Битола деновиве живее со филмот благодарение на 35-тото издание на фестивалот посветен на филмските кинематографи „Браќа Манаки“, а градот и организаторите почестија тројца оскаровци, кинематограферите Лука Бигаци и Крис Менџис, и специјалната гостинка, француската актерка Жулиет Бинош. Во фокусот на интересот беше и црвениот килим на отворањето на фестивалот, а овојпат директно од него во преносот на Македонската радио телевизија известуваше Цаци Паковска, позната стилистка, креаторка и авторка на телевизиската емисија „Стилисимо“. Нејзина задача беше да направи разговори со гостите во однос на модата и нивниот избор за црвениот килим, а ние ја контактиравме за да ја прашаме за нејзините впечатоци, како изгледаше средбата со Бинош и кои се нејзините совети во однос на дрескодот за настани од ваков вид. Таа исто така забележа дека дел од гостите избрале креации од македонски дизајнери како Јована Филиповиќ, Александра Митковска, Лили Кадинска и Ненад Секирарски. Жулиет Бинош носеше креација од францската модна куќа „Живанши“, во комбинација со бежови сандали, мала чанта и поедноставена фризура и шминка. Цаци Паковска вечерта на отворањето носеше фустан од Стела Макартни, чевли од „Гучи“ и накит од „Миу Миу“
>>Известуваше директно од црвениот килим на отворањето на фестивалот „Браќа Манаки“, па иако фокусот се филмските дела, кинематографијата како главен адут на фестивалот и тројцата оскаровци како гости, медиумите и модните експерти го проследија и изгледот на посетителите. Што беше за тебе највпечатливо?
-Секако дека највпечатливо за мене беше присуството на Жулиет Бинош која во живо изгледа совршено, побава од тоа што е и многу повисoка од тоа што сум ја доживувала. Со нејзината француска едноставност, облеката, фризурата и шминката покажа како треба да се изгледа на еден европски филмски фестивал. Ми се допадна и идејата на организаторите и МРТ за акцентот кој му го дадоа на црвениот килим во преносот во живо, бидејќи модата од секогаш била присутна на вакви настани, па редно беше и ние да ја одбележиме на вистински начин.
>>Како стилист и одличен познавач на модата, како според тебе треба да изгледаат обичните посетители, а како познатите личности, луѓето од филмската фела и политичарите на настан како што е еден македонски филмски фестивал?
-Навистина не постои формула или одговор на тоа како би требало да изгледа еден посетител на ваков настан. Додека американските филмски награди секогаш ни нудат недостапен гламур, без разлика дали се работи за облеката или накитот, европските филмски доделувања се навистина поуметнички, и во однос на програмата и во одност на модата на црвениот килим.
Мора да се има на ум дека фестивалот „Браќа Манаки“ е единствен од ваков вид во Европа (можеби и во светот), фестивал во кој се наградуваат луѓето позади камерата, уметниците кои дале посебен придонес во филмската индустрија. Токму поради сето ова, јас многупати на преносот споменав дека гостите на овој настан, без разлика дали се работи за јавните или обичните личности, треба да ја употребат својата креативност во изборот на облеката. За жал, на поканите на фестивалот не е означено правило на облекување, па така сите гости немаат рамка по која би се воделе и секој со својот инстинкт и вкус одлучува како ќе се појави. Имаше навистина интересни изгледи, некои од нив и ги инервјуирав на црвениот килим, но секако неизбежни беа и оние предотераните жени, со креации на кои местото им е на свадбите. Кога би треба да набрајам што е она што НЕ доликува на вакви настани, тоа би било:
- Премногу куси фустани
- Деловни костуми (ова важи и за мажите и жените)
- Свадбарски куч фустани (и свадбарски фризури)
Сметам дека идеалната „формула” за тоа како треба да се изгледа на црвениот килим би било…
Dress Code: Creative Black Tie
>>Жулиет Бинош беше ѕвездата на отворањето, како ти се допадна креацијата од „Живанши“ што ја носеше и целокупниот нејзин стајлинг?
-Како што споменав, таа изгледаше прекрасно. Јас ја обожувам нејзината француска едноставност. Жулиет е толку негувана жена што таа изгледаше восхитувачки и без грам шминка. Нејзиниот стајлинг (облека, фризура и шминка) беше совршен.
>>Забележа ли доста креации од македонски дизајнери?
-Навистина не успеав да препознаам креации на македонски креатори, но затоа пак некои од оние кои ги интервјуирав ми открија дека носат фустани токму од нашите креатори. Овој фестивал е идеално место за промоција на домашните модни имиња. Би сакала на следното издание на „Браќа Манаки” да видам интересни креации кои се специјално направени за црвениот килим.
Нема коментари