Магепсана од стариот филигран како форма на креативно изјаснување, дизајнерката Марта Пејоска една деценија во своите креации ја осовременува оваа исклучителна техника на создавање на накит. А кога во инспирацијата ќе се вмеша нејзиниот роден Охрид, синилото на езерото, архитектурата и богатото наследство, тоа не само што резултира со креирање накит со референци на градот, туку и со желба и предизвик токму таму да отвори свое ателје во кое ќе создава, изложува и продава свои креации. Сега имате уште една причина да го посетите Охрид и во срцето на стариот дел од градот, меѓу малите улички кои водат накај славната црква Св. Софија, да го пронајдете ателјето на Марта и да си одберете парче концептуален накит со силен дизајнерски печат.
>>Во Охрид минатото лето заедно со Јана Ацевска, Дафина Џепароска и Билјана Клекачкоска се претстави на заедничката изложба „Во синило те намамив“, потоа истата изложба која е директно инспирирана од Охрид ја видовме во Скопје, а твојата дизајнерска приказна повторно нè води во Охрид, бидејќи токму таму отвори свое ателје и галерија…
-Ателјето со галерија „Марта Пејоска“ се отвори на 19 јули. Се наоѓа на главната туристичка улица „Цар Самуил“ бр.52 во стариот дел на градот Охрид, која води од плоштад накај црквата Св.Софија. Идејата да се отвори ваков простор ја имав од поодамна и после соодветниот период потребен за обмислувањето и изведба на целиот просторен концепт градот Охрид го доби своето прво приватно ателје со галерија за современ накит и филигран. (www.martapejoska.com)
Ателјето, односно работниот дел и галеријата т.е. изложбениот дел коегзистираат во еден единствен простор. Процесот на изработка на едно парче накит не бара премногу простор, а и самиот начин на работа наоѓа на голем интерес кај публиката, посебно кај странската, така што тоа беше еден од клучните фактори просторот да се концепира токму така. Позади камените зидови на приземното ниво на мојата фамилијарна куќа изградена во традиционален архитектонски стил се крие современиот ентериер на галеријата минималистички концепиран, сиот обоен во бело со само неколку дрвени детали кои доловуваат одредена рустичност и за момент асоцираат на препознатливиот архитектонски и уметнички контекст на стариот дел на градот Охрид.
>>Што има толку магично во Охрид како инспирација за твојот накит, но и како предизвик таму да отвориш ателје со галерија?
-За сета охридска природна убавина, за големото синило, за традиционалната архитектура, за духовното и материјално културно наследство т.е. за Охрид како инспирација може да се зборува и зборува и зборува. Сум имала среќа да се родам токму тука, да живеам во стариот дел на градот и од блиску да го доживувам езерото. Да се отвори токму тука ателје со галерија за современ накит и филигран е предизвик само по себе но и според мене постоењето на еден ваков простор е и потреба како на градот така и на модерното време во кое живееме.
>>Ако не се лажам, твоето ателје е на истото место каде што беше галеријата на твојот татко, познатиот сликар Живко Пејоски. Колку неговиот креативен свет, неговото уметничко делување во Охрид, семејната уметничко-архитектонска атмосфера влијаеја врз градењето на твојот креативен универзум?
-Моите ателје и галерија се наоѓаат во непосредна близина на тие на татко ми кои сè уште постојат како такви, меѓутоа веќе ретко се отворени за публика. Она што го направив јас е всушност продолжување на уметничкото творештво во нов простор и во нова насока, односно заокружување на 10 години поминати со филигранскиот занает и уште 20 години растење и развивање на една личност во уметничко-архитектонски контекст. А влијание секако дека постоеше, но никогаш не беше наметнато како такво, нити пак како обврска, повеќе беше присутно како насока, кон една различна филозофија и култура на живеење.
>>Кои мотиви ги употребуваш во создавањето накит, а кои материјали ти се омилени?
-Јас работам главно со сребро, филигранско сребро и досега не сум имала потреба да го мешам со други разнородни метали и материјали. Скапоцените камења како додаток не ретко ги користам. Меѓутоа за изложбата „Во синило те намамив“ за прв пат употребив природни камчиња, од брегот на Охридското Езеро, кои фантастично се вклопија во парчињата и беа доживеани како еден нов и поинаков став на дизајнерот.
