Со желба да сподели љубов, позитивно да изненади и да предизвика насмевки, младиот креативец Валентин Петрески повеќе од половина година создава керамички производи со уникатни пораки и цртежи. Приказната на „ТиноСки“ почнала сосема непланирано, со една шолја за кафе, што ја направил за себе.
-Бидејќи обожувам шолји, во време на креативни идеи решив да се позанимавам со креирање на такво нешто. Првата шолја што ја направив сè уште ја имам, беше со буквата „Т“ и со многу точки. Потоа го искористив Инстаграм за да ја споделам среќата. Набрзо почнаа да ме прашуваат „каде може да се најдат такви шолји“, „дали може да се нацрта нешто по желба“… Следуваа неколку подароци за најблиските, имаше многу убава реакција и тоа беше мотив за продолжување на непланирано започнатиот „проект”. Името „ТиноСки“е всушност кованица од кратенка од моите име и презиме, така фигурирав приватно на Инстаграм и спонтано се прифати и како име на овој мини- проект, односно хоби кое целосно ме исполнува-вели Петрески кој деновиве на социјалните мрежи ја претстави својата нова мини колекција под името „Сподели <3”.
Станува збор за тандем керамички шолји кои формираат еден заеднички цртеж на различни животни: мечка, був, жирафа и мачка. Има и минималистички тацни, а сетот е спакуван во брендирана кутија.
- За празниците немав доволно време да направам конкретна божиќна линија, но затоа пак сакав да споделиме љубов и направив акција за пар шолји. „Сподели <3” е најновото од мене, малку освежување кое ми беше потребно. Среќен сум што оваа идеја им се допадна на оние кои ме следат. Важна ми е пораката на производите на „ТиноСки“, сакам да подаруваме со љубов и задоволство. Да изненадиме некого вистински, да предизвикаме насмевка. А најголема среќа е кога ќе добиете порака дека изненадувањето поминало одлично и навистина им се допаднале моите креации. Среќа е и кога ќе ви испратат фотографија со твои шолји кои отпатувале за Америка, а добив нарачка на неколку шолји и за во Австралија со мотиви од нашата земја што ми беше посебно драго. За во 2016 имам на ум повеќе работи кои мислам дека одлично ќе се вклопат со досегашните производи. Не сум суеверен, но сепак желбите би ги оставил необјавени, па кога ќе има реализација да може да споделиме заеднички-вели тој.
>> Како настануваат производите на „ТиноСки“, дали станува збор за готова керамичка основа на која аплицираш цртеж?
- Би бил среќен доколку се дојде до моментот на производство на сопствени дизајни, односно форми на керамички работи, тоа бара посебни услови, сериозна опрема и сличнo. Засега се црта на готови керамички шолји. Се договараме за дизајнот, односно идејата што нарачателот сака да ја има, па потоа ја цртам во тој стил…ќе го наречам стил бидејќи многумина ми кажале дека шолјите си имаат нешто заедничко свое што се препознава. Тоа е најубавото нешто, да предизвикаш задоволство и насмевкаи да имаш препознатлив краен производ.
>> Какви сè производи настанале во твојата работилница и какви цртежи најчесто се застапени? Може ли да споделиш дел од позначајните натписи?
- Шолјите се некако најпрепознатливиот дел на „ТиноСки“. Колку што ми дозволува времето се трудам, малку по малку да внесувам и нови идеи. Чајниците овој период исто така се актуелни, на луѓето им се допаѓа персонализираниот момент и уникатноста на секој од нив. Во однос на позначајни натписи, искрено не би можел да издвојам некој конкретно бидејќи сите ми баш свои. Може да кажам на пример дека шолјите за пријателство и љубовните се меѓу најбараните. Секоја идеја гледам да ја реализирам најблиску до она што јас го цртам. Да бидам искрен, најлесно и најубаво е кога луѓето ти даваат слобода во креирањето, се прецизира само темата и потоа следува реализација на мојата замисла. Тука сум најмногу свој, а од друга страна ми е многу мило што луѓето имаат доверба и ми препуштаат нивното изненадување да го направам како што ќе замислам.
>> Станува збор за претежни бели предмети со црно-црвени натписи. Дали тоа ќе остане заштитен знак на естетиката на „ТиноСки“ и какви се плановите за развој на етикетата?
