Трансформацијата на молецот во пеперутка била основата на која се развила новата колекција за есен-зима 2015/16 на македонскиот дизајнер Никола Каракашов. Деновиве во QP Lounge во Струмица со перформанс го претстави проектот „Метаморфоза“. Покрај промените на модните парчиња, присутните имаа можност на лице место да видат и транформација на шминката и фризурите на манекенките.
- Во презентацијата на оваа колекција беа вклучени и професионални луѓе од областа на фризурата и шминката, кај кои наидов на разбирање за тоа како треба да изгледа. Како преку текот на целата презентација треба да се трансформираат од една во друга форма и шминката и фризурата. За шминката беше задолжена Ели (сопственичка на козметичкото студио „Ели“), која зад себе има 14-годишна стручна и успешна работа, како и повеќе ревии. За фризурата беше задолжен Ѓорѓи Соколов, сопственик на фризерското студио „Џ“, кој има богата кариера, посетувано повеќе саеми во светот исто така и лиценци за професионалност и квалитет, како и учество на повеќе модни настани и ревии. Во презентацијата се вклопи со искористување на некои нови начини на игра со коса и додатни елементи. Повеќе креативни енергии се вклопија во едно. Колекцијаtа ја нарековме „Метаморфоза“ (трансформација), во која како генерална насока за следење ми беше целосната метаморфоза кај пеперутката или молецот. Исто оваа трансформација може да се забележи и низ текот на целата колекција и нејзината трансформација на презентацијата-вели Каракашов, кој е родум од Пехчево, а неколку години живее и работи во Струмица.
Во колекцијата се застапени машки костуми, палта и панталони, кои подоцна се трансформираат во женска облека. Има различни начини на играње со пуплин материјалот во облик на кошула, принтаното кадифе, како перелини и елеци, твид фустани и здолништа, но исто така е застапен и свилениот муслин. Боите се монохроматски: црна, сива и бела, освен каде свилениот муслин кој доаѓа во природната боја односно неистретиран со бојадисување, но истиот е хаотично исплисиран, а бои има во шминката и фризурата.
-Колекцијата за есен-зима 2015/16 е во стилот на деконструкција, односно преку нејзино трансформирање од еден во друг облик се постигнуваат различни парчиња. Така, одредени модели од неносиви стануваат применливи или некои детали се трансформираат во други детали. Моделите се наменети за екстремно храбри жени. Па така, од максималистичкиот пристап кон моделите ги трансформирав во минималистички, поточно од неносиви во носиви преку консултации со клиентите. Ако судиме според изгледот на моделите од самата презентација и резултатите од трансформацијата, како целосни модели, не очекуваме голема продажба на парчињата такви какви што се, но на исчистените, односно комерцијалните парчиња од овааа колекција, кои имаат само детали од трансформираните модели на презентацијата се надеваме на прилично добар прием кај клиентите. Оваа колекцијата од 1 мај ќе биде на продажба во нашиот салон, во Струмица-вели тој.
Никола поретко го гледаме на поголемите модни настани, како Моден викенд-Скопје или Битолската модна недела.
-Би сакал да се претставам на некоја од овие манифестации, но некако се раминуваме со сезоните, па затоа го одбрав покомлицираниот начин на презентација, односно преку еден моден настан каде што на лице место се правеше целата колекција преку трансформација од еден модел во друг.
Изминатиов период Каракашов имаше доста ангажмани, покрај работата на комерцијали колекции, имаше и ангажмани за костимогафија и како консултант за трансформација на конфекциски линии за две наши компании кои внесуваат новитети во нивниот бизнис. Интересно е што тој е еден од ретките наши креатори што дизајнираат облека и за домашните миленици, поточно за кучињата.
-Кучињата ми се слабост. Дизајнот на облека за нив за мене е многу интересен аспект од креирањето -вели тој на крајот.
Нема коментари