Љубовна приказна раскажана со свила, кашмир, волна и памук, скроени во минималистички форми, е основата на новата колекција за есен-зима 2014/15 на една од најталентираните македонски креаторки од новата генерација, Јована Филиповиќ. Линијата наречена Where The Wild Things Are (Таму каде што се дивите нешта) премиерно ќе биде претставена в четврток, на отворањето на Моден викенд-Скопје, во мултимедијалниот центар „Мала станица“, веднаш по шоуто на Јован Петровски.
- Преку колекцијата ќе се потрудам да раскажам една љубовна приказна на сафари. Денско дивеење низ саваната, кое вечерта се претвора во страстна љубовна афера. За истата да биде пренесена во реалност, направив и машки модели, кои ќе ги придружуваат поголемиот број женски креации. Колекцијата е наменета за жената на 21. век, која работи, има обврски и не се плаши да живее, знае да ужива, да сака… При изработката на креациите секоја сезона тежнеам да користам квалитетни и природни материјали, па така и оваа ќе биде направена од свила, кашмир, волна, памук. Застапени се анимал принтови, монохроматски бои, минималистички кроеви и чисти форми-открива Филиповиќ.
Ревијата на Јована е поддржана од Bauerfiend. Целта на оваа соработка, како што вели таа, „е да се покаже дека медицинските чорапи ( кои ќе бидат изложени во текот на ревијата ), истовремено се и моден детал и потреба. Дека жената на 21. век, треба да внимава на своето здравје, а притоа тоа да изгледа стилски и современо“.
-Со оглед на тоа дека претходните две претставувања на колекциите ми беа поразлични, овој пат се решив да ја промовирам колекцијата преку класична ревија, на истото место каде што пред десет сезони, прв пат настапив на Модниот викенд-Скопје со модна инсталација…Кога ќе направам една ретроспектива на оваа манифестација, сфаќам колку самиот настан порасна, се издигна, и расте секоја идна сезона. Со оглед на средствата и ресурсите што ги имаат, успеаја да останат активни 10 сезони, да остварат соработка со дизјанери и блогери од странство, а воедно и да промовираат македонски дизајнери надвор. Да, далеку сме од тоа да се споредуваме со светските модни настани, меѓутоа треба да бидеме среќни што воопшто и имаме ваков тип на настан кај нас-вели таа и додава дека на новата ревија сака на посетителите да им пренесе барем дел од инспирацијата и енергијата со која што ја созадавала колекцијата.
Утре, на ден пред почетокот на десеттото издание на Моден викенд-Скопје во соработка со Општина Карпош ќе биде отворена модната изложба „Арт Ограда“ со фотографии од најновите креации на дизајнерите – учесници на есенското издание. На надворешната ограда на објектот „Државен архив на Република Македонија“ ќе се најде и фотографија со креација од Филиповиќ, што ја носи младата актерка Ивана Павлаковиќ, позната по улогата во новиот филм на Антонио Митриќески, „Деца на Сонцето“.
-Соработката со Ивана почна од пред скоро време, кога на Фестивалотот „Браќа Манаки“ во Битола носеше креација од мојата коелкција за пролет/лето 2014. Таа е прекрасен човек, вистински креативец и уметник. Задоволство е да работиш со човек кој знае да ти пренесе што сака, а притоа да те остави да го работиш тоа што го знаеш најдобро. Заедно со неа учествувавме и на проектот – соработка помеѓу Општина Карпош и Моден викенд – Скопје-вели таа.
По ревијата моделите за есен-зима 2014 ќе можат да се набават во новото модно студио на Јована, како и преку онлајн продавницата на Bastet Noir. Планира да ја изложи колекцијата и надвор од границите на Македонија. Новото ателје на Филиповиоќ, кое се наоѓа во центарот на Скопје, почна да работи на 25 јуни. Дизајнерката е задоволна од неговото фукционирање изминативе четири месеци.
-За мене тоа е место каде што целосно се пронаоѓам себеси, место каде што ја црпам инспирацијата, и кое што ми влева спокој и мир секојдневно. Воедно е и простор каде што клиентите можат да ме најдат, да дојдат, и видат дел од работите што ги правам-вели таа на крајот.
Нема коментари