Идејата за маички со порака дизајнерката Олгица Ѓоргиева ја имала веќе подолго време, пред неколку седмици ни најави дека почнала да ја реализира, а оттогаш почнавме да и додеваме до каде е проектот. Денес го посетивме нејзиното студио во центарот на Скопје за да го видиме финалниот производ и први ги облековме маиците на написи. Направени во црна и бела боја, маиците се однесуваат на секој ден од неделата и за секој ден содржат посебна мотивирачка порака. Поради минималистичкиот пристап и монохрамтската реализација згодни се за комбинирање со различни облеки и стилови. Лансирањето маички со дизајн-принт стана доста актуелно и модната публика одлично ги прифаќа ваквите парчиња. Ја прашавме Олгица што беше нејзиниот мотив за креирање сет од маички наменети за секој ден во неделата.
- Идејата за линија на маици ја имам од поодамна. Во мометов одлучивме таа линија на маички да ја промовираме преку идеја – маичка за секој ден или визуелно тоа да изгледа како календар што е и главниот мотив во самиот принт. Почнуваме промотивно на оваа линија со минималистички пристап, црно-бела комбинација, со едноставни слогани кои делуваат мотивирачки. Визуелно принтот изгледа како стилизиран исечок од календар, со логото на ГО Ѓоргиева Олгица. Секој ден носи различна порака која е испишана на англиски, со транскрипција на самиот збор. На пример Monday I am GOrgeus, Tuesday I am Powerful…
Се чувствува ретро расположение во оваа идеја, нè потсетува на гаќичките од нашето детство на кои се инспишани деновите од неделата.
-Главната идеја беше да се носи ГО Ѓоргиева Олгица секој ден. Да може со интересни комбинации да се носи и на работа. Затоа и дизајнот е поедноставен, не премногу натрупан, а со инспиративен концепт. Ова е само почеток, понатаму ќе има многу поголем избор на принтови.
Во новиот проект е вклучен ГО Ѓоргиева Олгица и тимот на маркетиншката агенцијата Honeybiz со која дизајнерката подолго соработува. Во моментов одредена количина на маици има во ателјето на Олгица, а нарачки може да се прават во самото ателје, на фан-странивата на „Фејсбук“ и на интернет страницата (што веќе во следната недела ќе биде пуштена функција).
-Количини на маички можеме постојано да набавуваме, така што доколку на некој клиент му се допаѓа нешто, а во мометот е продадено, за два-три дена можеме да му го обезбедиме. Главно промоцијата на колекцијата ќе биде електронски.
Со Олгица зборувавме и за тоа дека не настапи на минатото издание на Моден викенд, но ја видовме во Битола на модната недела со една постара колекција. Па ја прашавме, покрај овој нов проект и претходниот за бизнис облека, кога можеме да очекуваме нова колекција и модна ревија?
- Новиот проект е најава на сè она наредно што ќе следува од Олгица Ѓоргиева. До крајот на годината се планирани доста активности на кои неуморно ќе работиме наредниот период. Битола е нешто што верувам нема никогаш да го заобиколам…. Таму ми беше дадена првата шанса за да можам да ја претставам и да се види мојата работа. Јас сакам да ги почитувам и не сакам да ги заборавам тие моменти. Низ годините развивме една прекрасна комуникација со организаторот на Битолска модна недела, така што сега пред сè имам вистински пријател, кој со почит гледа на мене и на мојата работа. Се претставив со старата колекција затоа што оваа сезона не подготвив ништо ново. Од оправдани причини не бев во можност тоа временски да го реализирам, а да бидам искрена имав потреба и од малку одмор. Со години наназад неуморно работам и мислам дека ми беше потребна една ваква кратка пауза. Затоа пак сега со душа чекам да излезе новата колекција во септември. Затоа и не учествував на Моден викенд Како ќе биде презентирана мојата нова колекција за тоа допрва ќе одлучуваме со мојот тим.
Нема коментари