Одбележувањето на јубилејот од 20 години постоење на своето ателје, кое почна со ревијата за колекцијата – Art en Deco одржана пред неколку месеци, познатата дизајнерка Антонија Ристовска го продолжува со луксузна линија на маици со илустрации. Таа дизајнира елегантни модели со цртежи инспирирани од нејзините последни четири колекции – „Art en Deco, „Инстинкт“, „Еквилибриум“ и „Египтоманија“, а во план се и принтови од другите колекции. Деновиве со тандемот Ани и Дими сними lookbook со маиците, што премиерно го претставуваме на Stylist.mk.
Маиците на фотографиите ги носат манекенките Моника Алексовска и Ангела Ѓоргиева од агенцијата „Подиум“. За шминката се погрижи Магдалена Медичи, а фризурите ги направија во фризерското студио „Би Ју“.
-Преку фотосесијата е пренесена порака за елегантен изглед со едноставна дизајнирана маица. Ги комбинирав со здолништа и пантолони од колекции, а секако сите се носливи по слободен избор и со фармерки-вели Ристовска.
>>Станува збор за Вашата прва колекција со маици со принт. Колква број на принтови се застапени и со какви бои, форми и материјали се моделите?
-За почеток подготвив 10 различни дизајни кои ги имаме печатено на пет различни бои на маици. Моделот е со елипсоиден женствен израз на вратот, со што се истакнува најженствениот дел, благо ја следат фигурата и се со три-четвртни ракави. Од боите застапени се шампањ, капучино, гулаб сива, црна и темнозелена. Материјалот е внимателно одбран, има високо квалитетна вискоза со еластин, а на допир е мек и пријатен за носење. Повеќето од дизајните се надополнети со рачно доработени апликации од свила, тантела и мониста, со што се добива 3Д-ефект.
>>Линијата маици ја најавивте со принтови од колекцијата „Инстикт“. Зошто им се навраќате на овие мотиви и цртежи и од какво значење е за Вас оваа линија?
-Особено ми е драга таа колекција, посебно моделот инспириран од шишето на парфемот „Авон Инстинкт“. Тоа е и првиот пробен цртеж кој го испринтавме и кој премиерно го промовирав на националната конференција на „Авон“ во септември. Но како што напоменав претходно, десетте дизајни се инспирирани од четирите последни колекции.
>>Повеќе од една година сте консултант за убавина и мода на „Авон Македонија“. Како тече оваа соработка и колку си задоволна од истата?
-Компанијата „Авон Македонија“ е сериозна компанија која ја запознав преку нивниот тим, особено преку комуникацијата со г-ѓа Роза Плазибат. Таа е вистински професионалец, а во исто време и креативец и целата соработка тече многу спонтано, исполнително и на обострано задоволство.Во брошурите на „Авон“ сум моден дизајнер и советник за убавина. И во моментов во тековната брошура можат да се прочитаат моите препораки за комбинирање на модните додатоци. Инаку соработката се одвива на повеќе нивоа. Инспирирана од парфемот „Авон Инстинкт“ ја создадов и истоимената колекција, која беше надополнета со накит од „Авон“. Таа колекција за мене има посебна сентиментална вредност. Колекцијата понатаму како видео-материјал е споделена и во седиштето на „Авон“ во Њујорк. На националните конференции презентирав креации кои исто така ги комбинирав со накит и чанти од „Авон“.
>>За време на Моден викенд-Скопје, но и на други јавни настани оваа сезона со Роза Плазибат се појавивте со маиците комбинирани во елегатна варијатна. Каква Ви беше замислата при создавањето на истите, во какви комбинации да се носат блузите?
- Бидејќи нашите појавувања со маичките беа од посвечен карактер, ги комбиниравме со здолништа со должина од под колена до долги здолништа. Токму таа елегантната варијанта е и првичната замисла за комбинирање на маиците, но сепак изборот ќе биде на тие кои ќе ги носат, па така може да се комбинираат со фармерки, може како блуза под палто, може со џемпер. А пак со комбинирање со долго здолниште или посвечени панталони, може да се носи и на посвечени настани, со што се добива свечена комбинација со кежуал момент. Истите можат да се надополнат со нараквици бидејќи тричетвртниот ракав го дозволува тоа, како и кратки ѓердани за добивање на поелегантен изглед.
>>Каде ќеможе да се набават маиците, и по каква цена?
-Маиците се достапни во моето ателје, а наскоро ќе може да се купат и на мојата онлајн продавница, која е во подготовка. Цената е 2.200 денари.
>>Го изработувате својот сајт за онлај продажба на креациите, кој би требало да биде пуштен до крајот на годината. Како е замислена работата на истиот?
- Ова е еден чекор на проширување на работата на ателјето. Имаме клиенти кои се од Македонија како и надвор од земјата, а на овој начин ќе бидеме достапни до сите заинтересирани со работно време 24/7. Со нарачките по мерка и понатаму ќе функционираме на истиот начин како до сега. Во Македонија ќе имаме бесплатна достава, а за надвор ќе зависи од дестинацијата. Секако, очекувам да имаме продажба, нудиме добри кроеви, работиме со квалитетни материјали и врвна изработка. Онлајн продажбата е во функција на модерното и динамично време, со еден клик влегувате во продавницата и си одбирате парче за себе или за подарок, а ние ја организираме доставата до адреса. На веб-сајтот ќе бидат достапни парчиња од колекции, како и парчиња кои ги изработуваме за во ателјето и се повеќе prêt-a-porter. Исто така ќе имаме посебно катче за модни додатоци.
>>Неодамна лансиравте стилистички сервис во своето ателје за идните невести, што подразбира избор и изнајмување на венчаница. Како поминува оваа идеја кај нас, има ли невести што изнајмуваат фустани?
- Многу поголем е бројот на невести кои се одлучуваат за сосема нова венчаница и посебно да биде изработена за неа. Тоа се потврдува и во праксата. А и цените на венчаници кои ги имаме во понуда се достапни за буџетот на нашите клиентки – невести, така што повеќето се одлучуваат да купат венчаница.
Нема коментари