Поттикнати од идејата да му дадат покреативeн и поличен печат на подарувањето, графичката дизајнерка Софија Семенпеева-Трајановска и економистката Ивана Илоска им даваат нов живот на навидум обичните тефтери, вина, чоколади, чаши, чадори, торби, подметнувачи за чаши, кутии… Изминативе три месеци здружени во брендот „Мунус“ тие создаваат симпатични украси и функционални предмети со автентичен принт и квалитет, кои даваат нова димензија и есетика на подарувањето. За многу кусо време на социјалните мрежи добија бројни следбеници и љубители на нивните производи. За тоа сведочи и интересот што го предизвика на „Инстаграм“ една моја недамнешна објава на фотографија со нивен тефтер, на кој има напис со мисла од Петре М. Андреевски: „Таа беше време на моето време, а јас само сведок на нејзиното столетие“… Бев нем сведок на очигледната хемија меѓу „Мунус“ и љубителите на уникатниот дизајн.
„Мунис“ опфаќа широка палета креативни и бизнис-подароци, авторски изданија, производи брендирани специјално за туристичките центри во Македонија, како и наменски дарови за потребите на клиентите. Секој производ е приказна за себе, има посебен дизајн и тематика.
-Нашите подароци со сигурност ќе ги израдуваат вашите пријатели, љубени, семејството, бизнис партнери и соработници. „Мунус“ е нов поглед кон подарувањето со квалитет, креативност и уникатност. „Мунус“ се води од мотото– подарувајте со стил….Идејата за „Мунус“ дојде спонтано. Јас имав свои размислувања кои сакав да ги развивам, Ивана пак имаше свои, и низ заеднички разговори сфативме дека идеите ни се поклопуваат или подобро речено надополнуваат. Донесовме брза и можам да кажам храбра одлука дека ќе создадеме сопствен бренд, зацртавме кои производи ќе ги пласираме на почеток, во кој правец треба да се развива брендот, што ќе понудиме и зошто-вели Софија.
На ова се надоврзува Ивана:
-Сè почна едно понеделничко утро кога ѝ се јавив на Софија, со која претходно имавме соработка на сосема друго поле, и само и реков дека имам една идеја. Таа ми одговори: „И јас имам ама ја чувам во тајност за да не ми ја земе некој. Отидов кај неа најбрзо што можев и си кажавме што си имавме да си кажеме. Идеите ни беа слични. Си пуштивме рака, како што вели народот, и веднаш почнавме со работа. Се надевам дека почнавме една интересна приказна што ќе трае… А во однос на името, Мунус е латински збор кој во превод значи подарок.
>> „Мунус“ за кратко време доби многу фанови на социјалните мрежи. Кои се најчестите коментари што ги добивате и колку тие во овој првичен период ви се насока во која би го движеле „Мунус“ во иднина?
Софија: Во изминатите три месеци, од кога се роди идејата, сме постојано присутни на социјалните мрежи. Едноставно одлучивме секој нов производ веднаш да го ставиме на тест и да видиме дали им се допаѓа на луѓето, да го опипаме пулсот на оние за кои се наменети нашите производи. Искрено, до сега добивме многу позитивни коментари, кои ни даваат дополнителна енергија за работа и еден вид потврда дека сме на вистинскиот пат. Секако има и добронамерни критики, кои ги доживуваме како еден вид бесплатни совети. Сметам дека на тој начин се „прочистува“ идејата за тоа што треба да претставува „Мунус“, се цементира правецот кој треба да го фатиме. Многу се радуваме што публиката ја препозна нашата енергија и уникатниот квалитетот кој го нудиме.
Ивана: Социјалните медиуми многу ни помогнаа во промоцијата на „Мунус“. Интересот, на наше огромно задоволство, е голем и расте од ден во ден. Коментарите се позитивни и поттикнувачки. Идеите и сугестиите се добродојдени. Луѓето искрено се радуваат на овој бренд, веројатно како што би се радувала и јас кога ќе се појави нешто ново и уникатно. Во случајот недостасуваше македонски бренд за произвдство на уникатни подароци, а ние го создадовме токму тоа.
>>Кој сè го сочинува тимот на „Мунус“ и како се одделени обврските, како функционирате?
