Модниот дизајнер познат по остриот готски и често провокативен стил инспириран од BDSM супкултурата, на ова издание на Моден викенд-Скопје одбра многу посурова тематика за новата колекција за пролет-лето 2014 – катастрофите од војните и последиците и страдањето на невините луѓе од истите.
- Ова се дел од инспирацијата за следната колекција Wounded. Низ колекцијата застапени се природни ткаенини, како и еко кожата со која работам подолг период. Спротивно од моите минати колекции каде црната боја е доминанта, овој пат белата ја има главната улога – ни откри Роберт.
Новата колекција на дизајнерот Ивановски ќе биде претставена со моден перформанс во подрумот на салонот на Порше Македонија, бидејќи според него просторот одлично се вклопува со она што ќе го претстави за сезоната. Засега нема големи очекувања и не размислува што ќе биде потоа, бидејќи моментално е фокусиран на изработката, доработката и презентацијата на новите креации.
- Никогаш не се водам според моменталните трендови, но внимавам да има модерна линија. Колекцијата е наменета за храбри и бунтовни луѓе, кои на модерен начин и со мала доза на ексентричност сакаат да се издвојат од останатите – рече Роберт.
Последна колекција со која Роберт се претстави на Моден викенд-Скопје беше „Торео“, инспирирана од традиционалната шпанска борба со бикови, прикажана токму пред една година во дворот на Шпанската амбасада во Скопје. Младиот дизајнер и дипломец на Европски универзитет уште од првото преставување пред публиката провоцира со ексцентричност и авангарден стил. Креира истовремено за жени и за мажи, начнувајќи притоа теми како садо-мазохизам, модерна готика и племенски референци. Очекуваме и во новата колекција да остане доследен на својот израз, иако интригира најавата дека во облеката ќе доминира белата боја, наспрема вообичаените темни тонови во неговите претходни колекции.
Нема коментари