>>Според тебе кој е највозбудливиот дел од работата во филигран?
-Со оглед на тоа што процесот на изработката на едно парче ми почнува од иницијалната идеја „запишана“ на скиц-хартија, па се развива до краен технички цртеж и дури потоа „оживува“ преку сребрената жица, возбудата и при „фантазирањето“ на хартија и при создавањето на работнатата маса е подеднаква. Меѓутоа, понекогаш се случуваат одредени моменти кои се крајно возбудливи, како на пример, кога во текот на работата откривате нови начини како едно нешто технички поинаку да се изведе или како едноставно да се реши некоја комплицирана замисла. А чувството кога парчето е готово и за прв пат го држите во рака како такво е неописливо.
>>Како успеваш од една стара техника на изработка на накит, да созададеш модерно парче накит? Како ги спојуваш традицијата со современиот дизајнерски израз?
-Конкретен одговор односно формула за тоа нема. Или ве бива и сте умешни да го направите тоа или не, хаха. Токму тоа е уште еден предизвик во мојата работа кој посебно ме инспирира и во кој што дополнително уживам. Успешноста и умешноста на еден дизајнер да прикаже способност и јасно покаже став не доаѓа преку ноќ, туку се темели на континуирана и макотрпна работа, постепено себе надградување и развивање во технички, креативен и умствен поглед, што исто така резултира и со успешно создавање на своја препознатлива авторска линија.
>>Кој момент беше клучен да одлучиш да се занимаваш со изработка на накит и како оваа страст соодејствува со твојата професија на архитект?
-Оваа страст моментално ми е примарна професија која што се надевам дека ќе остане како таква и дека ќе се развие во нешто многу повеќе и многу поголемо. Клучниот момент беше храбра одлука која што морав многу одговорно да ја донесам во конкретен момент во мојот живот! И се покажа како вистинска. Што се однесува до архитектурата, таа е постојано тука негде, се појавува од време на време во концептуални форми. Меѓутоа, основата на мојата работа, процесот на обмислување, начинот на креирање и перцепирање на нештата ми се архитектонски. Јас сум архитект кој твори во полето на дизајнот користи сребрена жица како медиум и создава архитектонски концепирана нослива уметност во форма на накит. Накратко јас сум архитект за накит!
>>Во какви проекти, изложби и обуки учествуваше изминатиот период и какви ти се плановите за 2014?
-Би споменала неколку побитни настани (проекти) кои ми го одбележаа изминатиов период од две години. Имено минатото лето имав ретка прилика да бидам дел од еден проект на National Geographic / Western Balkans Geotourism Mapguide за промоција на Балканот. За потребите на проектот беа снимени неколку кратки филмови за земјите на Балканот, односно за уметноста, културата и традицијата, алтернативниот туризам, храната, фолклорот и звуците на балканот итн. Јас бев единствена од Македонија вклучена во приказната за уметноста на Балканот. Видеото може да се погледне тука http://www.balkansgeotourism.travel/theme/living-art. Истото тоа лето бев дел и од првата интернационална летна школа за архитетура и дизајн во Охрид „Архитектурата како перформанс„ во организација на Универзитетот Американ колеџ од Скопје. Јас бев гостин/предавач како архитект/дизајнер кој се занимава со применета уметност, со излагање со наслов „дизајнот како архитектура / занаетот како алатка“’. Потоа следеше изложбата „Во синило те намамив“, авторски проект на Јана Ацевска, Билјана Клекачкоска, Дафина Џепароска и јас кој по успешното претставување во Охрид во склоп на фестивалот Охридско лето во август 2013 година, за каде што првенствено и беше наменет, доживеа свое второ претставување во мај оваа година во Музејот на град Скопје. Секако главниот настан се отворањето на моите ателје и галерија со што мислам дека големите планови за 2014 се веќе остварени, така што сега веќе се подготвуваат тие за 2015год.
Нема коментари