Во обид да направи накит за себе, креативката Орданка Петкоска пред неполна година ги создала првите обетки од епоксидна смола. Начинот на изработка ѝ се видел привлечен, го доживеала како игра, убавина и леснотија на едно место, па така ја почнала приказната на WeekEnd Jewellery. Брендот е препознатлив по уникатните обетки со пресувано цвеќе со метална подлога, врамено во епоксидната смола. Моделите се за романтични души, за девојки и жени што со носталгија и љубов се сеќава на накитот на своите баби…
Оваа млада мајка и учителка е голема вљубеничка во накитот. Не поседува посебно образование поврзано со модата и дизајнот, но знае што и каков накит сака. Најчесто го создава за време на викендите, па оттаму е и името на нејзиниот бренд.
-Називот WeekEnd Jewellery симболично претставува игра, но сега на зборови. Изработувам накиткога работната недела завршува, за време на викендите. Ова, исто така, е накит за посебна прилика, за викенд за уживање со љубов и за неа… Овие обетки се за романтични души. За некој кој би ги носел со радост и што преку нивниот облик , боја и стил ќе се присети на накитот од баба, нешто зачувано од порано, нешто ретко и вредно, винтиџ накит – вели Орданка.
Процесот на планирање, подготовка, лиење, доработка, фотографија и пакување ѝ е предизвик .
-Со секоја наредна колекција истражувам учам и се радувам. Познавам неколкумина кој работат со епоксидна смола споделуваме искуства, а искрено интернетот е вистинска можност од која може да се види и научи. Интересно ми е сознанието со приврзувањето и отуѓувањето. Бидејќи најчесто ниеден пар на обетки не се повторува, бидејќи секое цветче е единствено – свое. Се случува откако ќе создадам еден пар обетки да ми се допаднат многи и да сакам да ги задржам за себе. Но истовремено сакам да го има и некој друг. Задоволство ми е да видам моја креација на некој друг. Преку дизајнирањето накит научив да споделувам, и видов како за возврат се враќа назад-убава енергија и благодарност. Што повеќе и поубаво од тоа да се посака? – вели таа.
Облиците и оквирите за секоја колекција се во мал дел различни и нови. Вели дека нив ги има доста и убаво е да се менува истражува и бара. Но, цвеќето и епоксидната смола се основата која не сака да ја менува.
-Пробав да креирам обетки и со фотографииво основата – и морам да признаам дека е интересно е, впечатливо и препознатливо за одреден вкус. Но, сепак, засега цвеќето е вистинското обележје на WeekEndJewellwey. Најчесто изработувам обетки и прстени. Пробав да креирам и брошеви, понатаму, зошто да не, би да продолжила со привезоци, белегзии, детали за во коса… Секогаш наидувам на некој нов облик и тоа ми создава чувство на нешто ново и за менесосема доволно.
Досега најголемиот дел од накитот во основа го има цвеќето, а природата е нејзина најголема инспирација.
-Ме мотивираат прекрасните комбинации на мириси, форми и бои од природата . Инспиративен е начинот да се дојде до цвеќето. Тоа веќе стана и секојдневна релаксација на моите најблиски: прошетка во природа, собирање цвеќе и пресување со радост… И да, инспирација ми е и комуникацијата на страницата на Фејсбук. Чувството од кое, како накит, јас постојано носам насмевка. Непроценливо задоволство ми е кога некој ќе се препознае во некој пар обетки. Благодарна сум на комуникацијата и инспирацијата која од ова ми доаѓа-вели таа и за крај додава дека секоја колекција ја изработува и насловува со љубов и радост. Засега обетчињата лесно наоѓаат весели лица за да им бидат украс, а тоа е и планот на Орданка за развој на брендот -„со уживање и љубов напред и само напред“.
Нема коментари