Откако во претходната колекција го сплете прашањето „Шчо напраифме“ на Крсте Петков Мисирков, алудирајќи на состојбата на македонската мода, младата креаторка Стефанија Насеска продолжува да ја анализира сцената и во пролетната линија. Поттикната од потребата да го искаже своето мислење во однос на модата кај нас, таа ја создала колекцијата „Револуција“, која ќе биде промовирана на претстојниот Моден викенд-Скопје.
-Сметам дека потребни се промени во однос на стилот што се негува кај нас. Сега, кога има излезено голем број на млади школувани дизајнери, може да почне да се зборува на таа тема. Зошто за да се облече дизајнерско парче мора да има голем повод како прослава и свадба? Зошто македонските дизајнери да не изработуваат секојдневна гардероба, во која ќе има креативност и автентичен печат, облека која секој ќе посака да ја носи. Мислам дека треба сè уште да се работи во таа насока, но пред сè мора од некаде да се почне, па затоа колекцијата ја именував „Револуција“. Не во смисла дека после ова колекција сè ќе се промени, туку дека со овие модели го назначувам почетокот на промените. Колекцијата нема никаква политичка поврзаност и заднина, ниту пак воена инспирација. За мене револуцијата е еднаква на промена-вели таа.
Водечки форми во колекцијата се здолништа и фустани во А-форма и лале крој кај мантилите. Моделите се со чисти линии и симетрични кроеви. Материјaлите се монохромни во комбинација со парчиња со цветни дезени.
-Со оглед на тоа што е пролет, мислам дека е потребна свежина, па затоа се одлучив на живи бои. Материјалите настојував да бидат природни, а најмногу е застапен памукот, кој голем дел рачно ги бојадисував… Секогаш се обидувам колекциите да ми се во тек со светските трендови, бидејќи според мене така најправилно се работи. Искрено ми е жал што поради финансиски причини морам да работам сезона за сезона, а не по модните правила. Доколку продолжи ваквата пракса би можело тоа да стане тема за критика во некоја од моите наредни колекции-вели таа.
Моделите се наменети за девојки со стил и за сите оние кои се чуствуваат млади, сигурни и горди во тоа што го носат. Смели во комбинирањето и изборот на парчињата. На ревијата во Скопје ќе даде големо значење на музиката, која ќе се се потруди да е во соодност на колкцијата, зашто, како што вели, таа ја прави магијата целосна, додека за кореографијата остава на одговорните лица од FWSK во кои има целосна доверба.
-Модниот викенд-Скопје е одличен настан од ваков тип со добра организација. Задоволна сум од досегашаната соработка. Се надевам дека колекцијата ќе биде претставена во најдобро светло и медиумски ќе биде добро покриена…По ревијата имам повеќе планови за ова пролет. Не сум сигурна дали ќе се исполнат сите, но секако планирам да ја претставам и во пелагонискиот дел, зашто голем број од пубиката и од клиентите нема да можат да присуствуваат во Скопје, па ова ќе им биде шанса да ја видат во поинакво светло, не само на фотографија.
Стафанија крена голема прашина на минатото издание на Моден викенд со џемперите со мисла инспирирана од Мисирков.
-Написите не само што се актуелни ова сезона, туку и пораката која ја носи колекцијата најдобро се искажува преку нив. И самото револуционерно покажува дека пак се задржувам на нешто што е наше, блиско, познато, но поинаква смисла. Започнав со Мисирков. Како што тој ги постави темелите на литературниот македонски јазик, така јас ги поставив темелите на промените во македонската мода, каде што понатаму ќе работам на изградба. Можеби како единка нема да постигнам многу, но се надевам дека ќе поттикнам да почне да се размислува на тоа поле – промена – улична мода. Колекцијата помина многу подобро од очекуваното. Секогаш сум скептик кога е во прашање нова колекција. Па така и за неа сметав дека не е доволно добра и дека нема да биде прифатена баш најдобро. Но како и секогаш се случува спротивното. Колекцијата беше многу добро прифатена и голем дел од парчињата се распродадоа во рекордно време, толку бргу што не успеав ниту да направам фотосесија за истите. Искрено се надевам дека оваа ќе помине приближно како минатата.
Меѓу двете изданија на Моден викенд креаторката, која доаѓа од Прилеп, имаше доста ангажмани.
-Учествував на еден од проектите на организаторот на Модниот викенд – Дизајнерска магија на новогодишни елки во „Скопје сити мол“. Се надевам дека елката што ја изработив ќе остане запамтена. Исто така имав еден обид за размрдување на модните случувања токму во Прилеп со организирање на моден перформанс… Се раководам според едно правило: кога се појавуваш на вакви случувања значи постоиш, те има, кога те има и кога држиш континуитет значи работиш, а кога работиш значи вредиш и заработуваш, само така може да одиш напред-вели таа.
Нема коментари