Taa e исклучително талентирана, автентична и уникатна во својот дизајнерски ракопис, но и прецизна и исполнителна во својата работа. Студиозно градејќи го својот бренд кој ја полни својата шеста година, нејзиниот дизајнерски израз е развивање на една приказна која трае, раскажана преку колекции кои се надоврзуваат една на друга. Уметноста, архитектурата и графиката се постојано тло на инспирација за создавање на новите модни колекции на Росица Мршиќ. Едната дава слика, бои и израз, додека другата се линии и форма. За сезоната есен-зима 2014/2015, таа создаде колекција за жената облечена во шарите на модернизмот од арт деко стилот и со сензуалност на делата на Тамара де Лемпицка.
-Немам обичај да ги именувам колекциите, вообичаено користам само работни наслови. За мене насловот на една колекција зборува многу малку во однос на комплексноста што треба секоја колекција да ја носи сама за себе – изјави Росица за името на колекцијата.
Нејзина постојана цел е создавање посебна, нослива, урбана, нетрендовски настроена, комфорна и женствена, геометриски прецизна облека произведена во мал број и за клиенти кои умеат да ја доживеат. При тоа таа го следи сопствениот инстинкт и поставува свои сопствени рамки, но и предизвици кои ja одржуваат љубопитна низ целиот процес на развивање на секоја колекција. Toa резултира со непогрешливо градење на свој сопствен и независен стил со препознатлив дизајнерски печат кој е препознаен од жените кои тежнеат да се измолкнат од просечното.
-Моделите од колекцијата за наредната сезона се засноваат на силуета која е чиста и волуменозна, сензуална во контраст со детали од графички линии и аглести форми, прикажувајќи нови пропорции и конструктивни решенија. Атмосферата е доловена преку различни парчиња од облека потребни за оваа сезона: мантили и палта, панталони, здолништа и фустани, кошули и блузи, кои говорат со јазикот на практичноста – носливи од утро до вечер, а како и во сите претходни колекции, носат јасен дизајнерски печат. Креациите се рафинирани и женствени, со доза авангардност, за индивидуални жени. Текстилните материјали се природни, топли и меки наспроти материјали кои овозможуваат обликување на форма, а и боите носат контраст – силни наспроти темни – ја објаснува таа својата најнова творба.
Колекција пролет-лето 2014
Секоја нова колекција на Росица е ново визуелно доживување за кое таа секогаш изнаоѓа необичен и креативен начин да ја презентира идејата. Секогаш се тоа некаков вид на перформанси, па нејзината публика со нетрпение како и сега ја очекува новата презентација која е најавена за 31 октомври во склоп на Моден викенд-Скопје.
-Кореографијата и музиката секогаш ја избирам со внимание во согласност со носечката тема на колекцијата. За најновото издание на Моден викенд подготвувам новина во начинот на презентирање на колекцијата во однос на претходните.
Моделите од колекцијата се наменети за продажба и можат да се набават во студиото на Росица Мршиќ, во бутикот „Виа“, и концептуалната продавница Lotus Design Store „Скопје сити мол“. Делови од колекцијата ќе бидат промовирани и понудени на сопствената интернет продавницата, како и во концептуални продавници надвор од Македонија. За неа промоцијата и пласирањето на секоја колекција игра најважна улога во работењето, по завршувањето на креативниот инпут во создавањето на истата.
Колекција есен-зима 2013-14
Во меѓупросторот на создавање на две колекции таа е исклучително активна и ангажирана.
-Ја реализиравме соработката со „Авон“ за која бев ангажирана како моден советник и траеше шест месеци во рамки на која беа организирани неколку претставувања на моите две последни колекции. Имав и претставување на Српската модна недела во Нови Сад со последната колекција. Бев посветена на разработување на е-продавницата што ја отворив на крајот на минатата година и за што има се уште активности што треба да се преземаат. Посебно задоволство ми претставува што добив неколку покани да бидам дел од важни интернационални дизајнерски платформи, а на дел од нив веќе и се продаваат парчињата на Росица Мршиќ.
Колекција есен-зима 2013-14
Taa редовно ги претставува своите сезонски колекции на полугодишните изданија на Моден викенд-Скопје како најзначаен домашен моден настан.
-Моден викенд–Скопје стана носечки моден настан во Македонија. Неговото значење е што постави место каде учесниците на македонската модна сцена покажуваат сезонски колекции а публиката се запознава и се приближува до резултатите на нивната работа. На тој начин се поставија одредени очекувања што сите ученици настојуваат да ги исполнат, а тоа влијае на подигнување на квалитетот на создавање модни колекции.
Нема коментари