„Tрадицијата и корените се значајни за идентитетот на секој човек, а за мене посебно се голема инспирација. Посебен предизвик ми е комбинацијата на традиционалното и современото, односно пренесување на традиционалниот идентитет во модерното време. Без разлика дали се работи за мебел или чинии, дел од моите дизајни носат нишка која ја одликува македонската култура“. Со овие зборови македонската архитектка Тања Добровоцки ја почнува приказна за инспирацијата зад своите уникатни парчиња мебел и украси за домот. Од 11 до 17 декемвриво MAD kitchen & bar во Дебар Маало, под нејзиниот бренд LifeStyleFactory, ќе одржи самостојна изложба, насловена како Furnitureismus. Дарко Лешоски, како специјален гостин, официјално ќе ја отвори изложбата наредниот четврток, во 19 часот.
-Целта на Furnitureismus е да се донесе Берлин и кај нас. Односно, сѐ што беше презентирано во „Прима Центарот Берлин“ на Postwalterismus изложбата, да им се претстави и на домашните љубители на архитектурата и дизајнот. Значењето на секое учество и соработка надвор од нашата држава е многу поголемо доколку се сподели со лицата кои го исполнуваат моето секојдневие. Моето дејствување и создавање како дизајнер и архитект е во Македонија, така да сметам дека за интернационалните проекти на LifeStyleFactory луѓето од тука не треба да се информираат само од медиуми. Токму и затоа се прави оваа изложба, за да може секој да дојде и да ги види моите дизајни, бидејќи пред сѐ истите се создадени за нив и инспирацијата е добиена од ова тло – вели Добровоцки.
Посетителите на Furnitureismus, покрај видеото, 18-те предмети во форма на макети и чиниите со карактеристични македонски етно-мотиви кои беа претставени на Postwalterismus изложбата, ќе можат да видат и неколку други предмети кои ќе бидат поставени специјално за оваа изложба. Исто така, како благодарност, секој од посетителите ќе има можност да добие уникатно идејно решение за парче мебел, дизајнирано според нивниот карактер и нивните желби.
Од 16 до 29 октомври таа учествуваше на изложбата Postwalterismus во Prima Center во Берлин.
-Изложбата беше посетена од голем број имиња од уметничката сцена и од љубители на дизајнираниот мебел. Настанот беше проследен со доста голем успех не само за организаторот туку и за мене лично се отвори можност за многу контакти и идеи за идни проекти. Македонскиот фолкор, традиција и дизајн се инспирација за мојата работа. Македонското творештво е инспиративно, иновативно и многу богато. Ако се вратиме наназад кон дизајните на нашите предци имаме богат дизајн на традицијата. И онаму каде го немам целосно воведено има нишка на инспирација на традицијата во модерното. И не само македонскиот дизајн, воопшто моето потекло. Имам мешани корени, мојата мајка е Македонка, а татко ми е комбинација на Украинец и Унгарка. Од тука моето презиме е украинско. Засега сум задоволна од начинот на кој купувачите и изложувачите ги доживуват дизајните и предметите и се надевам на многу поголем интерес по презентирањето на изожбите кои следиваат-објаснува таа.
Макетите беа направени специјално за изложбата во Берлин. Истите предмети, со одредени измени и дополнувања ќе бидат презентирани пред македонската публика на изложби во Скопје, Охрид и Струга.
-Макетите се правени според дизајн на конкретни предмети. Посетителите на изложбите ќе имаат ексклузивна можност да нарачаат некој предмет кој им се допаѓа и да го добијат истиот по пониска цена од регуларната. Со тоа што, нема сериско производставо, односно количината на предметите ќе биде ограничена со цел да се зачува уникатноста на парчето мебел. Нема одреден материјал за кој сум врзана, сакам да работам со повеќе материјали, да истражувам. Истото важи и за боите. Има одредени комбинации кои посебно ми се допаѓаат и често ги користам, но повторно, и тука сакам да мешам, да комбинирам, да истражувам-вели Тања.
Добровоцки е дипломиран архитект-насока што ја интересирала уште од најмлади години. Иако потекнува од семејство кое е ориентирано кон медицината, сепак развила љубов кој архитектурата и дизајнот.
- Како архитект работам веќе долги години. Имам различно искуство од проектирање, изведба, работа на ентериери. Сум работела на резиденцијални објекти и објекти од јавен карактер, а посебно интересно и предизвикувачки беше работата на Cineplexx кино салите во City mall. Интересот за дизајн дојде некако природно, сам по себе, чисто како хоби, за потоа да почнам да учествувам на некои натпревари. За брзо време бележев успех, што ме охрабри и приказната продолжи. Бидејќи дизајнот кај нас е сè уште во развој имам поголемо искуство надвор од нашата земја. Сум учествувала на различни дизајн настани, семинари и работилници. Од пред некоја година почнав да учествувам и на интернационални натпревари. Посебен успех доживеа полицата „Архитектура“, со која освоив трето место, како и масата „Зен“.
