Инспирирана од ликот на Карен од култниот филм „Моја Африка“ (Out of Africa), дизајнерката Силвија Михајловска, која стои зад брендот „Алшар“, ја создаде новата колекција за пролет-лето 2017. Линијата премиерно ќе биде претставена со ревија на 31 март (петок) во рамки на 15-тото издание на Моден викенд – Скопје.
-Во колекцијата провејува духот на колонијална Африка и претставува современо видување на креациите што ги носи Карен-ликот што го толкува Мерил Стрип во филмот на Сидни Полак од 1985 година. Карен е голем индивидуалист и истовремено силна и принципиелна личност-вели Михајловска.
*Кога ќе се спомене Африка, прва модна асоцијација е сафари изглед со кремасти модели од лен. Какви и колку парчиња, бои и материјали ќе домининираат во твоето дизајнерско видување на Африка?
-Ова е ready to wear колекција за пролет-лето 2017 која содржи 29 изгледи – креации кои се уникатни и понатаму нема да бидат мултиплицирани. Изработени се од лен, памучен пуплин,памучен кепер, еко кожа, во типични сафари бои- крем , бела, маслинеста, “зачинета“ со металик нијанси на сребрена и бакарна, црна и интензивна жолта.
*Препознатлива си по женствените фустани, кои се баланс меѓу класичните кроеви , модерните форми и авангардата. Во каков стил ќе бидат новите креации и која ќе биде новината кај оваа колекција, по што ќе се разликува од останатите?
- (Класичните) Женствени фустани се дел од комерцијалните колекции кои се изработуваат постојано за редовна продажба во ателјето. Во изминативе години правам и посебни дизајнерски колекции кои се поавангардни и многу поблиски до моето лично чувство за мода и дизајн и на мое огромно задоволство се одилчно прифатени од моите клиенти. Out of Africa содржи креации со нагласени геометриски и архитектонски форми, со изразен волумен. Силуетата е женствена, но разиграна со асиметрични форми, а сите парчиња имаат и многу метални делови (копчиња) и големи џебови карактеристични за сафари стилот – микс на нежно и грубо .
*Како би ја дефинирала жената што носи креации од „Алшар“ и за каки личности е наменета новата линија?
-Сакам луѓе кои не живеат по општо прифатени општествени правила туку го тераат сопствениот филм. Неконвенционални, оригинални, бунтовни и свои- таква е и мојата Карен, уникатна и самоуверена.
*Меѓу две сезони неуморно создаваш нови модели. Кои ангажмани, модели и претставувања го одбележаа периодот меѓу ланското и ова учество на Моден викенд?
-Колкава е тежината континуирано да се создаваат нови колекции јасно се гледа и од состојбите во светската модна индустрија, која трпи огромни промени поради неверојатниот притисок да се излегува со шест колекции годишно. Јас имам ателје кое функционира слично на тој начин и како продажен простор има потреба постојано да се надополнува со нови креации… дел од нив се комерцијали , а дел се посебни колекции со поголем дизајнерски печат. Изминатава година како позначајни би ги издвоила: есенската колекција Pieces of Revolution, и зимската колекцијата инспирирана од Тамара де Лемпицка, за кои се направени и фотосесии.
*Како е замислена ревијата во „Порше Македонија“? Дали подготвуваш посебна сценографија, музика, стајлинг….?
-Креациите ќе бидат надополнети со make-up инспириран од филмот “A bigger splash “ со Тилда Свинтон, а самата ревија ќе биде проследена со диџејсет на Теа Шалдева, специјално направен за оваа прилика.
*Ова е твое второ претставување на Моден викенд-Скопје. Какво е претходното искуство од оваа манифестација и какви ти се очекувањата за оваа пролет?
-Минатата година на Модниот викенд се претставив со колекцијата “Sakura (In)Fusion“ која беше забележана од модната јавност, но и од моите клиенти и беше продадена набргу по настанот. FWSK е одлична можност за сите дизајнери да ја прикажат својата работа на едно повисоко ниво. Публиката има можност да ги види креациите во вистинско светло поради што бенефитот е огромен. Организацијата на настанот е одлична и во иднина треба да се поддржи уште повеќе, и од спонзорите и од учесниците. Единствено што мене ми пречи е времето на одржување, бидејќи кај нас никој не изработува колекции за наредната сезона, туку за тековната – тоа е концептот “see – now, buy – now“. Сезоната во времето на одржување на настанот е веќе почната (особено за есенскиот FWSK) што остава помалку време на креаторите за продажба и нарачки на колекцијата. Затоа мислам дека настанот би можел да се помести барем еден месец порано.
*Редовно со фотографии ги претставуваш своите креации на социјалните мрежи. Каков е фитбекот од овој вид на промоција? Дали планираш фотосесија за Out of Africa?
-Јас дури неодамна го “открив“ Инстаграм. За разлика од моите помлади колеги, кои одамна го користат и имаат многу следбеници, мојата генерација речиси воопшто не ја користи оваа мрежа. Можноста да ги фотографирате и споделувате своите креации има огромен ефект, а за мене е и ново поле за креативно изразување кое сеуште го учам и истражувам. Како најзначајна соработка би ја издвоила работата со Маја Илиоска која е дел од тимот не само како модел, туку и како PR и маркетинг менаџер кој го развива брендот „Алшар“ како дел од својот магистерски проект. Па така оваа година направивме и измена на логото на „Алшар“.
*Какви се плановите за новата колекција по ревијата во Скопје? Што е во твојата агенда за оваа година?
-По ревијата, колекцијата веднаш ќе биде достапна за продажба. Потоа следува една поопуштена летна колекција, едно летно освежување и реновирање на ателјето, па есенска колекција… Следната година имам и два јубилеја: 10 години од постоењето на „Алшар“ и 20 години од мојата прва ревија на ФЛУ.
*Гледано наназад, кои се најзначајните моменти од работата на брендот „Алшар“?
-Проектот„ Алшар“ започна да функционира пред девет години со скромен кредит и еден вработен. Горда сум што денес сме тим од шест професионалци, имаме посебен работен и посебен продажен простор и успеавме да ја издигнеме работата на многу повисоко ниво во сите сегменти на работење. Користиме квалитетни материјали, имаме беспрекорна изработка и најважно од сè, многу редовни клиенти, од “обични“ девојки до жени од јавниот и политички живот. Ги придобивме купувачите со квалитетни и уникатни парчиња и речиси никогаш не ги повторуваме нашите креации кои и покрај се имаат многу пристапни цени. На неделно ниво во ателјето пристигнуваат по десетина нови парчиња што секако е многу исцрпувачки процес на работа, особено во креативна смисла, но кога се работи со огромна љубов сè е можно.
1 коментар