Егзотиката на Бразил и традиционалните шари од Шкотска навидум се два различни и тешко спојливи модни света, за кои треба добра визија, храброст и знаење да се сошијат во една приказна. Но, обидот во креативната лабораторија на мајсторот на безремениот крој, Никола Ефтимов, резултира со успешен експеримент. Тој создаде колекција која создава ред во хаосот, која иако е шаренолика и слоевита- во себе има едноставност. Таа е совршен микс од многу контрасти и различни потприказни и покажува дека не постојат невозможни комбинации на материјали и бои. Линијата за есен-зима 2013/2014 наречена „Децата на Венера“ со поднаслов Os filhos de Vеnus (Тhe story of dеgagе) беше премиерно претставена на отворањето на осмото издание на Модниот викенд-Скопје.
-Дизајнерот никогаш не смее да заспие и отиде во постојано преџвакување на сигурните решенија. Во такви ситуации тој/таа би прекинал/а да биде дизајнер. Се разбира, со текот на годините, оформува и гради препознатлив стил, но не секогаш препознатливоста се исчитува само преку надворешните карактеристики на облеката, додатоците, модниот изглед итн. Ќе парафразирам еден познат архитект, кој вели „да се биде славен архитект не значи инсистирање само на препознатливи форми и материјали, без почитување на потребите на конкретната градба/нејзините корисници, климата, културните навики итн“. Истото важи и за работата на дизајнерот. Препознатливоста не се гледа во изработка на речиси идентични колекции со изменети материјали и шминка и фризура на ревиите-вели Ефтимов.
Модата секогаш е одраз на средината во која се создава. Како ќе расте нашето општество, така ќе расте и модната сцена. За нејзиното постоење не се доволни само талентираните дизајнери
>> Само неколку дена откако пристигна во продажниот простор, голем дел од новата колекција есен-зима 2013 беше распродадена. Очекуваше ли ваков интерес и што најмногу се бара?
-Би било неискрено доколку би рекол дека не го наслушнувам пулсот на локалниот пазар, тоа би било погрешен став на било кој дизајнер, кој работи во било која средина. Од друга страна, работата во вакви пост-транзициони општества, на дизајнерите кои држат до сопствениот кредибилитет, не им остава (пре)многу простор за компромиси. Кога работам колекции, во процесот на осмислување/проектирање најмногу на што помислувам е куповната моќ на мојата потенцијална целна група, но во однос на изразот не правам премногу одстапувања. Идејата за пласирање на готова дизајнерска облека, за жал, сè уште е ралативно нова на локалниот пазар, заедно со неколку колеги го кршиме мразот на овој семент од работењето. Од актуелната колекција има побарувачка за различни производи, од фустаните со карактеристичните колани, преку здолништата за кои сметав дека се малку ризични за локалниот пазар, до блузите кои се меѓусезонски. Се разбира, како дизајнер што работи и за овој пазар, секогаш постои очекување, барем надеж за интерес, но она што ми е интересно да го забележам е што после објавувањето на фотографиите од новата колекција, дел од посетителите на моето продажно место, почнаа поинаку да ги доживуваат и дел од преостанатите парчиња облека од постарите колекции.
>> Твоите креации се повеќеслојни, не само во изборот на материјали и бои, туку и во приказните… Овој пат во креациите ја пренесуваш својата визуелна импресија од Бразил, споена со каро-шари препознатливи за традиционалната облека на Шкотска. Од каде фасцинацијата и поврзаноста со Бразил, а каква е врската со Шкотска. Како дојде до овој необичен спој?
