Во друштво на сите соработници, клиентите и љубителите на модата , со изненадувања, подароци, попусти и пиво, младата дизајнерка Магдалена Таневска в сабота (23 декември) ќе го одбележи првиот роденден на своето студио Magda Station. Почнувајќи напладне, па сè до 20 часот, посетителите на оваа модна станица сместена на ул. 29 Ноември бр.2 во центарот на Скопје ќе имаат можност да ги погледнат досегашните колекции на креаторката, како и модели од други брендови со кои таа соработува…Во живо ќе може да го доживеат малиот моден свет што изминатите 12 месеци го создаде Магдалена.
- Magda Station е мојот универзум, тука моите идеи стануваат реалност. Изминатите 365 дена беа едно интересно патување во кое што успеав да реализирам барем дел од моите идеи. Во остварувањена моите замисли имам најголема поддршка од мојата мајка, моите соработници: фотографката Стефани Павловска – P.S. Photography, модната блогерка Трпеска Александра – Majestic by Alex и сите кои неизмерно ме подржуваат во ова патување… Magda Station е значајна станица во мојата досегашна пасија кон модата. Интересот за мода мислам дека ми е во ДНК . Завршив средно училиште на отсек за конфекциски моделар, а потоа курс за моден дизајн кај познатиот дизајнер Никола Ефтимов. Имам учествувано на повеќе модни саеми, работилници и настани-вели Таневска.
За нејзе ова беше упешна година, а како едни од најзначајните ангажмани ги издвоја, учеството на BAFE во Белград со колекцијата Recycled Jeans, мини колекција на антички римски костими за Haemus – центар за научно истражување, колекцијата Sexy MF која ја претстави на „Паратисима Скопје“. Актуелна е со мини колекција во соработка со дизајнерката Василија Чали, која работи под брендот Basileia. Станува збор за неколку парчиња облека изработени од трико, жоржет и монистра во бела и црна боја, модерни за секоја урбана девојка и жена.
Таневска е препознатлива по користењето на рециклирани материјали, а има одржано и работилници за изработка на модни парчиња со реупотреба на старите парчиња.
- Многу често го користам рециклирањето во мојата работа, а омилена ми е преработката на џинс. Рециклирањето иако не е честа практика кај нас, мислам дека треба да се обрне поголемо внимание токму на тоа, со оглед на тоа до каде е стигната текстилната индустрија. Во последно време изработувам облека од парчињата материјал кој останува неупотребен и често завршува во отпад, но не го фрлам и изработувам нови парчиња облека. Но за тоа наскоро, да не откривам многу детали нека биде изненадување -вели таа.
Покрај облеката Магдалена дизајнира и накит кој исто така може да се најде во Magda station.
- Започнав и со изработка на накит, во последно време предизвик ми е дизајнот на накит и аксесоари. Најчесто соработувам со дизајнерката на накит Надица Златкова Митевска и дизајнерката Евгенија Зафировска.
Креациите практикува да ги претставува преку социјалните мрежи, најчесто Instagram и Facebook во соработка со модната блогерка Majestic by Alex, а неретко и самата креаторка ги носи комбинациите.
- Овој пристап иако доста добро функционира во светските модни центри, кај нас сè уште не е толку многу застапен. За сè е потребно време, постојат доста добри модни инфлуенсери и мислам дека сме на вистинскиот пат. Луѓето треба да се навикнат и да ја козумираат македонката мода-вели Магдалена која веќе почнав со подготовки за колекцијата пролет-лето 2018 година.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари