно сигурно многу мажи го имаат по џебовите Производот е тотално unisex нема никаква боја, а е направен од шиа путер, какао путер, кокосово масло и е со мирос на портокал, така што може да го користат и мажи и жени.
>>Брадите станаа многу популарни последниве неколку години, но колку е важно тие да се негуваат? Постојат ли посебни правила и кои се твоите совети?
-Секако дека постојат правила и секако дека е потребна многу нега. Тоа е всушност како со косата. Замисли да станеш од спиење и со неисчешлана или неизмиена коса да излезеш од дома за на работа… не иде Потребно е редовно миење на брадата, редовно нанесување на масло за брада кое во себе ги содржи сите оние потребни витамини кои ќе му дозволат пред сè на влакното да расте здраво и да не се крши, а потоа е потребно да се нанесуваат и балсами доколку брадата е подолга за да си ја задржи својата форма. Исто така многу важно е и брадата од време на време да се потстрижува, така на влакното ќе му се даде простор за растење и ќе се освежи. За правилата најчесто тие се однесуваат на тоа која форма на лице каква брада може да поднесе. Не секоја форма на лицето може да поднесе долга брада.
>>Каде може да се најдат овие производи?
-Моментално тоа е преку нашата фејсбук страна @sVbeardcare. Таму може да се погледнат сите производи како со нивниот состав така и со цените. Можат сите да ни пишат порака и да си нарачаат некој производ. Вршиме испораки до сите градови низ Македонија. Исто така производите може да се најдат и во Драма Студио и Студио Сејменовски во Скопје.
>>Дали мажите со брада се помажествени или само станува збор за моментален тренд?
-Ако гледаме историски наназад дефинитивно може да се каже дека тоа не е тренд. Некогаш брадата важела како симбол на моќ и мудрост, а многу научници тврдат дека тој факт важи и до ден денес. И да, секако брадата дава помажествен изглед ама само ако е добро средена и одржувана.
>>Годината ја завршуваш со хуманитарна акција…
-Оваа година учествувавме во неколку хуманитарни акции, па би сакал да дадам акцент и на онаа со која ќе ја завршиме оваа 2016-та година, бидејќи ова е период од годината кога нашите мисли се свртени кон планирањето на божиќните празници и за повеќето од нас, и тоа се денови кои ни ја греат душата и сме опкружени со нашите членови од семејството и пријателите, гледајки ги лицата на нашите сакани кои светнуваат кога ќе го добијат подарокот што го сакаат… Организираме една хуманитарна акција во која сите средства од продажбата на нашите производи ќе ги насочиме кон разубавување на овие празнични денови на дечињата наОдделот за онкологија и хематологија на Клиниката за детски болести.
Ќе се потрудиме да бидеме нечиј Дедо Мраз, бидејќи празниците се за секого.
Сите оние кои сакаат да учествуваат во оваа хумана акција може да нè контактираат на нашата Фејсбук страна, да си нарачаат производ за себе или пак за некој свој близок, а со тоа да допринесат за поголема насмевка кај овие дечиња, бидејќи секое лице заслужува да светне гледајќи го подарокот кој го посакува. Повеќе за оваа хуманитарна акција може сите да дознаат од следниот event на Facebook: https://www.facebook.com/events/1820796904825679/
Нема коментари