Плетени колоритни модни додатоци: капи, чорапи, шалови, понча и декоративни производи за домот се дел од дизајните што младата креативка Марија Рафаиловска ќе ги претстави вечерва во 20 часот на изложбата „Природба“ во арт-кафето „Концепт 37“. По успешното прво издание на „Природба“, во јануари оваа година, Марија, која е организаторка на настанот, одлучила да одржи втора ваква продажна изложба, на која ќе учествуваат девет дизајнери на накит, облека и украси за домот.
- Првото издание на „Природба“ помина над моите очекувања. Сите учесници дизајнери и уметници беа премногу задоволни, а секако и самите гости. Добив многу позитивни критики како организатор на „Природба“, со што и имав мотивација и оваа година да го организирам истиот настан, и да биде пред Нова година, кога постои таа новогодишна еуфорија и кога сите се расположени за забава. Очекувам повторно добра целовечерна забава како за учесниците, така и за гостите. Целта на овој настан кој што е бесплатен, е да се промовира Македонскиот дизајн, а воедно да се овозможи и продажба на истиот-вели Марија.
Рафаиловска, која стои зад брендот Knitten Design на својот штанд ќе понуди десетина нови модели и неколку од минатата изложба. Тие се урбани и уникатни, а покрај практичната страна, да топлат во студените зимски денови, тие имаат и декоративна функција. Ќе бидат изложени и неколку декоративни производи кои можат да се користат како: вазни, столни лампи, свеќници, перничиња декорирани со волница. Некои од моделите се сопствена приказна, а некои од нив се поврзуваат едни со други, а можат да бидат и поединечни парчиња.
>>Кои се основните каректеристики на креациите со кои ќе се претставиш? Какви форми, материјали и бои се застапени?
-Во моите креации користам волница. Обожувам да експериментирам со бои, добрата комбинација на боја го прави производот секогаш подобар. Отсекогаш сум ги сакала боите и тоа може да се види и во моите креации. Тешко ми е кога треба да вклопам нешто во една до две бои, секогаш постои и трета боја, некогаш и повеќе. Целиот концепт на креациите го осмислувам во глава, додека слушам музика, гледам филмови, пешачам. Никогаш незнам каде и кога ќе ми се појави некоја идеја или создаде некоја креација, со тоа што не ја запишувам или цртам. Сето тоа ми се таложи и потоа директно го пренесувам во моментот кога се создава креацијата. Истото важи и за боите на самите креации. Инспирацијата ја пронаоѓам секојдневно во било кое место и време. Таа дури може да се јави и на сон, па знам многу често да се разбудам и да ја меморирам идејата се додека не ја пренесам на креацијата при нејзиното создавање.
>>Кога го основа брендот Knitten Designs и кои се најзначајните активности на истиот?
- Knitten Design е релативно нов бренд, формиран 2013 година. Првпат е претставен на Skopje Design Week, додека оваа година се развиво проект помогнат од Министерство за Култура. Одсекогаш сум сакала плетени работи и да експериментирам со волница. Уште како мала имам учествувано на натпревар организиран од МАТА, каде што изложував декоративни свеќници-шишиња декорирани со волница, инспирирана од неколку континенти.
>> Како почна твојата приказна со модата и дизајнот? Како ти се разви интересот за создавање на плетени модни додатоци?
- Уште од млади години почнав да се занимавам со модата. Посетував школа за мода кај Никола Ефтимов со кого направивме една групна изложба во МКЦ, па потоа и една модна ревија во Музејот на Современа Уметност. Сетоа тоа придонесе јас да навлезам подлабоко во светот на уметноста, модата и дизајнот. Мојата креативност се повеќе и повеќе растеше и тоа ми отвараше нови врати и хоризонти кои пак ја потикнуваа постојано мојата креативност.
>> Што работиш покрај изработката на модни парчиња, се занимаваш ли со друг вид на креирање?
- По професија сум шумарски инженер, отсек проектирање на мебел и ентериер . Во оваа област се занимавам секојдневно како на професионален, така и на креативен план. Работам во „Пункт Мебел“ каде мојата креативност ја манифестирам секојдневно. Родена сум во Скопје, имам живеено во Лондон каде што моето образование го имам продолжено на University of the arts London Central Saint Martins.
>>Кои модели те прават поинаква од другите креативци, по што те препознаваат?
- Секогаш ме препознаваат по боите, внесувам многу колоритност во се што креирам, така го гледам светот околу мене, во бои.
>> Има ли некој посебен тип на техника што ја користиш за креирање на моделите и колку си храбра при експериментирањето со облиците?
- Сите производи се рачно плетени, истражувам и нови техники за креирање на моделите, како и облиците на самите модели. Секогаш сакам се да биде поафтентично и уникатно. Плетките се предходно смислени. Само со добра комбинација на бои и шари и добра комбинација на плетки може да се направи добар и уникатен производ.
>>Во што најчесто наоѓаш инспирација за создавање на плетените креации?
- Инспирацијата ја црпам од секаде, од секојдневниот живот, од интернет, од филмови, музика. Се околу мене го гледам како едно креативно катче од кое постојано црпам инспирација, посветувајќи ја и споделувајќи ја со сите околу мене.
>>Каков профил на клиенти најчесто ги купуваат креациите на Knitten Designs и како и каде може да се набават твоите дизајни?
- Мојот бренд не познава возразна граница, отворена сум да работам со секого. Засега во мојата колекција имам парчиња за женскиот пол, но во изработка се модели за машкиот пол и за децата. Парчињата можат да се набават засега преку интернет .
>>Кои ти се најзначајните презентации на базари, модни настани и изложби досега?
- Досега имам учествувано на повеќе групни изложби како и на модни ревии во Скопје, Белград и Лондон. Имам учествувано на „Миксер Фестивалот“ во Белград, Belgrade Design Week , Skopje Design Week и на повеќе групни изложби, натпревари и работилници.
>>Во тек е сезоната на плетените облеки и модни додатоци. Што препорачуваш за оваа есен-зима? Какви бои, плетки и материјали се носат од доменот на плетивата?
- Во доменот на плетивата секогаш препорачувам да се носи облека во чиј состав има волна. Во денешно време модата нуди облека најчесто изработенаод синтетика, што мене лично воопшто не ми се допаѓа. Многу ретко можам да најдамготов производ изработен од волна. Можеби и од таму тргна идејата за Knitten Designs да создавам модели во чии состав има волна. Јас ја пратам модата секојдневно, но не секогаш одам со боите што таа ги нуди, како и со креациите, бидеќи неможам да замислам да бидам во една боја и тоа да биде бојата што сите ја носат околу мене. Секогаш сакам да биде по различно од тоа што се нуди како за боите така и за креациите, секако да има вметнато во самите креации нешто и од светски модни трендови. Од боите доминираат сива, сите пастелни бои, лила, но како што може да се види во моите креации користам и други бои.
>>Што ти ја одбележа оваа година и какви ти се плановите за Knitten Designs за во 2015?
- Во 2014 успешно реализирав две изложби. Моите планови се да продолжам и понатамуда го развивам Knitten Designs како бренд, како дома така и надвор од нашите граници.
Нема коментари