Младата Мелани Димитровска не е ново дизајнерско име. Можеби во последниве сезони не беше толку актуелна на сцената, но нè радува што оваанадежна авторка со авангарден израз се враќа похрабро и поенергично. Се сретнавме во пролетта на дизјанерската продавница Super Design Pop-Up Store, па подоцна се дружевме на фестивалот „Паратисима“, а потоа видовме нејзини цртежи на изложба. Есента ја почна со претставување на Месецот на дизајн во Љубљана, а минатиот петок имаше свој перформанс на сајбер-мода Intermedia Day, настан што се одржа во МКЦ и кој поврза неколку различни уметнички форми.
- Intermedia Day беше фестивал на нови медиуми и јас се појавив во програмата на нов начин. Не беше класична изложба, перформанс или модно шоу.Моите дизајни беа претставени на живи модели и се носеа за време на настанот. Прикажав два аутфита од мои претходно дизајнирани колекции/проекти. Едната креација е работена на тема конструктивизам, другата креација е од друга колекција со специфична крагња, избор на материјал и креирање на текстура.
>>Зошто се одлучи да се претставиш со сајбер-мода?
- Ме поканија да се вклучам во програмата и сакав да пробам како тоа ќе функционира. Еден од ликовите што носеше мој дизајн беше Ивана Пирковска, која штоучествуваше на самиот настан, другиот лик е Симона Ничева, индустриски дизајнер и модел. Интересно беше поклопувањето со инсталациите на Ивана изложени на настанот и произлезе продукт како модна фотосесија. Мојот стил од досега приложеното е главно минимализам и цврсто дефинирани форми, автентичен и авaнгарден. Од изборот на материјалите до самиот дизајн, делата карактеризираат естетика базирана на минимализам, апстрактност и футуризам – своевидна сајбер-мода.
>>Во таа смисла колку твојот моден стил е резултат на модерното дигиталното време и новите технологии и медиуми?
- Напливот на технологијата во секојдневното живеење донесе и нови платформи и медиуми за изразување на креативнат аинспирација на уметниците и дизајнерите. Мојот стил е резултат на модерно време.
>>Минатата недела се врати од Љубљана, каде што се претстави на Месецот на дизајн, со какво искуство се врати од таму?
-Во Љубљана бев неколку дена на Месец на дизајн кој трае од 6 октомви до 6 ноември. Учествувам на интернационална изложба наречена Brands and Signs каде што се претставени селектирани дизајнери од цела Југоисточна Европа од областа на продукт-дизајн, ентериер и мода. Освен на изложбата Brands and Signs, дел сум и од поп-ап продавницата која ќе биде отворена во тековниот месец каде што се продаваат и мои дизајни на облека. На изложбата се претставив со фустан од моја постара колекција Future warrior. Во програмата на месец на дизајн присуствував и на вмрежувањето на дизајнерите со модните индустрии и се здобив со контакти за продажба и промоција како идни соработки. Следев од програмата на MODLји други проекти како Stage 180, Round table и Identity.
>>Да напоменеме дека не се ново име на македонската сцена, ама едно одредено време паузираше, за во последниве месеци да се вратиш појавувајќи се на повеќе настани. Како планираш понатаму да делуваш и на што следно ќе се фокусираш?
-Во јавноста прв пат се појавив како моден дизајнер пред 5 години, а дипломирав пред 4 години. Почнав да се појавувам на Моден викенд-Скопје и слични настани уште како студент. Во тој период учествував и во проектот на „Пелистерка“ како еден од селектираните студенти од моден дизајн. Претходната година за прв пат се појавив со ревија и поп-ап дизајнерско изложување и надвор од земјата. Во Австрија учествував на интернационално модно шоу и продажна изложба, а бев номинирана и за наградата од Kastner&Ohler за најдобар моден дизајнер. Годинава се појавувам во Словенија на Месец на дизајн. Во меѓувреме работев во неколку текстилни компании и се надоградував технички. Работев и на различна сегментација на модата преку различни нарачки/клиенти. Скицирав и костими за идни театарски претстави. Годинава се појавив на дизајнерска поп-продавница, сакав да се сретнам лично со потенцијалниот пазар. Понатаму, забележав дека како се претставувам на еден настан, преку истиот имам покана за нареден. Следно планирам да се посветам во продуцирање нови дизајни.
Нема коментари