Уметници, дизајнери, архитекти, доктори, банкари, службеници…непознати, но инспиративни личности, кои со својата аура веднаш се издвојуваат во толпа, луѓе кои го сочинуваат духот на Скопје. Наместо да целат кон „ѕвездите“, скопјанките Ана Чаловска и Елена Везенкова веќе две години на својот моден сајт „Скопје се носи“ на пиедестал ги ставаат „обичните“ луѓе, урбани скопски фаци со уникатен стил и интересна приказна. Денеска, 730 дена од првата објава на оваа веб-збирка, авторките на сајтот може да се пофалат со повеќе од 30 модни портрети, стотици објави со лични стајлинзи, посета на модни настани, соработки со познати модни брендови… „Скопје се носи“, кој беше промовиран на 9 мај 2014 година во Младинскиот културен центар во рамки на Super Design Pop-Up Storeе, вечерва во 21 часот со забава во кафе-бар „Синдикат“ ќе го прослави роденденот.
>>Проектот „Скопје се носи“го подготвувавте внимателно и педантно подолг период пред да го лансирате пред две години. Дали сајтот ги оправда очекувањата што ги имавте додека го спремавте?
-Содржините кои ги понудивме наидоа навистина на добар одзив, на наше огромно задоволство и изненадување затоа што вложуваме навистина голем труд и со искрена љубов работиме на секоја приказна и пост. Нè води една креативна сила и не сакаме „сувопарно“ и шаблонски да ги прикажеме работите кои сметаме дека се вредни за приказ. Факт е, дури и очигледно дека сме пребирливи во поглед на содржините, токму од таа причина што не сакаме да пласираме ексклузивни вести кои штом ќе се најдат на 50 светски портали всушност и не се повеќе така ексклузивни, занимливи ниту пак блиски до нас. И да, до сега, можеме да кажеме дека очекувањата се оправдани. Секако дека сајтот ќе биде надополнуван и збогатуван со автентични содржини и приказни со тоа што сме во постојана борба со време и за жал не успеваме целосно да му го посветиме вниманието што го заслужува воедно и да ги реализираме сите идеи повеќе или помалку врзани за него.
>>Гледано наназад, кои се најзачајните моменти, објави, соработки, ангажмани на „Скопје се носи“ изминативе 730 дена?
-Ах, не би можеле да издвоиме некоја засебна објава, би било и неблагодарно да кажеме дека некој е повеќе или помалку значаен во рамките на „Скопје се носи“. Секој што досега се појавил на порталот си има некаков свој уникатен придонес. Соработуваме со многу личности кои ни оставиле впечаток, кои ги среќаваме низ градов и навистина нè воодушевуваат со нивниот целокупен изглед, стил на облекување и харизма. Сите ни се драги и значајни за „Скопје се носи“. Пред една година сајтот доби нова рубрика „Ветерници“ и тимот се прошири со нашиот досетлив Дон Кихотовец – Сатја Грабулоски, кој преку својата нарација се надоврзува на целата идеја – пред сè да бидеме храбри, да не дува ветрот во правецот кој што самите ќе си го таргетираме и во патот на таа (себе)реализација да бидеме/останеме свои.
Кога се работи пак за ангажманите поврзани со нашатa блогерска рубрика, „Ана се носи“ која предлага инспирација и идеи како „типски“ да се носи една градска девојка, би ги издвоиле соработките со брендовите „Bata“, „Springfield“, „Fashion&Friends“ во рамките на групацијата „Fashion Group“ како и со „P.S Fashion“. Особено ни е драго што одредени личности од менаџерскиот тим на овие брендови ни се и веќе постанати драги пријатели. Да не биде фалбаџиски но, горди сме што наши фотографии беа објавени и на официјалните Инстаграм профили на брендовите „Springfield“ и „Replay“ што е навистина и повеќе од пријатно и неочекувано признание за нашиот труд.
>>Што научивте од постирање на првиот текст до денес, што ви донесе ова искуство и што се промени во вашите животи и перцепција на модата?
