Со цел да се промовира современиот македонски моден дизајн, од 9 до 13 декември во Берн, Швајцарија ќе се одржи [SKP] pop-up store. Настанот ќе се одвива во просториите на Kulturbüro, во стариот град на Берн. Таму, посетителите ќе може да погледнат парчиња облека и накит од нашите етаблирани дизајнери: Лидија Георгиева, Јована Филиповиќ, Драган Христов (Ludus Loves Fashion), Бобан Илиевски (Chic Undercowear), Ирина Тошева и Јана Ацевска (Kapka Jewelry). Исто така, ќе се претстави и гостинката-дизјанерка Ива Јанковиќ (MIDSArtWear), која потекнува од Балканот, но живее во Холандија. Организатори на [SKP] pop-up store се Тања Стоименовска и Паула Сансано- една од основачите на Studio Sansano. Пред отворањето на изложбата поразговаравме со Тања, која е поддржувач и промотор на македонската мода во Швајцарија.
-Целта на настанот е да изградиме културен мост помеѓу Швајцарија и Балканот. Во последниве години во дизајнерската сцена на Балканот може да се забележимомент на напредок и убавина. Истото може да се забележи и во Македонија. На [SKP] pop-up store би сакале да ѝ ги покажеме на публиката во Берн највозбудливите и иновативни македонски дизајнери, чии креации се комбинација на современото производството, со локален печат, со модерен израз и висок квалитет. Младите македонски дизајнери, не само што влечат инспирација од земјата со богата текстилна традиција, туку уште поважно, тие носат со нив и големо меѓународно искуство. Повеќето од нив се школувале и работеле во главните модни центри на Европа (Милано, Париз итн), а потоа ги донесоа своите искуства назад на Балканот. Називот [SKP] pop-up store всушност потекнува од кратенката за Скопје, што е меѓународниот знак за Скопскиот аерoдром – SKP. Идејата за користење на аеродромската кратенка за името ја смисли нашата пријателка Сибила Мартинели. Ми се допадна оваа идеја, леплива е за уво и е кратка-вели Тања.
Ова е првото издание на [SKP] pop-up store, а во зависност од успехот на првиот настан, би сакале да организираат продолжение и на пролет.
-Доколку успееме да организираме следен настан, би сакале да ја збогатиме програмата со дизајнери од различни делови на Балканот (како што се Белград, Приштина, Сараево и др). Сепак, сега е премногу рано да се зборува за следен настан. Чекор по чекот. Да видиме прво како ќе реагира швајцарската публика на првиот настан и на дизајнот што ќе го понудиме и промовираме-вели таа.
Идејата за соработка меѓу Стоименовска и Сансаносе случила спонтано ова лето, како производ од една богата заедничка дискусија. Тие се запознале пред една година. Брзо сфатиле дека имаат повеќе заеднички нешта, како љубовта кон културата и уметноста и што е најважно и двете делат голем интерес за Балканот.
- Би сакала јавно да ѝ се заблагодарам на Паула и на Studio Sansano за вклучувањето во оваа авантура, бидејќи без нивната поддршка јас не би имала храброст да го организирам настанот сама. Studio Sansano е основано во 2012 година, од страна на Паула Сансано и Георг Хеслер Сансано. Тоа е интердисциплинарно биро за дизајн и за планирање. Studio Sansano собира приказни и предмети од својата околина и ги користи како основа за развој на уметнички проекти… Инаку, јас не сум дизајнер по професија, но отсекогаш се интересирамза модата, особено за младите, независни брендови, кои се обидуваат да останат иновативни и креативни, и да го најдат својето место во светот на модата, а притоа да го зачуваат својот автентичен израз.
Тања живее во Берн речиси една година. Магистер е по политички науки и додека живеела во Македонија работела во областа на подобрување на (административните) капацитети на земјата за влез во ЕУ. Откако се преселила во Швајцарија, почувствувала дека е време за професионална промена.
-Така, решив да се занимавам со нешто покреативно и поврзано со убавината. Иако во моментов не живеам на Балканот, својата инспирација ја наоѓам таму и сè уште имам силна врска со тој регион. Со овој проект би сакала да му ја прикажам на светот деликатната и креативна страна на Балканот, што не е очигледна, но треба се да гребне под површината за да се види убавината зад неа. Мојата локација во моментот ми дава добра шанса за работа на ова поле и се надевам дека овој концепт ќе се развие понатаму – вели таа.
Георг Хеслер Сансано, пак, потекнува од Берн, а студирал класична филологија. Тој работи како ТВ новинар во Швајцарската национална телевизија ( како продуцент и автор на политичка програма наречена Rundschau). Покрај тоа, тој е автор на документарни филмови. Во неговиот фокус се социјалните прашања, безбедносната политика и историскитот и социјален развој на Балканот.
Досегашни проекти на Studio Sansano се: VIDEOMAPPING Нов Белград, документарниот филм за единство и хуменост „Јованка!“ и Büro Белград – комбинацијана визуелни, документарни и литерарни сведоштва.
Нема коментари