Модата од 70-тите години и диско-ерата биле инспирација на дизајнерката Јована Филиповиќ за новата колекција за пролет-лето 2016. Во линијата, која ја промовира минатата недела со забава во своето ателје во центарот на Скопје, застапени се мини фустани извезени со мониста, палта со сјај, тесни панталони, комбинезони и кошули со лелеави ракави.
-Кога почнав да работам на новата колекција, првата идеја ми беше дека кога современата верзија на Џери Хол би лудувала во „Студио 54“ би сакала да носи некое парче од колекцијата пролет-лето 2016. Затоа пробав да го оживеам духот на 70-тите и да го интерпетирам на свој по суптилен и модерен начин. Останав доследна на својот минимилистички стил,со едноставни кроеви и модни додатоци во самата облека. Овој пат монохроматските бои ги надополнив со малку по светкави материјали во духот на 70-тите.
Дизајнерката и со оваа колекција кокетира со машките кроеви, но овој пат давајќи им посвечена и посекси нота. Моделите се прилагодливи за повеќе пригоди, а се наменети за девојки и жени кои не се плашат да го изразат своите години и сексапил
-Колекцијата е ready to wear и сосема нослива за било каков настан или пригода. При правењето на колекцијата мислев на потребите и желбите на сите мои клиенти и затоа создадов модеи кои се наменети за урбани и софистицирани жени, жени кои знаат што сакаат, и не се плашат да го изразат своите години и сексапил.
За промоција на колекцијата Филиповиќ неодамна сними lookbook со својата пријателка и соработничка, познатата блогерка Јована Зука (AfterTwoFive.com), која се јавува како фотограф. Фотографирањето се одржа во хотел „Водно“ каде е доловена естетиката од 70-тите години.
-После толку многу соработки низ изминативе години, Јована Зука веќе е дел од се што создавам, затоа и се појавува како фотограф скоро на сите мои фотосесии. За шминката се погрижи Дарко Мишовски, а како модел се појави Ангела Карова. Како локација го избравме хотелот „Водно“ зашто совршено се вклопи во ретро идејата околу сликањето а воедно и самата инспирација за колекцијата.
Филиповиќ е една од најангажираните наши креатори, покрај редовната изработка на колекции за има и други ангажмани, како календаро на „Пелистерка“ за 2016.
-Изминатиов период доста сум посветена на работата со клиентите, и спремање на нови колекции. Наредно ќе биде нова, зимска колекција и секако да ја завршам годината со полна, креативна пареа-вели таа на крајот.
Нема коментари