Инспирирана од oсманлиската архитектура, уметност, боите и монументалноста на спомениците, кои се дел од Македонското културно наследство, креативката од Битола Надица Бицева-Димитровски ја создала колекцијата накит „Манзара“. Моделите, дизајнирани под нејзиниот бренд Kreacija jewelry, се спој на уметничко творештво и културата. Изминатиот период парчињата накит ги промовира преку социјалните мрежи со фотосесија снимена во автентични локации во Битола.
-Модната приказна, односно едиторијал за колекцијата „Манзара“ е работен во ентериерот и екстериерот на заштитените културни добра: Гази Хајдар Кади Џамија, Битола и Исак Челеби Џамија, Битола како надополнување кон инспирацијата. Тимот од професионалци со кои соработував за електронскиот каталог се „Зага Продукција“, Далибор и Бојан Митковски – фотографија, Сашо Ралевски – графички дизајн, Ксенија Вангеловска – шминка и Лидија Анастасовска – модел – вели Надица.
„Манзара“ содржи уникатни парчиња кои се спој на традицијата и современите трендови. За приврзоците во оваа колекција користела повеќе форми: лакови, куполи, столб, круг, осмоаголник и плиток релјеф, кои ги изработила од полимерна глина, со металик акрилни бои. Основата на колекцијата е од текстил, од полиуретански скај. Употребила материјали кои имаат волумен, но не и тежина, а тоа ја прави оваа колекција удобна и пожелна за носење.
Модата отсекогаш била пасија на Бицева – Димитровски, која по професија е дипломиран психолог. Професионално со креирање се занимава изминатите две години, колку што постои брендот „Креација“.
- Модниот дизајн, стилот, модните инсталациии, естетиката, убавината, дизајнот воопшто, секогаш ме фасцинира и освојува. Љубовта кон модата, перцепцијата кон модата има главен акцент во моето секојдневие. Иако сум дипломиран психолог, страста кон модата и модните додатоци, цела моја креативна енергија ја канализирам преку дизајн на накит. Креативната експлозија која што ја доживеав во еден момент беше повеќе од доволна за да го отворам моето „Ателје Креација“, место каде што дизајнирам, произведувам и продавам накит… Мојата идеја е преку моден израз, со уникатна естетика и поразличен од масовната продукција, да понудам дизајн за жени со единствен стил. Уметност која може да се носи – вели таа.
Надица дизајнира авангарден накит од текстил, но повремено изработува и модни додатоци (пластрони, фасцинатори, лептир машни…). Сите производи се изработени од репроматеријали и помошна галантерија со висок квалитет и европски стандард. Во процесот на изработка на една колекција, од идеја до реализација, користи повеќе вештини, развој на шаблон, кроење, шиење, боење и цртање на текстил… Повеќе од 70 отсто од изработката на производот е handmade, а другиот дел подразбира користење на стари техники со нови технологии. Повеќето привезоци, детали, со кои се збогатува основната база на производот се изработени од полимерна глина, со дополнително рачно сликање на истата.
-Што се однесува до експериментирањето, тоа е неопходно… креативноста прави чуда, хахаха. Инаку инспирацијата најчесто ја наоѓам во себе, често имам бура од идеи, кои како на филмска лента ми се премотуваат пред очи… она визуелизација која најповеќе ќе ме „освои“ ја претворам во парче накит. Ме фасцинира архитектурата и секогаш кога имам можност ја ставам во тесна врска со креативноста – вели таа.
Модели од „Креација“ најчесто носат жени кои веќе имаат изграден стил, кои ги следат трендовите, но не се во пулсот на комерцијалноста. Парчињата накит се достапни за продажба во нејзиното „Ателје Креација“ во Битола. За пошироката публика тука е нејзината веб страницa www.kreacijajewelry.com каде што може да се разгледаат производите на „Креација“, а наскоро и да се купуваат on-line.
Зад нејзе е учеството на Балканската колонија на ракотворци во 2016 година, но ретко се појавува на базари и модни настани.
-Учество на базари не е дел од мојата мисија… Убава е таа размена на креативна енергија која ја нудат групните претставувања, но ете јас не се гледам како дел од таков вид на модни настани… Мојот фокус е во насока на пласман на мојот накит на што поширок пазар. Темпото на мојата работа е повеќе колекции годишно со цел постојано да нудам нови и нови дизајни. Можноста за реализирање на поиновативни и поголеми цели е секогаш во позитивна корелација со финасискиот успех, така што мојот план е во насока на пласман на моите производи на меѓународен пазар. Раст и развој на „Ателје Креација“ во мини фабрика за производство на идеи со единствен дизајн, активно творештво и иновации – вели таа.
Деновиве ја почна промоцијата и на нејзината нова капсулна колекција, за која вели дека е дизајнирана како must have, инспирирана од т.н. капсулна гардероба која секоја жена ја има во својот плакар, како мал црн фустан, бела кошула, фармерки и маица…
-Креирав накит за жени кои не излегуваат од дома без уникатно парче накит кое комплетно го менува цел outfit, деталите секогаш ја прават разликата… Капсулната колекција содржи безброј комбинации со вашите омилени парчиња облека, може да се носи буквално со сè и преку цел ден. Соработката со „Зага Продукција“ продолжува, нивниот професионализам ме воодушевува, арт фотосесијата за оваа колекција е целосно работена во нивното студио-вели таа на крајот.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари