Модната дизајнерка Тања Кокев утре официјално го отвора новиот простор на нејзиното ателје „Кокев“, и тоа во ГТЦ, најстариот скопски трговски центар, каде што уреди две одделно дефинирани салони – едниот е само изложбен, а другиот е и работен. Со Тања Кокев зборувавме за возбудата на креирање нов простор и ни ги откри фотографиите од ателјето и изложбениот салон кои се декорирани во согласност со естетиката на дизајнот на креаторката. Овде во пријатна атмосфера и со позитивна креативна енергија не само што ќе ги создава новите колекции и ќе ги прима своите клиенти, туку ќе овозможи секој заинтересиран да го посети изложбениот салон и одблиску да се запознае со нејзините креации и да ги добие сите потребни информации.
>>Ателјето Кокев се сели на нова локација, па во пресрет на официјалното отворање која беше целта за нов простор – промена, нова возбуда или стратешко позиционирање во една од најпознатите шопинг дестинации во градот ГТЦ?
-Комбинации од сè наведено! Подолго време размислував „Кокев“ да го преселам во еден поинаков простор, кој ќе биде подостапен, ќе има излог со кој ќе може постојано да играме и да ги претставуваме новите колекции. ГТЦ е сепак во центарот на градот каде сметам дека и „Кокев“ треба да биде позициониран.И затоа одлуката падна токму тука да се преселиме.
>>Преку суптилна најава на социјалните мрежи видовме инсерти од просторот, а сега преку официјалните фотографии ја имаме поголемата слика. Забележуваме цветови и романтика, ама ајде со твои зборови опиши ни како е уреден просторот и од каде инспирација и идеја?
-Преку уредувањето на новиот салон се пробав и во еден друг сегмент, уредување на ентериери. Целиот простор е осмислен и дизајниран лично од мене, почнувајќи од позиционирањето на мебелот до неговите форми и дизајни на ткаенини. Станува збор за еден стил таканаречен French Country, суптилна романтика проискажана преку принтови на ѕидовите, рустика преку подот, наспроти модерното осветлување. Сето тоа надополнето со многу цветови изработени од свилена органза.
>>Што според тебе е клучно при уредување на продажен и работен простор на едно модно ателје?
-Најважно според мене е просторот да го претставува брендот во целост, да биде негова слика. Да има позитивна енергија и многу светлина. Секако, не помалку битно е клиентите да се чувствуваат комфорно и убаво. Да има доволно простор не само за клиентите, туку и за вработените во фирмата, да се чувствуваат пријатно додека се на работа. Само така енергијата ќе циркулира во позивна насока.
>>Вреди ли да се инвестира во луксузен бутик и работно ателје и сметаш ли дека избра вистинска центарска локација?
-Секогаш вреди да се инвестира, парите се за да се движат, не да се пикаат под перница. Секоја нова инвестиција носи нова возбуда, нова енергија… Симпатичен страв од ризикот… Можеби тоа е мојот карактер. И, да, сметам дека ја избрав вистинската центарска локација.
>>Што те окупираше периодов и што се плановите после отворањето?
-Отворањето ќе биде дружба со сите мои пријатели и соработници. Една година ме нема на нашата модна сцена, па во меѓувреме додека не се случи мојата следна ревија на пролет, да направиме едно убаво отворање. Ќе има многу француски колачиња, убаво вино и добра музика.
Нема коментари