Со ведри слики од различни градови нацртани врз ѓердани дизајнерката на накит Александра Иванова ја продолжува приказната на својот серијал „Наши луѓе“. Овие креации, како и дел од веќе познатите ѓердани и брошеви со шарени чoвечиња и булки од глина, ќе го красат нејзиниот штанд на новогодишниот „КрафтАрт фест“, што ќе се одржи на 14 декември во хотелот „Арка“ во Скопје. Идејата за накит ишаран со слики од градовите што Иванова сака да ги посети се развила пред неколку години. Сега со ѓерданите таа нè носи во нејзината визија за тие места.
-Пред неколку години направив мала серија на слики на платно со градови и уште тогаш сакав да ги пренесам на накит, оти во целава работа сликањето ми е можеби иницијалниот момент. Од потребата да сликам сум ги адаптирала формите како сликарска подлога. Приказните за градовите и „Наши луѓе“ се надоврзуваат една на друга. Како цело време да е една иста приказна. Основниот мотив во тоа изразување, најинтимен и најискрен е изгледа изборот што сум го направила да ги гледам луѓето и светот – љубовно, да ги приметувам убавините, да сум едно со радоста и животот и да го споделам тоа со сите-вели таа.
Ѓерданите се изработени од тенок медијапан, подготвени со сликарска подлога и сликани со фломастери, тушеви и темпера. Како и во нејзините претходин линии, моделите се збогатени со рачно изработени цртежи, со интернзивни бои.
-Ја следам мојата склоност да го гледам само убавото и вљубеноста во животот. Бојата ми е симбол на тоа, а и градовите имаат душа, живи се. Да живее животот!
Иванова повеќе години изработува филиграни под името „Софија филигранска“ и накит од глина со називот „Наши луѓе“. Последен пат во Скопје ја видовме за време на ланскиот „КрафтАрт фест“. Вели дека ретко учествува на поголеми настани. Најголем дел од комуникацијата ја прави на интернет преку профилот на SofijaFiligranska и блоговите nasiluge.blogspot.com и sofijafiligranska.blogspot.com/.
Сè поголем број на дизајнери на автентичен накит се одлучуваат на самостојни изложби, соработки со модни дизајнери, отвораат свои студија, а дел од нив ги гледаме и на поголемите модни нстани како Моден викенд-Скопје. Александра вели дека има во план поголема изложба.
-За поздрав се сите чекори што ги прават дизајнерите. Тоа е придобивка за сите нас заедно. Зрее областа во која се изразуваме и станува сè поконкретна. Со тоа и критериумите се истенчуваат и сè повеќе вкусови се дефинираат и задоволуваат. Верувам дека ни се случува она што сами си дозволуваме да ни се случи.. Во наредниот период ќе си дозволам многу нешта да ми се случат. Ќе направам не чекор, туку мозеби некаков скок. За почеток имам некакви планови за заедничка изложба, за која не можам повеќе да кажам, но процесот е во тек-вели таа.
На прашањето што ѝ ја одбележа оваа година таа вели:
- 2014 ми е година во која најмногу ја средував сопствената приказна, нов поглед,нови цели, нови планови… Очекувам бурна 2015.
Нема коментари