Таа стои зад брендот LifeStyleFactory, за кој вели дека бил желба што долго стоела на листата за остваруање.
-Конечно почнав да го реализирам својот сон во кој сакам да ја вклопам уметноста во различни области на едно место и да направам бренд каде тим на млади ентузијасти би се пронашле во креирањето, уметноста и дизајнот. Различната комбинација на сите области создаваат бренд кој ќе се поклопува совршено. Сакам соработки, сакам да работам со различни луѓе на различни проекти, да истражувам, да дознавам.Вложувајќи љубов во она што го работите, според мене, исходот секогаш ќе биде позитивен. Креирањето со љубов е најголема мотивација.
Повеќе архитекти и дизајнери имале влијание врз Тања и врз нејзиното формирање како архитект/дизајнер.
-Меѓу нив посебно би ги издвоила Мис Ван Дер Рое, Луис Кан, Оскар Нимаер, Даниел Либескинд, Заха Хадид, Студио Аутобан 212, Филип Старк, Карим Рашид, Ника Зупанк, Лидија Георгиева….Во мојата работа се стремам кон минимализам. Најпредизвикувачки е да создадете нешто едноставно а комплетно функционално и со убав изглед. Сакам да работам со различни материјали, форми и начини на изработка. Сметам дека само со експреиментирање и многу, многу работа може да се осознаам себе си, својот стил и она што можеби најмногу ми лежи, иако сметам дека во работата постојано се менуваме, развиваме, осознаваме и менуваме-вели таа.
При креирањето на нешто ново, најмногу се потпира на внатрешната интуиција и моментална инспирација. -Секој уметник, архитект, дизајнер знае како своите чувства да да ги пренесе во создавањто на производот, кога нештото се развива во правилен правец, кога нешто фали, а кога си на вистинската дестинација. Во работата не застанувам додека не дојдам до моментот “Е ТОА Е ТОА”, па затоа често знам да се навратам на одредени проекти после одредено време. Во денешно време луѓето се бомбардирани со информации што е убаво, што е модерно и што мора да имаат. Под сиот тој налет на идеи, правила и постулати како треба да изгледа домот, кафе барот или било кој друг простор луѓето станаа збунети и немоќни при желбата да го направат вистинскиот избор за себе. Терминот “убав” доведе до пренатрупаност со бекорисни,визуелно убави предмети. Во процесот на дизајнирање пред се, треба да се внимава на комплексни критериуми како што се: форма, функција, идеја, меѓучовечки односи, социјални однесувања, економска и политичка ситуација, желбата и стремежот кон современата култура.
Досега немала можност да работи на проекти поврзан со модата, иако навистина би сакала.
- Модата и создавањето на сопствен стил е нешто што многу ме интересира. Не ја следам слепо, но сакам да сум во тек со светските модни настани. Ми се допаѓа како се развива модата кај нас, мислам дека имаме многу квалитетни модни дизајнери и потенцијал за следењето на светската мода.
Тања е родена во Скопје. Живее на релација Скопје – Струга бидејќи таму живеела повеќе години и таму е дел од нејзиното семејство и голем дел од пријателите. Во моментов работи во Скопје, но секоја прилика ја користи да помине викенд во Струга, која ја доживува како свој град кој комплетно ја инспирира.
-Сакам и да патувам и секој слободен момент го користам за посетување нови земји, запознавање нови луѓе. Во моментот освен дизајн, работам на неколку проекти во полето на архитектурата. Имам одредени дневни ритуали без кои не можам, како што е на пример пиењето кафе наутро, а се трудам секој ден да ми биде нов и различен. Не сакам рутини, исто секојдневие, исти патеки на движење. Сакам нови, различни работи. Сакам да учам нови работи.
За нејзе и за LifeStyleFactory 2014 беше многу успешна година.
-Успеавме да ги оствариме сите замислени идеи и сме многу задоволни од сработеното. Значи нема да застанеме тука и за 2015 година веќе имаме конкретни проекти на кои работиме. Во моментов работам на дизајн на чинии по нарачка на Европорц. Соработувавме со нив и на чиниите за изложбата во Берлин. Уште еден проект за мене многу драг во моментов е дизајнирањето на мебел за себе. Имено, неодамна се преселив во нов стан, па имам многу празен простор кој треба да го пополнам. Во 2015 секако може да очекувате нови парчиња мебел како на сопствени дизајни, така и на дизајни и идејни решенија по нарачка-вели таа на крајот.
Нема коментари