Минатата недела на посета во Скопје дојде Полјакот Кшиштоф Крис Наџејевјец, официјален мејкап артист на модната куќа „Диор“ кој низ неколку настани на нашата публика ѝги претстави новините на познатата париска модна куќа основата од Кристијан Диор. Крис многу сака да зборува за Кристијан Диор, кој за него е легендарен дизајнер, иновативна личнoст и смел човек, а како што ни откри, многу го почитува брендот и неколку години се посакувал и се обидувал да влезе во тимот. Сега шминкерот кој живее во Варшава е познат мејкап артист на оваа модна куќа, а оваа титула ја има добиено во 2010 година од Dior Backstage про тимот, кој го сочинуваат 12 најдобри мејкап артисти на модната куќа на Кристијан Диор.
Во пресрет на есента во Скопје на настан во Македонскиот народен театар, Крис и „Диор“ ни ги претставија новите тенденции во делот на декоративната козметика – колекцијата Skyline 2016 инспирирана од архитектурата на Париз, новите четири Rouge Dior кармини и парфемот Miss Dior Absolutely Blooming. Со шминкерот се сретнавме повторно во една скопска парфимерија во која два дена по ред имаше средби со клиенти и жени заинтересирани за козметиката на „Диор“, кои завршија со шминка прецизно и внимателно нанесена од Крис. Зборувавме за тоа како почнал во овој бизнис и како се заинтересирал за шминка, и конечно како се нашол во тимот на „Диор“. Иако почнал да студира моден дизајн, Крис сфатил дека инспирацијата и креативноста може да ја изразува на друго поле, во светот на мејкапот.
- Во бизнисот сум веќе 11 години, но сè почна уште во детството. Секогаш се чувствував како артист и уште како мал постојано цртав, дури и се карав со моите родители затоа што постојано им шкрабав на весниците. Можеби артист е голем збор, ама од секогаш имав страст кон боите, постојано цртав модели и шминка. Прво одлучив да бидам креатор и посетував школо за моден дизајн, но некаде на втора година сфатив дека не бев 100% сигурен дека сакам да бидам во модата, сфатив дека тоа не е мојот пат. Знаете, модата е многу тешка и интензивна, постојано треба да креирате трендови и тоа е голем притисок. И шминкањето е напорна работа, иако сите мислат дека да се биде шинкер, фризер или стилист е многу лесно. Во моментов многу патувам и во рок од десетина дена бев во многу градови и сега после Скопје заминувам за Софија, Љубљана, Прага и во Лондон и ни раскажа Крис.
Професијата ја научил и во школо, но повеќе преку искуство. Крис вели дека шминката е експресија на самиот себе, не е копија, не е резултат на тоа како некој те научил да шминкаш, туку како ќе се изразиш преку боите.
-Секако најважно е да бидете прецизни во работата, многу педантни и да се грижите за алатките и четките, и да направите луксузен изглед – вели тој и ми покажа како постојано ги чисти четките и користи шпатули на кои ги меша боите. Ова гарантира не само професионално нашминкан изглед, туку отсуство од ширење на инфекцци.
Пред шест години Кшиштоф бил забележан од луѓето од козметичкиот дел на „Диор“ и денес е среќен што работи за бренд кој како што вели мајка му многу го користела, особено пудрите, сенките, кармините и моливите за веѓи, а ни откри и дека баба му постојано ги користела кармините Dior Rouge.
Токму кармините Dior Rouge, поточно новите четири нијанси, се дел од причината за неговиот престој во Скопје, а покрај кармините ја промовира и новата мејкап колекција за есен 2016, Skyline, и новата верзија на парфемот Miss Dior, наречена Absolutely Blooming.
-Skyline колекцијата е креирана од Питер Филипс, тој е креативен и имиџ директор на Dior Make Up, еден неверојатен и луд човек, секако во позитивна смисла. И за оваа колекција најде извор во историјата на Кристијан Диор кој го создаде брендот. Поточно за оваа колекција инспирација најде во панорамата и архитектурата на Париз, од респект кон Кристијан кој секогаш сакал да биде архитект. Она што го има во архитектурата, хоризонтални и вертикални линии, прецизност, е нешто што го има и во шминкањето. И во шминката треба да се почитуваат некои правила и таа прецизност. Филипс се инспирирал посебно од Ајфеловата кула чиј железен и скоро тантелен изглед може да го видите отпечатен на површината на сенките за очи – вели Крис и ни ги претстави новите трендовски бои, сенки за очи во виолетови и земјени тонови, како кармините и новата верзија на класичниот црвен кармин со број 999, кој сега го има и во мат верзија. Во колекцијата има и неколку омилени производи кои задолжително ги користи кога шминка.
-Секогаш почнувам со нега на кожата, чистата и негувана кожа е основа за добра шминка, можеби 60% од целосната шминка зависи од добро подготвената кожа. Во моментов сум опседнат и постојано го користам Dreamskin Perfect Skin Cushion, затоа што совршено го подготвува тенот, после нанесувањето кожата изгледа одлично, скоро како да сте направиле фотошоп. Тоа ми е must have, и секогаш го препорачувам. Фаврит ми е и Diorskin Forever & Ever Control Loose Powder, потоа Diorshow Maximizer третманот за трепки, Lip Maximizer, потоа доаѓаат боите… Се чини дека е тешко да се одберат фаворитите, бидејќи сè зависи од клиентот. Имате многу производи и алатки кои ги употребувате зависно од личноста, од тенот, возраста, пригодата, обликот на очите , состојбата на кожата…. Инаку, јас 200% гарантирам за квалитотот на „Диор“ производите. Ја посетив фабриката каде што се прави шминката на брендот, на пример пудрите се прават преку долг и комплициран процес на пресување, видов како се прават кармините со хидрагел во нив и видов како се испитува молекуларниот состав на производите што е важно за квалитет – раскажува.
Додека ја чека новата дама која сака да биде нашминката од Крис, ги разгледуваме новите нијанси на кармини, две во црвена боја (080 Red Smile и 999 Matte), потоа розевкастата 047 Miss и вамп виолетовата 962 Poison Matt, a зборуваме за тоа дали секоја жена треба да носи црвен кармин, без разлика на нејзината возраст.
-Се разира да. Црвениот кармин е толку секси. Секогаш и секаде. На пример, ако одите да возите велосипед низ градот, ставете црвен кармин. Дури и кога одите да купите појадок, ставете огромни очила и нанесете црвен кармин. Црвената е толку привлечна, дел од луксузот. Црвената е симболична боја за Кристијан Диор, кралица на боите и заштитен знак на „Диор“ – смета шминкерот.
Дел од промотивната акривност на „Диор“ во Скопје е и претставувањето на новата верзија на Miss Dior. Оригиналниот парфем е лансиран во 1947, годината во која Кристијан Диор го презентира „новиот изглед“ (New Look).
-Да, ова е Absolutely Blooming, новата интерпретација на класичниот Miss Dior, во него има рози од Грас, бобинки, див мошус, и е посладок, посензитивен и посекси од претходните верзии. И кај парфемите може да ги забележите знаците на брендот, на пример фонтот и класичното лого, обликот кој реферира на Версај, панделката, шарата отпечатена на долниот дел од шишенцето – ни кажа Крис додека го мирисаме Absolutely Blooming.
Нема коментари