- Културите кои постојат во Бразил и го градат живописниот композит на оваа држава, од секогаш ме фасцинирале. На моја голема среќа, за време на моите мастер студии во Фиренца, дел од колегите и пријателите беа токму од оваа земја. Благодарение на нив, имав можност поблиску да го запознам менталитеот, навиките, животниот стил, во крајна линија радоста на живеењето кај овие луѓе. Затоа, во оваа колекција кога мислев на Бразил, немав на ум одредени референци од материјалната култура, љубовта кон оваа земја сакав повеќе да ја преведам преку личното доживување, флуидот, еротичноста… Познат сум по тоа што во мојата работа постојано користам контрасти. Понекогаш тие се видливи во боите, друг пат во формите и „недоследниот “ изглед итн. Кога се запрашав кој би бил зимскиот европски контраст на бразилската топлина, некако веднаш се сетив на Шкотска. Шкотската традиција и историја, подеднакво ми беа фасцинантни уште од најраната возраст. Се разбира, не сакав да ги гледам стереотипно работите како топло-ладно, па затоа формите , боите и мотивите на материјалите не беа поделени во рески целини, туку постојано се преплетуваа низ целата колекција, градејќи ги нејзините врзивни елементи.
Во иднина би посакал на македонската модна сцена да видам поинтензивна соработка меѓу индустријата и дизајнерите. Сè додека не влезат посериозни вложувања во овој сектор, дизајнерската работа ќе остане на ниво на егзибиција на мометалното видување на модната понуда
>>Каква приказна раскажуваш со „Децата на Венера“, со поднаслов Os filhos de Venus (The story of degage), која е пораката на колекцијата?
- Како дете на Венера (Вага сум во зодијакот) и како и секогаш, сакав да искреирам автореферентна приказна. Уметноста на заведувањето, љубовта во сите нејзини облици, себесакањето беа само неколку од дизајнерските смерници што ги вградив во колекцијата. Понекогаш овие мисли беа преведувани во облека која е флуидна, па дозволува да се наговестува женското тело, друг пат беа силуети кои се многу ласкави за женската става. Поради Бразил, насловот на колекцијата сакав да биде на португалски. Бев пресреќен кога ја чув мелодичноста при неговиот изговор. Заведливоста ја вградив и во презентацискиот дел, преку фотографиите на Виктор Наумовски, одлично одработената работа на моделката Елена Гугоска, стилистичките сугестии, шминката и фризурата на Лидија Минчев. Во иста линија беше изработено видеото проектирано на ревијата, а госпоѓата Минчев е заслужна и за кореографијата на ревијата во рамките на Модниот викенд.
>> Референците на Венера беа видливи и во сликаните делови на облеката и додатоците, инспирирани од ликовните прикази на Венера, Купидон, но и бакарната и жолта боја, а на делови бакарниот накит…
-Вториот дел на поднасловот- The story of dégagé е билингвална игра која упатува на конструкцискиот третман на дел од облеката, особено на сакоата. Кога се решив поради контраст на женствените форми да си играм со стилизираното машко плато, веднаш знаев дека ќе го релаксирам од сите класични градбени елементи што го фиксираат, појачуваат и ја даваат вообичаената силуета, сакајќи на тој начин да ги проширам можностите како би можело да биде носено на телото, а во некои случаи дури да ја преминува границата од сако во блуза. Релаксираноста беше еден од клучните зборови на оваа колекција. Неа ја интерпретирав и преку разресените ивици, кои се речиси постојано присутни во мојата облека.
>> Креациите се микс од повеќе материјали. Познато е дека на нашиот пазар слабата понудата и лошиот изборот на материјали е проблем за нашите креатори. Колку тебе тоа ти е проблем и за какви материјали се одлучи овој пат?
-Во мојата досегашна кариера имам работено со крајно ексклузивни материјали, но и со такви што можат да се најдат кај нас во малопродажба. Секако, понекогаш знае да биде фрустрирачка споредбата меѓу глобалната и локална понуда, но тоа мене никогаш не ме обесхрабрувало. Секоја модна категорија упатува на избор на одредени типови материјали, но од друга страна и цената на материјалот е еден од факторите што ја одредува цената на финалниот производ. Мојот дизајнерски израз често пати подразбира мешање на искуствата на традиционалните ателјеа и индустријата, затоа доколку одреден материјал ги има перформансите за производство на одреден моден производ, јас му настапувам без предрасуди. Од друга страна, се случува во моите колекции да има доста рачна работа, што во шиењето, што во доработките. Покрај печатените материјали, користам еднобојни материјали кои ги довезувам или рачно сликам. Во новата колекција употребив материјали кои се пријатни на допир и се едноставни за одржување. Кога работам готова облека не ми е битен само првиот впечаток, туку и понатамошниот животот на облеката кога ќе заврши кај купувачот. Дел од фустаните беа изработени од печатени шифони и жоржети, дел од топовите од жерсеа, блузите од ламирана трикотажа, а остатокот од облеката од деним, и традиционални ткаења како рибината коска, сомотот итн. По состав, тие варираат од памук, свила, вискоза, волна, па се до современи интерпретации на синтетските влакна (полиестер, акрилик итн) . Дел од додатоците се изработени од волнена чоја, јута итн.
