Со секое свое појавување во јавноста предизвикува фама. Прво ја скокотна љубопитноста на публиката со работата под псевдоним за брендот Chic Undercowear, а по разоткивањето на својот идентитет не престана да изненадува. Креаторот Бобан Илиевски, според многумина, е нишката што долго време недостасуваше на нашата модна сцена. Тој ја открива потребата од драматична, сексапилна и луксузна облека со потпис на домашен дизајнер, истовремено покривајќи ги дамите со сите величнини и стилови. Неговите модели се елегентни, урбани и шик, кои не се наменети само за ограничена публика (тинејџерки и тенки девојки), туку на поширока клиентела, која сака да изгледа модерно.
По успехот на првата самостојна презентација на Модниот викенд-Скопје, минататa есен, за што и го доби признанието за најдобар млад дизајнер на наградите на Stylist.mk, тој повторно се враќа на оваа модна манифестација. Овој пат ќе ја претстави својата нова колекција Bohemian CHIC за сезоната пролет-лето 2014. Линијата, под брендот Chic Undercoewear, е инспирирана од лежерни форми на „ненамерното”, каква што креаторот смета дека треба да бидат пролетта или летото.
-На пролетниот Моден викенд ќе претставам колекција која е совршена симбиоза на монохроматска едноставност и колор блок од принтови, сето тоа низ призмата на дрско шармантниот карактер, специфичен за мене. Застапени се природни материјали, свила и памук, како основа за ненаметливиот печат, што би требала публиката да го почувствува и овој пат. Колекцијата е наменета за жената хедонистка без инхибиции и страв да ја покаже индивидуалноста, а помеѓу некаде и да остави понекоја порака ЈАС БЕВ ТУКА…
Креаторот открива дека многу малку се води според светските трендови, зашто смета дека е непотребно и помалку битно.
-Сепак ние сме каков таков пазар за себе и јас морам да ја слушам „мојата” жена/девојка кои ѝ се потребите . Од друга страна се трудам да ги наметнам своите идеи кои што непретенциозно сметам дека се доволно свежи… И овој пат ќе има блузони. Тие беа очекуван триумф на претходната ревија, токму поради носливоста и лежерниот стил што фантастично се вклопува кај варитет на девојки и жени. Воден од тоа ќе понудам и оваа сезона сличен продукт видоизменет и надограден.
Вели дека нема големи очекувања од ревијата и дека остава работитеда се одвиваат по свој терк.
- Досега ако нешто научив е тоа дека не треба да имам никакви очекувања, туку да го дадам максимумот од себе креативно, духовно, а посекако и финансиски, плодот сигурно ќе дојде како награда. Сигурен сум дека ќе ужива публиката во тоа што го подготвувам без да го најавувам со некоја голема помпа. Се осврнувам повеќе на интересен незамислив стајлинг на сцена на многу носливи парчиња…. Сè уште е рано да кажам каде ќе биде достапна колекцијата, со сигурност знаеме дека после секоја ревија колекциите ќе бидат изложени следниот ден во „Концепт 37“ како еден вид привремен шоурум, за да се донесат поблиску до публиката којашто можеби не ме знае доволно – вели тој.
Изминатиот период доста јавни личности се појавија во негови креации, меѓу кои и поп-ѕвездата Калиопи и актерот Васил Зафирчев.
- Првиот настап за којшто Калиопи ме ангажираше беше гостувањето на балканскиот „Х-фактор“. На Калиопи ѝ се допадна свежината на креирање што ја понудив и сметам дека почнуваме една соработка во којашто ќе се надоградуваме и надополнуваме меѓусебно како дизајнер/стилист и поп-дива. Малку ќе трае процесот додека публиката воочи кон кој таргет целиме и дека имиџот на Калиопи сакаме да еволуира, затоа што таа е неминовно ДИВА и тоа сите го знаеме, но интересно е да одиме и кон некои поинакви бариери. Во меѓувреме имав соработка и со Васил Зафирчев којшто фантастично изгледаше во мојот костум на доделувањето на наградите на МРТВ, или пак ултра талентираниот Сашо Димоски, на неговата промоција на збирката „Дневникот на хулиганот” со што ја доближувам идејата и дека апсолутен предизвик ми е и машката публика-вели тој.
На доделувањето на првите награди на Stylist.mk го доби признанието за најдобар млад дизајнер на есенското издание на Модниот викенд-Скопје. Иако вели дека ниту е најмлад, ниту најтазе, сепак вели дека му значи ова признание.
- Факт е дека со оглед на моите 28 години спаѓам во категоријата на млади дизајнери и да не се лажеме на кого не би му пријало да биде вечно млад, меѓутоа кога е во прашање искуството, имам зад себе стаж на којшто би му позавиделе и некои постари колеги. Сепак работењето како дел од тим на еден моден бренд за масовно производство не дозволува пропагирање медиумско до таа мера како што тоа го овозможува работењето под своја сопствена етикета. Затоа за генералната публика со ова прво претставување на модниот викенд како единствена модна платформа, бев прилично свежо лице. Можеби затоа и реакциите на публиката генерално беа дека воопшто не очекуваа некој толку млад дизајнер да излезе на сцена после една толку зрела и дефинирана колекција. Ситуацијата е таква да нашата работа пред , за и после модните викенди и промоции на колекции не бивала во никој сегмент евалуирана ниту наградувана, па така ми беше искрено огромна чест да бидам првиот што ќе го добие ова признание. Секако не го очекував … За поздрав е дефинитивно што конечно после толку години почнуваме со евалуацијата на нашата работа, треба уште многу да се искристализира категоризацијата на творештво на сегашниов моден „панаѓур”, иако би рекол дека не е пресудна, сепак здрава конкуренција може да допринесе само до поквалитетен дизајн со којшто не би се срамеле да излеземе пред инернационална публика, а валутацијата на овој начин тоа го допринесува – вели Бобан.
На една од нашите скорешни средби ни откри дека интересот за креациите по ревијата на есенскиот Моден викенд е голем.
- Најмногу се бараат поносливите парчиња кои што се поадаптабилни за секој профил на жена, со мала доза на деконструкција на стандардниот дизајн и прав хит беа принтаните машки блузони коишто го носеа водечкиот лик на колекцијата, Џоан Колинс.
Неговите креации покриваат една поширока клиентела, на која поздабораваат другите креатори- девојки и жени со облини. Докажува дека модата и трендовите не треба само да се обмислува и произведува тие што носат конфекциски 36 и 38, дека има модерни личности со повеќе килограми.
- Настрана фактот дека поголемите величини се ускратени во тој поглед и не можат да си најдат парче соодветно во мас- продукциски брендови, јас се трудам да им понудам подеднакво квалитетен и добро осмислен дизајн, приспособен на потребите на многу поширока клиентела од 36. Многу е човечно би рекол да се двоумите и преиспитувате околу нешто ваше, во случајов -тело. Меѓутоа упорно ја пропагирам индивидуалноста кај една жена што доаѓа од сигурноста во себе што сметам дека е најубав дел од нечие битие – вели тој.
Нема коментари