Убава, бела, нежна, невина и навидум безопасна жена. Облечена во долг и бел фустан со цветни венци на главата. Живее покрај чисти и бистри шумски води. Таа е млада невеста, девица. Таа е русалка! – Со овие зборови младиот моден талент, Алмир Мили ја почнува приказната за својата мини-колекција, што ќе ја претстави на престојниот Моден викенд-Скопје. Линијата е инспирирана од старословенските митолошки суштества русалки, што преставуваат жени-нимфи и самовили.
-Се верува дека русалките краделе деца, новороденчиња и ги убивале. Нивен плен биле и мажите исто така, кои завршувале удавени во нивните води… Периодот по полноќ е утрото на русалките. Тие се будат и нежно излегуваат од длабичините на чистите шумски води. И веднаш започнува нивната игра. Неколку девојки со долги коси и долги бели фустани фатени за раце пеат и танцуваа околу нивниот плен. Никој не може да оддолее на нивната убавина и песна, а нивниот транс оди дотаму што завршуваат мртви пред нозете на овие преубави девојки. Ќе се обидам старословенската култура и митологија да ја прераскажам на еден нов и софистициран начин. Миксот склопен во оваа колекција претставува модерен изглед за секоја жена – вели Мили.
Колекцијата е изградена врз база на материјали кои изгледаат природно, но во суштина се вештачки добиени како микс на природни материјали, како што се францускиот тул, бел штоф, свилен жоржет… Формите и кроевите се базични, женствени силуети надополнети со нагласени форми на капути и макси здолништа.
Младиот дизајнер колекцијата „Русалка“ ја опишува како висока мода.
-Моделите се наменети за жени кои имаат храброст да се соочат со нивните имагинации, жени кои се издвојуваат од толпата, жени кои не се плашат од околината, жени кои имаат отворени погледи кон сексуалноста и кои се гордеат со своето тело. Никогаш не ги следам модните трендови, затоа што инсистирам да го изградам карактерот на една жена, а потоа да го надополнам со тренд – вели тој.
Креациите ќе бидат претставени на групна ревија, со уште двајца млади креатори, Виктор Цветановски и Ана Камчева, кои победија на проектот ПОП! Мода во Американската амбасада. Но секој се претставува со посебна колекција независна од другите.
-Сите тројца добивме можност да ги истакнеме максимално своите креативност и талент. Јас подготвувам моден перформанс, односно еден мал театар, кој можеби многумина ќе шокира, или пак ќе постави нови начини на презентација на колекција. Проектот ќе биде исполнет со наменска сценографија, музика и слично. Но, претпочитам да оставам да погледнете… По ова колекцијата ќе биде достапна за секој кој ќе посака да ја почувствува на своја кожа! Парчињата облека нема да се продаваат, но ќе може да се изнајмуваат за одредени настани, сценски настапи и слично. Таа е дел од мојот магичен свет кој сам си го создадив и паралелно живеам во него.
Мили во моментов работи како главен дизајнер за американскиот спортски бренд Di Biaggio New York, со што му се отвораат многу шанси за во иднина, меѓу кои и можно учество на Модната недела во Њујорк.
-Секогаш е убаво кога на млади и талентирани луѓе им се пружи можност да ја истакнат нивната креативност, а воедно и да стапат на модната сцена како освежување на дотогашната модна сцена. Јас веќе имам многу проекти зад себе поврзани со Модниот викенд како и други телевизиски и сценски проекти.
Од почетокот на своите студии Алмир работеше и е дел од модната сцена. Тој е моден и графички дизајнер, но во меѓувреме работи и како моден советник како и моден илустратор. За свои најголеми професионални успеси ги смета неколкуте учества на модниот викенд, „Македонскиот Идол“, соработката како моден илустратор за српското и словенечкото издание на ELLE и други.
Доби награда на еден од изборите во рамките на Модниот викенд-Скопје со поддршка на „Пелистерка“, а и ова учество е своевидна награда за победата на ПОП! Мода во Американската амбасада. Сè уште нема свое ателје, но наскоро планира да направи онлајн ателје како и свое лично катче каде што ќе ја „истури“ својата креативност и енергија.
-Мојата модна приказна почнува од најраното детство. Моите први цртежи биле поврзани со мода. Во текот на студиите првпат стапнав на модната сцена во рамки на Модниот викенд во соработка со „Пелистерка“, каде што победив на натпревар меѓу млади дизајнери и се здобив со епитет најдобар млад моден дизајнер… При работењето инспирацијата ја црпам од себе си, од тоа што ме опколува, од митологијата, од приказните… Градејќи се како уметник создадов сопствен магичен свет во кој што живеам паралелно! Моите модни херои се Александар Меквин, Живанши, Диор, Галијано – вели тој на крајот.
1 коментар
Proud of you !