Софија: „Мунус“ е сè уште „новороденче“, но не сме малкумина кои се грижат за него . Јас и Ивана претходно функциониравме и сè уште функционираме во одделни компании, во кои има одлични луѓе. Соединувањето под ист покрив на брендот „Мунус“ ја наметна потребата за поделба на обврските. Јас со мојот тим ги изработувам креативните решенија, а Ивана иако е одговорна за економските дел, таа е голем креативец и секогаш е тука да нè инспирира.
Ивана: Во нашиот тим ќе бидат сите добронамерници и луѓе со позитивна мисла, кои ќе понудат идеи и концепт за развој на „Мунус“. Идејата е да имаме надворешни соработници кои со своето искуство и знаење ќе направат да станеме сериозен бренд на пазарот. Сега почнуваме јас Софија и Јорго, со несебичната поддршка на нашите колеги Еми, Милка, Злата и Синиша, за што сум им навистина благодарна.
>>Што сè опфаќа креативниот опус на „Мунус“, што имате досега сработено и што се создава во моментов во вашата работилница?
Софија: „Мунус“ годинава има план да создаде голема палета производи и изданија. Дел од производите кои веќе ги пласиравме на пазарот се: тефтери во три димензии, тефтери наменет за скици на графички дизајнери, архитекти, модни дизајнери, вино со брендот „Мунус“ , перници, кутии за подароци, ексклузивни чаши. Во моментов посветено работиме на „Мунус“- summer линијата која ќе содржи пешкири за плажа, тефтери, торби за плажа, перници, кои треба да се појават на пазарот на почетокот на мај. Годинава најавуваме две покрупни изданија. Креативен готвач, наменет за младата популација, кој ќе промовира брз и здрав начин на исхрана. Тоа ќе биде еден вид изложба спакувана во книга, секоја страница ќе биде рачно исцртана. Второто издание е наменето за родителите. Станува збор за еден вид споменар во кој тие ќе можат да ги забележат сите информации за нивното најмило сè до тинејџерските денови, исто така рачно нацртан и убаво спакуван. Во изработка е и линијата „Мунус“ baby. Сепак веројатно најважен сегмент од нашиот бизнис план за 2014 година е отворањето онлајн продавница, која планираме да стартува со работа во текот на мај.
>> Кои се главните каректеристики на вашиот бренд, по што се разликуваат вашите тефтери, перничиња, маички…. од досега понудените на нашиот пазар? Може ли попластично и подетално да им го доловите квалитетот на производите на вашите следбеници на социјалните мрежи?
Софија: Секој „Мунус“- тефтери е приказна за себе, секој има своја целна група. Тоа всушност не се тефтери, тие се емоција, тие се културно наследство. Секој примерок има значајна порака од различни автори, стихови од песни, мудрости. Ќе се трудиме 70 отсто да бидат застапени македонски автори, за да ги доближеме до публиката. Исто така нашите производи се одликуваат со квалитетна изработка. Се работи исклучиво со природни органски материјали или материјали кои се рециклираат.
>> Уникатите се збогатени и со мисла или познат цитат напишан на македонски јазик. Многумина се откажуваат кога треба да напишат напис на кирилица, но вам тоа ви е инспирација. Во што го гледате предизвикот и колку е податлива кирилицата и македонскиот јазик за графичка игра? Со кои називи и написи најмногу се гордеете?
Софија: Најмногу се гордееме со написите од македонските автори како Петре М. Андреевски и Влатко Стефановски. Некои од мислите ги смислуваме и самите, користиме помош од народните мудрости. И дефинитивно сме ЗА кирилицата, а ќе имате можност тоа да го увидите и во нашите следни. Во фаза на креирање е нашиот „Мунус“- фонт.
>> Сите цртежи и слики се нацртени во вашето ателје. Како се развиваат идеите за цртање и дали правите сериски цртежи, како своевидна мини-колекција или секој производ има различна графика?
Софија: Секој производ е приказна за себе, но во нив се препознава „печатот“ на „Мунус“. Нашата цел е секој производ да биде уникатен и во делот на графичкиот дизајн, но потрошувачите да можат да препознаат дека станува збор за „Мунус“.
