Како клопче конец во најразлични бои пред околу осум години почнала да се тркала една од најслатките дизајнерски приказни кај нас – „Плетени колачиња “. Од вредните раце на креативката Наташа Костадиновска секојдневно се создаваат нови плетени бајки, од кои произлегуваат шарени животинчиња, весели цветови, познати анимирани ликови, облачиња, месечинки, бувчиња…. кои ги радуваат, разигруваат и заспиваат најмалите. Почна со плетење на слатки модни додатоци за девојки, продолжи со парчиња облека за деца, а изминативе година – две се усоврши во правење на играчки, гризалки, топалки и украси за на креветче за бебиња.
– На секој дизајнер и ракотворец во одредени периоди од творењето секој нов производ му е омилен и му е достигнување, исто како што во моментов јас сум одушевена од гризалките и играчките. Со секоја нова креација ми се дефинира патот во различен правец, но битно е дека се дефинира кон подобро во секој поглед… Искрено, сакав да почнам со изработка и понуда на нешто што го нема на пазарот во Македонија, нешто интересно и доста корисно за сите млади мајки и нивните бебиња. Плетените глодалки и играчки се популарни во светски рамки. Според мене, доста поубави и подобри, бидејќи не се од пластика, а направени се само од памук и дрво. Кај нас сè уште не се толку познати, но со тек на време верувам дека ќе се популаризираат. Засега на купувачите сè им е ново и чудно, па се распрашуваат за користењето на глодалките и гризалките-вели Наташа.
Моментално најголем дел од времето го посветува на изработка на нови играчки, гризалки и тропалки.
-Сите играчки, глодалки и тропалки ги изработувам од памучен конец, кој е потполно сигурен за грицкање и играње, бидејќи не пушта ситни влакненца како волницата… Предизвик и инспирација сега ми се бебињата, сакам да им направам интересни и уникатни играчки и искрено уживам во процесот на изработка на шарени играчки. Реакциите на купувачите се супер, многу позитивни. Нормално дека секој сака да подари нешто уникатно… Веќе неколку месеци најмногу ми нарачуваат зајачиња на чие меше е извезено името на бебето или детенцето за кое е наменето-вели таа.
Плетените играчки може да се нарачаат со личен контакт преку нејзината страница на Facebook – Плетени колачиња, а исто така одредена линија од производите може да се набават во продавницата на „Бебеслинг“, која се наоѓа близу Универзална сала. Иако во минатото беше доста активна, сепак, неколку години прави пауза од учеството на базари и изложби.
Пред нас е сезоната есен-зима, кога најмногу се носат и бараат плетени модни додатоци. Наташа за тој период подготвува додатоци едноставни за носење, капи и шалови со крупна и гломазна плетка кои се многу топли.
-Ќе видиме како ќе оди продажбата на тие неколку производи кои ќе ги понудам оваа зима, бидејќи полека полека сакам да го сменам начинот на работа на мојата страна… Покрај досегашната понуда подготвувам плус уште нешто, што го чувам како изненадување, а ќе биде готово од прилика на средината на септември-вели таа на крајот.
Нема коментари