-Некако најмногу се пронајдов во оваа комбинација, мислам дека никогаш не може да излезе од мода. Основни бои во палетата, супер контраст. Одговара за едноставност на цртежот, онака како што сакам. Планирам да вклучам и некои нови тонови, нема да биде тоа цела палета секако, но златни детали ми се следни на ум. Веќе обезбедив таква боја, па планирам наскоро да направам нешто пробно. Мислам дека ќе се вклопи во стилот и ќе му даде еден посебен белег. Имам многу идеи, помалку време, но ќе се потрудам да искористам што повеќе од тие работи. Мислам дека свежината и обновувањето на веќе постоечкиот стил е само плус во оваа работа. А од друга страна, сето тоа би било надоградба на заедницата „ТиноСки“. Би ја нарекол заедница, бидејќи крајните продукти се заедничка реализација со луѓето. Сето тоа произлегува од нашата заедничка комуникација и тоа е едно посебно задоволство.
>>Каква обука и искуство имаш поврзано со изработка на овие украси и какви сè креации имаш направено?
-Не сум имал никаква обука во однос на цртање на керамика, креативното изразување на овој медиум беше сосема случаен. Сум читал за одредени техники и идеи на интернет, искуства на луѓе и слично. Сето тоа е плус секако. Почитувам креативност, цел живот на овој или оној начин се поврзувам со такви работи. Сакам уникатни работи, секогаш сум додавал нешто на веќе постоечкото. Креативниот дел мислам дека е нешто што си го има човекот и едноставно излегува време кога се насочува поконкретно на нешто, „ТиноСки“ веројатно е тоа нешто и среќен сум поради тоа. Би сакал и други работи, но тоа засега нека остане само како идеја па кога ќе се реализира ќе има за што да зборуваме.
>>За кого и за какви пригоди се наменети твоите креации, која е твојата целна група на клиенти, кој најчесто ги купува производи?
-Мислам дека нема повод за кој не може да се направи вакво нешто. Шолји, чинии, чајници и сл. Се користат секојдневно, му треба и на дете, и на студент, и на вработени и на баба и дедо. Со „ТиноСки“ сфатив дека луѓето сакаат да подаруваат. Да не претерам, но мислам дека само 10 отсто од сите нарачки досега се за себе, сè останато е за изненадување на некого, за подарок. А кога се подарува се споделува среќа, тоа е незаменливо. Се подарува за родендени, годишнини, свадби, без повод, но со причина, се слави другарството, љубовта… се поврзуваме со луѓето за убави работи.
>>Каде ги продаваш твоите дизајни во Македонија и на кои базари и изложби си се претставил?
-Бев дел од „Љубовниот базар“ во кафе-бар „Љубов”, тоа ми беше прво такво искуство. Имаше многу убава реакција на посетителите, некои виделе, некои се распрашуваа за работите, супер дружба и искуство. Имам покана за неколку други базари, кои наскоро се организираат, но ќе видам, во зависност од времето каде ќе учествувам. Би сакал да стигнам на сите страни, но едноставно некогаш времето си го прави своето. Најголема база на комуникација и „изложбен” простор, да го наречам така, е „Фејсбук“. Желба ми е да имам и изложба, но не би сакал да избрзам на таа тема, веројатно спонтано ќе се случи кога ќе биде време за тоа.
>>Имаш завршено новинарство, а работиш во „Групер“. Колку искуствата во медиумите и маркетингот ти користат во развој и промоција на „ТиноСки“ и како правиш баланс меѓу ангажманите на работа и со изработката на уникатните керамики?
-Новинарското искуство ми помогна многу за работата во „Групер“, а „Групер“, пак, ми е одлично искуство и знаење за „ТиноСки“. И двете работни искуства се од голема корист, и кога добро ќе помислам се е поврзано. Бидејќи и работата во „Групер“ како водечки сајт во е-трговијата кај нас бара голема посветеност, наоѓам баланс и компензирам со слободното време. Обично керамичките креативности ги оставам за вечерните часови и викенд. Се постигнува, единствено што трпи е слободното време, но за жал не може да измислиме денот да биде поголем. Знае да биде и напорно, се си бара време и енергија, но на крај од денот чувството е убаво. Морам да кажам дека имам целосна поддршка и од сите колеги и за тоа сум навистина благодарен.
Нема коментари