Капетан Америка, „Војна на ѕвездите“, велосипеди, архитектура, флорални детали, разни симетрични и асиметрични шари се само дел од дизајните на платнените патики и епадрили што младата креативка Марина Зоксимовска ги создава под својот бренд „Клауд дизајн“. Шарените патичиња наменети за двата пола можеа да се погледнат и набават на изминатите неколку изданија на традиционалниот „Љубовен базар“ во кафе-барот „Љубов“. За кратко време станаа доста популарни, па често може да налетате на фотографија со нејзин дизајн на Инстаграм и на Фејсбук. Честата неуспешна потрага по уникатни патики низ нашите продавници ја натерало Зоксимовска самата да почне да создава модели што ќе ѝ одговараат.
- Секое мое купување на патики е кошмар, моделите и дизајните кои ги сакам не можам да ги најдам во нашите продавници, па почнав да нарачувам од надвор . Уникатнста ми е многу битна, обично тоа што го носам, не сакам да го видам на некој друг, така се роди и идејата за шарените патичиња. Откако изложував рачно цртани торби на „Љубовниот базар“ решив да дизајнирам и патики, да видам како ќе помине. На мое изненадување интересот и прифатеноста се огромни-ја почнува Марина својата приказна.
Моментално работи само на боењето и украсувањето на моделите. Омилена техника ѝ е акварелната, вели таму има голема слобода за шаренила и правење магија. Дизајните се претежно нејзини, но има и такви по желба на купувачот.
- Приказни има многу. Засега, омилени ми се патичињата со Капетан Америка и со Star Wars кои се изработени по желба на клиентите…Насмевката и радоста на сопствениците не се опишува со зборови :). Инспирација добивам од секојдневието кое ме опкружува и од моменталното расположение. Сугестии секако дека има и истите ги прифаќам ако гледам дека има простор на самиот модел за такво нешто. Профилот на луѓе кои сакаат уникатни патичиња е буквално секаков, од мали дечиња до возрасни клиенти, што мене искрено многу ме радува и прави среќна бидејќи секој сака да има уникатно патиче само за себе-вели таа.
После првото изложување на патичињата го основала брендот „Клауд дизајн“. Името доаѓа од мотивот (облачиња) на еден од моделите на патики…Приказната зад истите вели дека е многу лична.
- Имам големи многу планови за развој на „Клауд дизајн“. Ќе има нови патичиња. Читателите нека очекуваат уште многу уникатност и шаренила на истите. Се крчка и соработка со еден од нашите најфраерски дизајнери на маички (не откривам сè уште за што станува збор). Засега ќе се задржам до креирањето на патичиња, тоа ме исполнува и радува, за понатаму не се знае, може да има и нешто друго, не велам не :).
Моментално шарените патики може да се купат на „Љубовниот базар“ и на Фејсбук страната „Клауд Дизајн“. Таму има поголем дел од моделите кои досега ги има изработено.
Марина одамна негува афинитет кон модата и додатоците. А се има школувано и во таа насока.
-Интересот се разви уште додека бев во средно училиште, завршив во уметничкото училиште во Скопје – отсек моден дизајн, па од таму и нтересираност за модата и модните додатоци. Имам посетувано курсеви и работилници на кои нè учеа на стари занаети, како плетење, везење, ткаење, но тоа што сега го правам е сосема поразлично. Работењето во една од нашите модни куќи имаше и влијание на тоа што сега го правам. Во врска со ангажманите, ќе издвојам неколку : првата соработка беше со една продавница за рачно изработена обека, таму имав дел во кој имаше мои рачно исцртани марами, изработени од свила. Од таму се разви и идејата да пробам на цртам и на други платформи, како на маички, исцртување уникатни фустани итн-вели таа на крајот.
Нема коментари