-Драги луѓе во животот, пред сè. Со добар дел од нив другаруваме и ден денес. И кругот се зголемува сè повеќе и повеќе. „Што друго се промени?“ – Ние. Понекогаш и помислуваме, каков ли ни беше животот пред „Скопје се носи“. Постојано запознаваме интересни и инспиративни луѓе така што преку истражување на тој нивен богат и креативен свет практично се надоградуваме и самите ние, свесно или несвесно. Имаме увидено дека на пати, и ние, всушност, секој од нас се води по извесни стереотипи кои самите ликови сосема ги побиваат, разубедувајќи нè во спротивното и во очекуваното. Добар дел од нив ги напуштаат „шаблоните“ и нè оставаат со убедувањето дека облеката не секогаш ја оддава вистинската слика за креативноста, шармот, интелигенцијата, социјалниот живот и позицијата во општеството на индивидуата. Вистината е дека не треба да идеализираме недостижни ликови од странство кои всушност не се ни реални личности туку се спакуван „производ“ зад кој стои PR тим што брои 30 луѓе. Опкружени сме со локални херои, токму тука. „Нашинците“ и те како имаат што да покажат и раскажат и притоа нивниот стил и изглед и те како е автентичен баш поради фактот што кај нас потешко се стигнува до уникатни парчиња облека и не ни е сè на дофат. И токму со тие луѓе го делиме нашето реално секојдневие и тие се тие најпосле што навистина ни влијаат и оставаат вистински траги во нашите животи. Модата си била мода отсекогаш, таква и ќе си остане исто како и вљубениците во неа (а и ние меѓу нив). „Скопје се носи“ успеа некако само по себе како опиплива органска материја, да се одвои од таа модна сцена „по пропис“ зашто во суштина нуди нешто сосема подлабоко, поиздржано и автентично.
>>Како ги бирате соговорниците и дали имате некоја приближна бројка на досегашни гостувања и модни профили?
-Нè фасцинираат „лајфстајлерите“. Луѓе кои поради лични убедувања се она што се, тераат конкретен начин на живот за кој дури и нивниот стил на облекување е целокупен одраз. И сите се во игра: уметници, дизајнери, архитекти, доктори, банкари, службеници итн. Како што спомнавме погоре, само на локално ниво еве, се одлучивме од сам старт наместо да целиме кон „ѕвездите“, или моден свет кој со години ќе биде недостижен за нас, да бидеме приземјени и да го искористиме тоа што ни е пред нос и достапно, да го ставиме во функција и да е на располагање на секого. Сакаме да е нешто многу полично, поорганско, опипливо и сфатливо за кој било што ќе го посети сајтот. Има некои работи кои се локални, ендемични за Скопјево и само некој од тука ќе успее да ги сфати еднаш штом ги види, прочита. Опфаќаме различни возрасти и профили и навистина се стремиме да ги поврземе „сега“ и „тогаш“ кај нас. До сега „Архивата“ ја сочинуваат 34 профили, а на ред се уште многу уникатни луѓе. Воедно имаме и необјавена архива: си чуваме „во ракав“ профили сликани и сработени и пред „Скопје се носи“ официјално да постои, кои секако ќе излезат на виделина во правиот момент.
>>Роденденот на сајтот ќе го одбележите вечерва во „Синдикат“. Како е замислена забавата, дали ќе има посебна програма ?
-„Посебната програма“ ќе ја сочинат сите оние кои ќе се појават во „Синдикат“ . Ќе се спојат позитивни енергии, ќе има добра дружба, зезање, смеење, денсање. Ќе наздравиме за тоа што „Скопје се носи“ веќе две години и сведочи за луѓето кои го сочинуваат „духот“ на Скопје. На ова тековно Скопје што го „знаеме“ и она Скопје што некогаш многу добро го познававме. За ликовите кои имаат своја индивидуалност и чии слики, приказни, „исповеди“, размислувања и ставови ја полнат „архивата“ (пошироко и меѓу-редови, именувана „Луѓето од градот“) со квалитетна содржина: важни и безмалку непроценливи податоци за случки, места – урбани легенди. Така што, кој сака да придонесе и да ужива во уште една весела и запаметена градска приказна на „Скопје се носи“, на петок 13, бујрум. Музиката е во добри раце на DJ Flooder додека вие, во вашите раце единствено ќе имате пијачка по супер „синдакална“ цена. Наша препорака е да носите удобни чевли за играње и да се опуштите барем на неколку часа во ова не баш славно доба. Се гледаме таму.
Нема коментари