Сексапилот на легендарната Брижит Бардо, која е една од предводниците на кратките здолништа и високите (над колена) чизми и моделите со висока половина од доцните 50-ти години, биле инспирација за младата креативка Јелкица Поповска и нејзината мајка, Виолета, да ја создадат мини-линијата Escape from the red carpet. На неодамна одржаниот Моден викенд-Скопје со перформанс ги претставија креациите, кои се во доминантна црвена боја.
Три недели подоцна, со веќе собрани впечатоци од настанот, разговаравме со Јелкица за колекцијата, искуството од FWSK и за соработката со својата мајка.
-Мини (колекција) е во фазонот кратко и слатко…. се шегувам….Направивме само неколку креации бидејќи многу доцна го пријавивме нашето учество и имавме само една и пол недела за подготовки. Многу сме им благодарни на организаторите на Моден викенд-Скопје што ни ја дадоа можноста на веќе затворена програма да се вклучиме. Нашата линија Escape from the red carpet ја прегазува онаа лажна приказна за гламурот и елеганцијата на една современа среќна жена/женска. Како инспирација го искористивме сексапилот на големата Брижит Бардо и појавата на високата половина во доцните 50-ти, за кој сметаме дека никогаш нема да изумре. Вистинската елеганција се крие во едноставноста, минимализмот и чистите линии, поради тоа се трудевме нашата колекција да се одлкува со овие карактеристики, без видливи рабови, материјал кој цврсто ќе паѓа и форми кои ќе ја истакнат убавината на женското тело-вели Јелкица.
Објаснува дека моделите се предводат од светските модни трендови. Свесна е дека е тешко да се достигне уникатност во модели и дека сè е веќе измислено, па вели дека „единствено нешто кое може да роди уникатност се нови материјали и технологии кои ќе ги направат моделите, не само различни на нашиот туку и на светскиот пазар“.
- Материјалот кој ние го користевме за нашата колекција е од „Макпримат“. Станува збор за декориран памук од фабрика од Фиренца, Италија која веќе подолго време соработува со нив. Материјалот и начинот на изработка на креациите се најголемите виновници за да парчињата изгледаат извондредно скапо и неодоливо. Моделите во ова издание (должина) се дефинитивно наменети за храбри жени од било која возраст. Како сегменти се едноставни а приметливи и можат да се вклопат во било која комбинација. Потребна е само мала креативност и во зависност од енергијата можат да се искобинираат за различна пригода.
Проектот го реализира со својата мајка за ова искуство Јелица вели:
-Мајка ми има вечна поврзаност со модата. Таа е од оној тип на жени кој не можете да не го забележите, а и да го заборавите. Владеее со својот стил, став, силен и позитивен карактер, а креира и шие од свои студентски години. Отсекогаш имаше желба да направиме нешто заедно.Многу сме различни, но одлични во комбинација. Во период во кој одлучив комплетно да се посветам на креативна работа совршено произлезе нашата соработка која планираме и да продолжи.
Подготовките околу FESK поминале, како што вели Јелкица „слатко – макoтрпно“. Сè било изработено со заеднички сили, почнувајќи од идеја, концепт, кроење, шиење, детализирање, лого, графички дизајн, концепт за сценарио, стајниг, фризури…
Со оглед на тоа што имале краток период сè постигнале да изведат од замисленото, освен концептот со сценографијата.
-Замислата беше предобра, иновативна и поврзана со презентацијата во рекламниот каталог на FWSK , сите крации беа контурно истакнати со флорсцентни ленти за кои требаше темен простор и UV-светло. Но, поради тоа што немавме проба и недоразбирање на организацијата со тимот на FWSK ефектот не беше постигнат, а публиката остана зачудена. Од грешките се учи нареден пат и тоа ќе го превземеме повеќе во наши раце…. Од презентацијата не очекував премногу. Очекувам доста од себе си и од презентациите што допрва ќе следуваат и секако финансиски успех во креативно поле-вели таа.
Наредно претставување на Escape from the red carpet , во проширена верзија ќе се одржи на Super Design Pop-Up Store, во организација на Драган Христов од „Лудус“, што ќе се оддржува на 9 и 10 мај во галеријата на МКЦ . Моделите (креациите) може да се набават во креативното студио на Јелкица или да ја исконтактираат online преку нејзиниот профил на Facebook.
Јелкица во нашата јавност е позната како една од најангажираните стилистки и шминкери, зад себе има и музичка кариера, a има искуство и образование од областа на дизајн на ентериер. Со овој ангажман, Јелкица во својат богата креативна биографија го додава и модниот дизајн. Jа прашавме што oд сите овие креативни активности е нејзин приоритет и во која насока ќе се насочош нареднава година?
-Очекувано прашање кои многумина го поставуваат како провокација , но јас напротив го сметам на место. Магистрирав на факултет во Милано каде што запознав личности од различни земји со различни искуства секој креативец (дизајнер) работеше или имаше работено на различни теми и насоки и воопшто не е чудно еден креативец да се вклопи во различни димензии, облици на дизајн. Зашто кога можам, умеам и имам време и простор да не дадaм сè од себе? Работам на проекти со внатрешно уредување, стаjлинзи и слично, магистрирав за продукт дизајнер а во продукти се вклучува и облеката. Македонја е мал пазар, дај Боже да имам постојано побарувачка само за едно нешто тогаш сигурно би се определила само за тоа . Инаку во блиска иднина планирам да се насочам на стајлинг пакети во кои ќе понудам компелтни услуги-вели таа на крајот.
Нема коментари