Ивана: Иако по професија сум економист, но секогаш кога ќе ми дојде некоја идеја, што сакам да излезе од нашата работилница, а воедно ќе биде интересна за купувачот, им ја пренесувам на своите колеги од креативниот дел. Тие одлично ми ја разбираат приказната и мислам дека засега добро ни оди .
>> Производите ги нудите на интернет - територија и пазар што сè уште не е добро разработени и прифатени кај нашите купувачи… Како оди онлајн продажбата, од каде и каков профил на луѓе најмногу купуваат?
Софија: Реакциите се одлични и за сега добиваме задоволителен фидбек. Во изработка е нашата онлајн продавница, преку која уште повеќе ќе ги доближиме производите до купувачите. За сега има најголем интерес од помладата генерација, на возраст до 30-35 години, но токму затоа планираме да правиме различни колекции кои ќе бидат наменети за различни целни групи. Креациите ќе ги понудиме и во физичка продажба, но во внимателно селектирани локации, бидејќи сепак сакаме да го задржиме нивото на производот.
Ивана: Во изработка е интернет страница со онлајн продавница. Јас верувам во идејата за онлајн продавница и верувам дека кај помладите ќе биде хит. Покрај интерент, ќе ги понудиме производите и во некои продавници. Тие веќе се во продажба во книжарниците на „Икона“, а во преговори сме и со други книжарници, галерии и концептуално интересни места. Имаме многу добра идеја за летово и доколку упееме да се изорганизираме ќе биде хит и наш голем успех, но да не ја откриваме. Како велат старите: „Прво скокни, па потоа кажи оп!“
>> Дали планирате линии со наменски подароци, поврзани со некои позначајни приватни моменти како родендени, свадби, дипломски, или празници (Денот на жената, Ден на вљубените, Нова Година…..) и која ви е целната група при создавањена подароците?
Софија: Имаме широка целна група, од 10 до 60 години. Ќе има наменски подароци, но прво сакаме да го пронајдеме сензибилитетот на модерниот купувач. Што тој сака да подарува, но и што сака да добива за подарок во вакви пригоди. Затоа сме во постојана интеракција со купувачите.
>> Ми спомнавте дека планирате да соработувате со млади креативци, уметници, за некои од своите производи. Гледате ли потенцијал и квалитет меѓу досега (помалку или повеќе) етаблираните графички дизајнери…Има ли некои домашни автори чија работа ве одушевува?
Софија: Имаме ние доста креативци, но сакаме да ги ослободиме од прангите на агенциите кои се наметнати и да им дадеме потполна слобода. Соработката со нашите креативци во блиска иднина ќе биде реалност, тоа ни е и дел од концептот, само сакаме прво да ги поставиме темелите како што треба.
>> Колку ја следите работата на регионалните и светски дизајнери на слични производи, има ли некој што ви е идол, или мотивација при работата?
Ивана: Ми се допаѓаат графичките дизајнери Demian Conard, Italo Lupi, како и дизајнерите од Bonsaininja studio, кои работеа на последната изложба во организација на светски познатиот бренд за производство на тефтери Moleskine, а воедно се нашите идеоли во однос на производството на тефтери.
>>Како ви се разви интересот за ваков бизнис и со што се занимавате покрај „Мунус“?
Софија: Моја професија е графиката, графичкиот дизајн. Зад себе имам голем број дела и неколку самостојни изложби. Пред три години ја основав маркетинг агенцијата „Ефектива“ чиј фокус е насочен кон три области – графички дизајн , социјални медиуми и односи со јавност. Никогаш не сум се замислувала како работам нешто друго. Графиката, графичкиот дизајн и уметноста се мојот дом и тука сум најсигурна во себе и во овој правец се развивам. Во „Ефектива“ со моите драги колеги минуваме голем дел од денот и се бориме да наметнеме нови стандарди во графичкиот дизајн. Се трудиме да ги убедиме нашите клиенти дека уникатноста и креативноста е давање слобода и да не се плашат од убавите промени. Малку уметност за душа, многу љубов.
>> Каков удел има модата во вашите животи, колку ја следите и колку таа ве инспирира при работата?
Софија: Јас следам сè Нормално тоа ми е и дел од работата. Ги сакам уникатите во кој било сегмент, сакам да користам и да поседувам нешто што го сака моето око и моето тело, нештата да се споиви со мене.
Нема коментари