>> Изминатите неколку сезони на Модниот викенд-Скопје преку различни форми, перформанси претставуваше мал сегмент од сезонските колекции. Оваа сезона линијата беше нешто поголема… Каква ќе биде судбината на оваа колекција, дали ќе ја прошириш, или ќе се посветиш на некој нареден проект?
-Како и секоја сезона, она што го презентирам на Модниот викенд е само мал вовед во пошироката сезонска приказна. Таа се доработува постојано и пласира во продажното место. Сметам дека 12-20 модни изгледи се премалку за да се заокружи приказната. Од друга страна, веќе се во подготовка нови модни проекти кои ќе бидат презентирани на почетокот на следната година. За нив не би зборувал премногу, она што можам да го ветам дека Stylist.mk ќе го има екслузивното право прв да ги објави новините.
>> За колекцијата изработи фотосесија со младиот и талентиран фотограф Виктор Наумовски. Тој изработи и видео кое беше преставено на ревијата… Задоволен ли си од соработката?
-Неколку сезони наназад ја следев работата на Виктор Наумовски. Изминатото лето, додека ја подготвував есенската колекција му предложив соработка, која се реализираше на взаемно задоволство. Она што ме изненади, покрај лесно видливиот талент, беше професионалноста и во фазите на договарање и во изведба на фотосесијата. За жал, таков однос не секогаш е присутен кај дел од неговите повозрасни колеги. Денот на снимањето се докристализира и идејата за видеото, па не ни беше тешко на ниту еден член на екипата и покрај 12 часа работа, да го завршиме и овој дел. Презентацискиот дел ми е секогаш битен и никогаш не го правам да комуницира само локално. Мислам дека сите инволвирани во овој проект успеавме да ја реализираме таа цел. Она што ми беше најбитно при фотографирањето беше не само чистиот израз, туку и динамичноста видлива во позите на моделката, со која сакав да сугерирам активен животен стил.
>> Деталите се неибежен двигател на твоите колекции… На кои парчиња особено им посвети внимание и кои се деталите што сметаш дека ја одбележуваат линијата?
-Во последната колекција дел од деталите, што особено ги ползувам во последните сезони, сакав да бидат посуптилни (ако е тоа вистинскиот збор), минимизирани, а облеката повидлива. Коланите што наликуваат на стилизација на оби, сликаниот накит, сликаните чанти, шапките, каро шаловите итн се дел од додатоците што според мене ја одбележаа последната модна приказна.
>> На својата Facebook страница потсети на 10-годишнината од првото претставување на Lezzet со машка долна облека. Фотографијата што ја постираше е дел од серијата направени од страна на маестро R.O. Flinn, а која беше прикажана на изложбата што ја одбележа 20-годишнината од твојата работата како дизајнер. Какви сеќавања ти буди конкретно ангажманот за Lezzet и дали ти недостасува поголем ангажман околу создавање на креации за конечно будење на домашната машка модна сцена?
-Се сеќавам на преубавата енергија на првата презентација на Lezzet во 2003 година, возбудата позади сцената, но и еуфоријата во публиката кога моделите ги презентираа парчињата долна облека. Тоа беше прва презентација од ваквов тип кај нас, потпишана од македонски дизајнер. Изборот да се изработи колекција на машка долна облека беше логичен, ако се знае еден од моите фокуси- дизајнот на облека за мажи.
