Во новогодишен амбиент, со ледена, но истовремено топла приказна, утре (2 декември) во City hall центарот дизајнерката на свечени креации и венчаници Мила Кадриу ќе ја претстави својата нова колекција, Crystal ball. Ревијата се одржува во рамки на оф-програмата на Модниот викенд-Скопје. Колекцијата есен-зима 2014/15 е инспирирана од недопирливата, но и кршливата страна на жената.
-Моќта на заводливост прикажана преку женственоста на линиите кои ја обвиткуваат, нежноста од материјалите кои јасно испишуваат реченици карактеристични само за Неа…Колекцијата е умешно прекриена со уникатен спој на уметност, платна и конструкција. Преку креациите ја претставувам кревкоста на жената, вкрстена со заводливиот леден поглед-вели Кадриу.
Линијата се карактеризира пред сè со умешно искомбинирани материјали и кроеви и различни конструктивни решенија. Има колоритот кој што се слева и самиот диктира поделба на колекцијата на три подлинии.
-Се задржав на класичните форми, должини на силуетата. Застапен е класичен крој на панталони надополнети со дезени од самиот материјал, комбинезони, палта изработени од специфични ткаенини, коктел фустани и за крај- венчаница која отскокнува од типот на класични невестински фустани. Моделот е дизајнерски концепт на една модернистичка венчаница со класични елементи-вели Кадриу.
Ревиите на Мила Кадриу секогаш се проследени со соодветна сценографија и приказна. И за презентацијата во City hall центарот подготвува посебна пезентација.
-Сметам дека едно модно шоу мора да биде поддржано од една целосно добро осмислена приказна. Овој пат сакам да доловам еден магичен момент, моментот на подарување љубов која е видлива и покрај ледениот поглед и став на жената. Ќе направиме микс од неколку песни и сценографија која доловува новогодишна атмосфера. Кореографијата ќе ја диктира самата музика-секако специјално изрежирано за настанот-открива таа.
За изгледот на моделите на ревијата од модната агенција „Подиум“, кои ќе ги носат креациите, ќе се погрижи официјалниот мејк-ап партнер на десетотото издание на Моден викенд - АВОН во соработка со тимот на „Академија Леонтиќ“ и фризерското студио „Бубе студио Ин“ во соработка со „Lakme“.
Дизајнерката вели дека по оваа ревија колекцијата нема да има друго јавно изложување. Секој што ќе посака да ја погледне, да проба или купи некој од моделите тоа може да го направи во ателјето MCouture by Mila Kadriu во центарот на Скопје.
Една од креациите од новата колекција за есен-зима 2014/15, наречена Crystal ball веќе ја претстави на изложбата на отворено наречена „Арт ограда“ во рамки на Моден викенд-Скопје. Кадриу редовно учествува на оваа модна манифестација, која во октомври го одбележа своето десетто издание.
-Постои развој на самиот настан, како и на модните дизајнери кои учествуваат на истиот. Модниот викенд помогна да се собереме сите на едно место, етаблирани модни дизајнери , млади И талентирани имиња, организатори, модели, модни новинари, критичари, блогери и сите оние кои сакаат да погледнат што нуди македонската модна сцена. Сето тоа доведе до различни комуникациии, размена на искуства, подигање на модната свест кај луѓето. Значењето на самиот настан е големо бидејќи зазеде широки размери, има добра медиумска поткрепеност и сметам дека луѓето знаат и очекувано го конзумираат понуденото-вели таа и додава дека „со ова ревија ќе ја заокружи оваа, за нејзе, многу значајна и успешна година“.
- Оваа 2014 година ја одбележаа многу успешни проекти, задоволни клиенти и исполнети очекувања. Веќе во средината на февруари 2015 може да очекувате пролетна ревија за венчаници-вели на крај таа.
Нема коментари