Битолската дизајнерка Лили Кадинска за својата следна модна колекција си зададе необична задача да ја анализира и аплицира на своите креации иконографијата од еден од најкултните филмови во историјата, „Пеколен портокал“ од Стенли Кјубрик. Резултатот ќе го видиме на 26 октомври, на модната ревија на етикетата на Кадинска, Le Brand , кога ќе биде претставена нејзината колекција за пролет-лето 2015. Дизајнерката изминатиот период успешно ја анимира модната публика во родниот град преку повеќе модни настани, изложба на проектот „Моја инспирација“, предавања и претставување колекции преку перформанс со познати личности од Битола. Ова е навистина за поздравување, бидејќи мода има и треба да има и во другите места, а не само во главниот град. Неодамна имаше презентација на свои креации преку визијата на неколку блогерки, а веќе во недела, во салонот на Ауди-Порше Македонија Лили ќе претстави нова колекција наменета за следната сезона. Ни кажа дека основниот инспиративен бран го поврзува со минимализмот, сценографијата и костимографијата на „Пеколен портокал“, што за неа е една безвременска филмска естетика. Процесот на креирање и создавање на моделите ја однесе до контрастот, суптилната употреба на геометриските елементи чија функција во случајоте главно естетска.
-Користам само четири бои, бела, портокалова, темно виолетова и црна. Доминантна е белата боја, а сите останати се тука за да ја разиграат колекцијата, да го надополнат концептот и да го создадат неопходниот комерцијален момент. Линиите се едноставни, прави и строги, одвреме навреме има по некој карнер, чија задача е да ја разигра колекцијата. Има минималистички конструктивни решенија во однос на кројот, генерално во горниот дел. А големите отвори во однос на шлицови се карактеристични за долните делови. Материјалите се цврсти, како вискоза и памук со мал процент на еластан – ни откри Кадинска за новата колекција.
Според дизајнерката, Le Brand и овојпат нуди креации кои имаат мултипрактична намена со цел да се испочитува потребата на потрошувачите и клиентите за парче облека кое ќе ја има улогата на мал црн фустан,само што нема да биде црн во случајот.
-Тоа се модели кои може да се носат исполнувајќи ги секојдневните обврски, како работа, попатно кафе со пријателки и вечерно излегување – вели Лили.
Претставувањето на новата колекција е замислено како класична модна ревија, а според неа Моден викенд-Скопје е одлична можност за претствавување на тековните колекции на дизајнерите.
-Очекувањата во однос на мојата колекција се поместени за неколку месеци подоцна, со оглед на тоа дека колекцијата која што ќе ја претставам е наменета за пролет-лето 2015 – вели дизајнерката која одлучи по светските теркови да претставува колекиција за следната, а не за тековната сезона.
Кадинска неколку пати учествувала на Моден викенд-Скопје, а ќе се ја видиме и на десеттото јубилејно издание на модната манифестација.
-Сметам дека Моден викенд е платформа која вистински помага во промовирањето пред сè на дизајнерите и на она што го работат и го нудат на пазарот. Придонесе во раѓањето на модната сцена, а со тоа и модната публика. Ние сме нација која нема високо ниво на модна свест. Најголема причина за тоа се најверојатно економските прилики во кои живееме. Но, ваквите настани како модни недели, концептуални продавници, сè поголемото присуство на дизајнерите на пазарот, се скалило погоре да и’ се доближи модниот дизајн на публиката со различни профили – ни рече Кадинска.
Изминатиов летен период беше преполн со анганжмани и настани за Кадинска. Како најзначајни го издвојува проектот „Моја инспирација“, а беше задолжена и за изгледот на Ана Василева, водителката на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“.
-Тоа беше еден подолготраен проект со оглед на тоа дека беа осмислени нејзините секојдневни појавувања во сите шест дена колку што траеше фестивалот. Во меѓувреме се случи и еден моден перформанс каде неколку Битолчанки, општествено активни дами ги комбинараа парчињата облека на Le Brandсо парчиња облека од нивниот плакар. Со оглед на тоа дека се покажа како интересен проект кој што пробуди интерес, решив истиот концепт да го применам и во Скопје каде што минатата недела се случи настан со македонски модни блогерки.
Нема коментари