Еминентната модна дизајнерка Росица Мршиќ го отвора единаесеттото издание на Моден викенд-Скопје со модна ревија на својата колекција наменета за пролет-лето 2015, најавена за петок, 3 април, во 20 часот, во катната гаража „Солунски конгрес“. Откако претходните креации ги презентира преку перформанс и онлајн на својата интернет страница, Мршиќ овојпат се одлучи за класичната форма на модна ревија. Како една од нашите најуспешни и најталентирани модни творци, разбирливо е што секоја нова колекција предизвикува внимание и елементи на исчекување за новиот изглед, а во пресрет на прикажувањето на новата колекција, дизајнерката ни откри дел од приказната и ни овозможи прв поглед на една креација. И го насетивме нејзиниот автентичен печат. Мршиќ креира модерна облека за урбани, но сензуални жени и постојано вметнува геометриски форми и референци од уметноста и модернистички правци, во таа линија е и креацијата од новата колекција. Дизајнерката успешно продава дома и во неколку европски продажни места, а од минатата година и онлајн со што може да допре со модните вљубеници секаде во светот.
Престојниот Моден викенд-Скопје ќе стартува со претставување на твојата нова колекција. Кои се основните инспирации за новите креации?
- Асиметријата, контрастот и строгоста на униформата се термини кои ја дефинираат колекцијата за пролет-лето 2015 година.
Какви парчиња и форми се застапени и за кои бои и материјали се одлучи оваа сезона? Како би ја опишала новата колекција?
- Формите се резултат на експериментирање со асиметрични кроеви и контрастни бои, а се преобразени во навидум едноставни парчиња облека кои имаат во одредени делови повеќеслојни интригантни детали. Користени се природни материјали: памучни, ленени и вискозни со релјефна структура. За нагласување на контрастот на чистите наспроти комплексните и нагласени линии на моделите се користени млечно белата, црната, златно жолтата и интензивната црвена боја. Пријатните материјали што се употребени во комбинација со применетите бои даваат удобност за носење во пролетните и летни денови.
На претходните изданија избра перформанс и видео проекција како форми за претставување нови колекции, дали сега планираш класична модна ревија?
- Претставувањето е осмислено во форма на вообичаена презентација/ ревија на моделите, а музиката е посебно креирана за да ги пренесе енергијата и стилот на колекцијата.
Главните проекти на кои работеше изминатиов период и клучните планови за 2015?
- Развојот на он-лајн продажбата на моделите беше фокусот во претходниот период, додека за оваа година е ставен на воспоставување и ширење на продажбата во САД.
Нема коментари