Обетки во вид на копчиња, чанти и алки украсени со мониста и тока, торби како уметнички слики и модерни додатоци со барокни елементи се само дел од раскошната понуда на „Гоблен“. Младиот македонски бренд за модни додатоци и накит е препознатлив по благата театралност, симболиката во сликањето и фотографирањето и богатиот вез. Првата средба со оваа етикета, зад која стои креативката Евгенија Петровска Вангелова, ја имавме на Super Design Pop-Up Store пред неколку месеци во МКЦ, Скопје. Уникатите беа презентирани и на неодамна одржаните Skopje Design Week и Моден викенд-Скопје.
- Овој тип на изложување нуди можност да го доближите своето творештво до луѓето што сакаат промена, уникатност и препознатливост, но и со личности кои не знаат што сакаат… На овие настани понудив уникатни, рачно сликани и везени плик чанти, сите поврзани со препознатливиот круг на „Гоблен“. Покрај нив на FWSK и на SDW претставив и рачно сликани марами, цртани и везени алки и ѓердани-вели Евгенија.
>>Кога и со каква идеја настана „Гоблен“? Како се одлучи за ова име, има ли некоја посебна приказна и филозофија зад истото?
-„Гоблен“ функционира многу одамна само без име. Барав назив што ќе ме асоцира на истрајност, толеранција, мудрост… Збор со многу енергија во него.
>> Кој го сочинува тимот на „Гоблен“ и како функционира овој бренд?
-Никој не може да работи сам. Без Иванка Ниневска „Гоблен“ ќе останеше само како идеја, бескрајно ја почитувам и ѝ се поклонувам на нејзината истрајност и на нејзината енергија, на Ана за нејзината толеранција, на Наим за трпеливоста, на Ерол за поддршката, и на остатокот од тимот за нивната силна љубов.
>>Колку време се занимаваш со дизајн? Како почна приказната за создавање на модни додатоци?
-Приказната започна во Средното уметничко училиште, во училницата на Лира Грабул, продолжи во ателјеата на државната ликовна академија во Софија – отсек моден дизајн со модни додатоци… Претстави, работилници за традиционален накит ,техники за сликање на свила и долгогодишна едукација во областа на модниот додаток се само дел од таа убава приказна…Инаку, родена сум и живеам во Скопје. Секојдневно изработувам модни додатоци кои што се мојата главна работна преокупација, а во меѓувреме изработувам декоративни кутивчиња со чоколада и порака наменети за свадби, веселби, родендени и концептуални собиранки, но тоа е друга приказна…
>>Креациите изгледаат раскошно и театрално. Какви материјали користиш за изработка и колку често експериментираш со облиците и комбинациите?
-Најчесто се користи свила, велур, плиш,скај. Но, не треба да се заборави дека самиот материјал ја диктира доработката, а и самата форма на моделот. На одредено барање, за изработка се користи адекватен материјал. Идеите, материјалите, камењата, монистата, боите, четките, тантела, филц, бисери… она што вие ќе го направите е огледало на вашиот дух.
>>Од што најчесто црпиш инспирација за парчињата?
-Инспирација доаѓа обично ноќе, по можност сите да се заспани, да не шушка ништо. Најверојатно е од тишината и по тишината настанува промена… Има луѓе што сакаат промена и работат на себе… Ете нив им го посветувам творештвото.
>>Кои ти се најчести клиенти и каде, освен на базарите и другите јавни преставувања може да се набават креациите на „Гоблен“?
-Не можам да кажам дека од моделите на „Гоблен“ купуваат само жените. Мажите точно знаат на што би се израдувале нивните партнерки, па подаруваат за родендени, годишнини, имендени или во обични денови. Парчињата сè уште се изложуваат исклучиво на дизајнерски базари… Нормално дека може да се нарача или купи веќе бендисаната креација, со лична достава или преку некоја од брзите пошти. Релативно често учествувам на групните изложби и базари, го сакам тој тип на изложување, ги следам базарите редовно. Не би можела да издвојам најзначајно претставување, и на навидум најнезначајните може да се случи нешто значајно.
>> Останаа уште месеци половина до крајот на 2014 година. Какви се твоите проесионални планови за до Нова година?
-Планирам создавање на нови модели на чанти, невестински аксесоари, бебешки обувки…
Нема коментари