Во 2011 година уметникот Р. О. Флин на две локации (Џорџија во САД и Париз во Франција) изработи серијал на фотографии кои документираа избор од дотогашните Lezzet колекции. На ови снимања беше најмена интернационална екипа на модели. Секако, ми недостасува почестото занимавање со облека за мажи, а еден од проектите што следат ќе биде заживување на линијата Lezzet, овој пат не само презентациски, туку и како производ за широка потрошувачка. Она што го имам забележано кај нас, а особено во врска со модата за мажи, е дека без разлика како номинално се класифицираат колекциите (пролет-лето и есен-зима), дизајнерскиот ум, секогаш е отиден напред пред актуелната сезона (се разбира, така треба), па по малку смешно, но многу индикативно е што се случува дизајнерски предлог најнапред да биде примен со потсмев, а кога по неколку сезони таквите решенија ќе дојдат до шопиг моловите, стануваат нормализирани и прифатени. Мејнстримот секаде е една од последните алки во конзумирањето на дизајнерските идеи и обично подразбира сто пати преџвакани идеи за широка потрошувачка, а кај нас тој го диктира модерното и прифатливото. Вакви ситуации не ми се случувале во средини со изградена модна култура.
>> По доделувањето на првите награди на Stylist.mk ти беше еден од ретките креатори што остана и што им оддаде почит на наградените. Колку е битно и (де) мотивирачки на ваков начин да се вреднува трудот на креаторите и моделите на настани како Модниот викенд?
-Поради моето темпо на работа и речиси невозможниот број на обврски во текот на денот, многу сум рестриктивен во појавувањето на јавните настани. Речиси да се изолирав од градот. Но од друга страна, без исклучок, кога станувало збор за настани кои ги обединуваат сите актери на локалната сцена, сум бил присутен за давање на различни типови поддршка, во овој случај и на наградените. Доколку наградите од било каков тип знаат да постават прашања за сопствената работа, позиција итн, тие можат да бидат стимулативни, ако ништо друго како катализатор во процесот на себеиспитување и за процесот на колективно растење на локалната сцена. Тоа што во средини каква што е нашата може да биде проблематично, е позиционирањето на авторитетите, или пак правењето на формално исклучиви смерници за „доброто“ и „лошото“ во дизајнот, доколку ставот не се аргументира доволно прецизно.
>> Зад нас е еден интензивен моден период за нашата модна сцена. Како би ја оценил есен-зима 2013 со македонски печат? Што ја одбележа на позитивен, а што на негативен начин?
- Иако постојат исклучоци, она што во иднина би посакал да го видам на македонската модна сцена е поинтензивната соработка меѓу индустријата и дизајнерите. Дел од дизајнерите се помалку или повеќе финансиски моќни да го завршат целиот круг од осмислување, производство, па до дистрибуција на своите креации, но не е таков случајот со сите. Сè додека не влезат посериозни вложувања во овој сектор, дизајнерската работа ќе остане на ниво на егзибиција на мометалното видување на модната понуда. Во земјите со развиена модна индустрија секој тип презентација со прави со одредена цел, без разлика дали тоа е промоција на новите производи за продажба или заради имиџ и продажба на друг тип производи. Би било жално дизајнерите кај нас да ги прават ревиите колку само некаде да настапат, да покажат дека се присутни, а очекуваниот фидбек да биде по некоја нова невеста или матурантка. Од друга страна, за поздравување е континуираниот напор што го прави тимот на Модниот викенд-Скопје, зашто во нашава средина пополнува голема празнина во модните настани. Се разбира, и за неговот растење, потребни се големи средства. Модата е сериозен бизнис што подрзабира и големи вложувања и постоење на специјализирани тимови во сите професии што гравитираат околу модната индустрија, но мораме да признаеме дека сериозна сцена не може да се создаде преку ноќ и дека иако нам 20-30 години ни изгледаат како долг период, тоа е многу кратко време во однос на периодот што е изминат од создавањето на модните сцени во некои други општества. Македонија е независна релативно кратко време, а тоа е периодот во кој повторно моравме да го откриваме граѓанскиот концепт на општество, пазарното стопанисување итн. Можеби сум здодевен во однос на мојот став за модата, но повторно ќе кажам дека таа секогаш е одраз на средината во која се создава. Како ќе расте нашето општество, така ќе расте и модната сцена. За нејзиното постоење не се доволни само талентираните дизајнери.
Нема коментари